Достапни линкови

Штрков: Би сакал да видам како оваа фото изложба ќе ја прими публиката


Фотографија од втората самостојна изложба на Кирил Штрков што се одржува во Галерија Рудиќ
Фотографија од втората самостојна изложба на Кирил Штрков што се одржува во Галерија Рудиќ

Со колекција фотографии која е еден вид пресек на делата настанати во изминатава декада, во скопската Галерија Рудиќ, од 1 декември се претставува реномираниот фотограф и актуелен претседател на Фото сојузот на Македонија – Кирил Штрков. Ова е негова втора самостојна и прва изложба во земјата.

„Фотографиите на Кирил Штрков се направени во класична традиција на фотографскиот медиум . Оддаваат врвен познавач на неговите технички можности. Онаа традиција од триесеттите која атмосферата ја постигнува со богатството на полутонови.

Урбани пејсажи , природни пејсажи и внатрешни пејсажи. Заедничко на фотографиите е средбата на човекот и просторот. Човекот е обично сам , непрепознатлив , недефиниран поединец. Ако е во група, неговите контури се нејасни. Се движи низ невреме...

...Иако е направен поширок преглед на делата на Кирил Штрков од повеќе фотографски серии, сите тие фотографии заедно оддаваат зрел автор со препознатлива идеа и приод кон фотографијата...“

Со овие зборови Ива Просоли, кустос во „ Музејот за уметност и обрт“ од Загреб, ќе го проследи отворањето на првата самостојна изложба „33“ на македонскиот фотограф Кирил Штрков што се одржа во 2019 година заедно со државната колекција на Фото сојуз на Македонија и колекција на Боро Рудиќ во изложбениот простор на Државниот архив во Ријека, Хрватска.

По две години, Штрков еве го со својата втора поставка и прва во татковината во Галерија Рудиќ, во Скопје со колекцијата која ја крепи веќе претставената идеја водилка, но и колекција збогатена со 7 – 8 нови фотографии снимени во меѓувреме.

И, кога сме веќе тука чисто како потсетување неколку факти од биографијата на фотографот.

Роден 1958 година во Скопје, Кирил Штрков по професија е стоматолог. Член е на Фото клубот „Елема“ од 2014 година и актуелен претседател на Фото сојузот на Македонија.

Член е и на организациони одбори на повеќе домашни и меѓународни фотографски манифестации, како и во Организациониот одбор на последните неколку изданија на „Денови на македонска фотографија“.

Во склоп на колекции на фотографии на ФСМ, како и на клубски изложби на Фото клуб „Елема“ учествувал со свои фотографии во повеќе држави низ светот.

Инаку, Штрков е носител на титулата „Фотограф 1-ва класа“ на Фото сојуз на Македонија и добитник на повеќе од триесетина награди на домашни и меѓународни натпревари.

Две негови првонаградени фотографии од „Ровињ фотодејс“ се чуваат во реномираниот „Музеј за уметност и обрт“ во Загреб.

Кирил Штрков фото: Катја Штркова Кочовска

Колку и да звучи чудно на фотографот Кирил Штрков му се случи првото самостојно претставување во татковината, во Македонија, да го има по она од пред две години одржано во Ријека, во Хрватска. Зошто? Што беше причината за ваквиот след на настаните?

Причините беа повеќе субјективни. Не би можел никого да обвинам за тоа. Едноставно се случи така како што се случи. Изложбата во Ријека беше предвидена за тука. За Скопје. Планот беше таа да се одвива во Галерија Рудиќ, но сплет на околности доведе до тоа работите да земат поинаков тек. Притоа не би сакал да ја спомнувам оваа банална ситуација со пандемијата која што ја живееме и на која, многу често, и се „вадиме“, но, објективно тогаш беше проблем да се направи таа изложба. Навистина се сретнавме со нешто ново, нешто многу опасно како што се виде. Изложбата беше по покана од организаторот во Ријека и малку, што би рекле штипјани, „не превари“. Дојде малку порано. Но, ние со колегата Боро Рудиќ имавме испечатено материјали, се подготвувавме во неговата Галерија и, пак ќе речам, се случија работите како што се случија и изложбата замина за Хрватска.

