Достапни линкови

Членовите на „Лев Тахор“ имаат привремен престој - власта повика на толеранција


Член на групата Лев Тахор
Член на групата Лев Тахор

Како што вели Пепо Леви, од Еврејската заедница на Македонија, се работи за мирољубива група со свои сфаќања, но немаат никаков контакт со нив.

Од Босна преку Црна Гора до Куманово и сега во Скопје, ова е патот кој изминатиов месец го минаа членовите на еврејската религиозна група, позната под името Лев Тахор. Во Македонија прво дојдоа во Куманово. Но, името на групата со која се врзуваат повеќе контроверзии, нивните религиозни практики како и невообичаен изглед - црната облека кај жените и девојчињата, или специфичната облека кај мажите не мина незабележана меѓу локалното население.

Така, групата стана предмет на страв, по што следеа закани и фрлања предмети кон куќата каде под закуп беа сместени нејзини членови. Затоа полициско обезбедување имаше при нивната преселба вчера, од Куманово во Скопје. Станува збор за 37 лица. Од нив 18 се деца.

Како што вели Пепо Леви, од Еврејската заедница на Македонија, се работи за мирољубива група со свои сфаќања, но немаат никаков контакт со нив.

„Се работи за Евреи, меѓутоа како што има во сите вери, исламска, православна католичка, сегде има некои групи и групации, така има и кај Евреите. Ова е една група на Евреи, т.н. лев Тахор, која е прилично мирољубива група. Они беа претходно и во Босна и ние разговаравме и со Босна околу нивното присуство во Босна, тие не правеа никакви проблеми таму“, објаснува Леви.

Вели дека не се опасност, но иако се Евреи, немаат никаква поврзаност со македонската еврејска заедница. Ниту се срамиме, ниту ги негираме, додава Леви. Објаснува и дека секоја ортодоксна група ја практикува верата различен начин. Исто така, замолува да не се создава фобија во однос на еврејството, како и страв дека некој ќе дојде тука и ќе проповеда.

Социологот Илија Ацевски, дел од проблемот со нетрпеливост кон групата од страна на локалното население го гледа во недовербата во системот, но и сложеноста на македонското општество. Сепак, тој не очекува дека оваа нетрпеливост ќе прерасне во нешто поголемо.

„Секое нешто кое е различно и носи обележје од религиска, етничка и културолошка разлика, кога ќе с е појави ненанедојно во некоја средина, кога ќе го забележат луѓето, тие веднаш реагираат. Но она што сега зачудува, е ако тие реакции се малку брутални, насилни, нечекувани. Мислам дека оваа група која се појави ја нема таа димензија, дека може да предизвика некакви поголеми реакции“, смета Ацевски.

Според Ацевски, македонското општество не е отворено за вакви групи. Животот во пандемија, додава, само го засили стравот, па оваа енергија сега се користи за напади кон различните. Како деновиве во Куманово.

Од Министерството за внатрешни работи во неколку наврати преку соопштенија повикаа на толеранција и укажуваа дека групата има привремен легален престој во земјава.

„Лицата за кои прашувате го напуштија Куманово и во моментов се во Скопје. Потсетуваме дека овие лица ги почитуваат законите на Република Северна Македонија, се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава. Наведената група не претставува никаква опасност и апелираме на толеранција и солидарност кон истите“, соопштија од МВР.

Во групата има американски, канадски, белгиски и граѓани од Јужна Америка. Сите имаат легални патни исправи и имаат одобрен престој во земјава. Тука се од минатата недела. Од МВР не прецизираат на колку дена е издадена нивната дозвола за привремен претстој, но посочуваат дека ваквите дозволи најчесто се издаваат на 90 дена. Не ја откриваат локацијата на која се сместени во Скопје, поради страв да не се повторат случувањата во Куманово.


Кои се всушност Лев Тахор?

Групата е основана во 1988 година од Шломо Хелбранс кој починал во 2017 година. Лев Тахор, како што ја опишуваат некои од западните медиуми, следи фундаменталистичка форма на еврејска практика и се придржува до сопствените нетипични толкувања на еврејскиот закон, меѓу кои долги молитви, договорени бракови меѓу тинејџери, а женските деца над три години почнуваат да носат црни покривки од глава до долу.

Проценките сега се дека имаат околу 250 членови. Буквалниот превод на името на групата е „чисто срце“.

Пред да дојдат во Македонија беа во Босна и Херцеговина од каде што заминаа на трети февруари кога се ближеше крајот на нивниот 90-дневен безвизен престој во таа земја. Таму беа сместени во источно Сараево, а како што соопшти полицијата