Колку ова што сега и го претставувате на публиката овде дома е поразлично од она што веќе го понуди поставката насловена како „33“ ?

Идејата останува иста, но изложбата си растеше. Во меѓувреме, во овие две години, се случија и некои нови фотографии кои некако, јас би рекол, ја надополнуваат. Бидејќи тоа се мои фотографии од изминатава декада се чувствува таа промена на пристап, можеби зрелост за што останува да кажат луѓето што се бават со фотографија. Структурата не се промени. А, приодот беше сторен со помош на Боро Рудиќ кој е доста искусен и кој добро знаеше да ја најде врската меѓу фотографиите. Изложбата во Ријека беше насловена „33“ според бројот на застапените фотографии, а овде во неговата галерија одиме со триесетина од кои седум – осум се новоснимени. Сепак, мислам дека тој естетски, визуелен момент не е ни малку променет.

И, по ваквото самостојно „деби“ на еден зрел и искусен фотограф, размислува ли Кирил Штрков можеби за почести средби со публиката? Со љубителите на фотографијата во Македонија. Не се сомневам дека вашата лична колекција е преполна со дела што треба да бидат прикажани.

Искрено кажано јас имам многу материјал. Многупати со Рудиќ кога сме разговарале доаѓаме до констатација дека има многу интересни идеи кои се повеќе концепт и кои отскокнуваат од самото прикажување на фотографија. Но тоа се само идеи. Дека ќе биде тоа набрзо не би рекол. Би сакал да видам како оваа изложба публиката ќе ја прими. Како пред се* ќе реагираат моите колеги... Тоа многу ми значи. Велам, имам многу материјал, размислувам за тоа, но веројатно не би се решил многу брзо за еден таков зафат.

А, има ли Штрков разработено некаков концепт кој би отстапил од она што досега го има претставувано на групните фото изложби? Јас, на пример, се чудам зошто досега не сте се решиле да го заокружите во форма на една целина вашиот интерес за сценска фотографија. Имам видено еден куп ваши дела објавувани на социјалните мрежи по одржувањето на некој концерт или претстава каде сте често присутен.

Овде најнапред ќе го спомнам Зденко Петровски кој со својата фото книга ни претстави едно навистина капитално дело. Материјалот што тој го претстави мене лично ми даде еден вид полет за таква идеја, но уште еднаш ќе кажам дека некако работите треба да созреат. Да си дојде се на свое место. Ме има често на Скопски џез фестивал, на многу други концерти, згора љубител сум на танцовите претстави. Имам доста снимки, купишта фотографии од тие настани, но зошто досега не ми се случила таква изложба со сценска фотографија, или ако сакате и фото книга, навистина не можам да дадам одговор. Концептот е многу интересен и се надевам дека во догледно време ќе смогнам сила и да го претставам пред публиката.

Кирил Штрков е долгогодишен претседател на Фото сојузот на Македонија. Што се случува таму? Ќе има ли во скоро време групно претставување на неговите членови?

Фото сојуз на Македонија како асоцијација организира неколку изложби. Ќе ги спомнам меѓународната изложба Фото медија, потоа онаа на Фото-кино клуб „Козјак“...а имавме и неколку настапи како „Актуелен момент во македонска фотографија“, кој се надополнува во година-две, и...скоро се одржа и „Фото есеј“ на Фото клуб „Елема“. Ете тоа се тие изложби зад кои стоиме со постојниот наш габарит, но морам да кажам и тоа дека за нив медиумите како да не покажуваат некој голем интерес. Можеби е вината до нив, а можеби и до нас. Како и да е, би требало во иднина да се бориме и избориме за поголема видливост на уметноста, на фотографијата и фотографите во земјава.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG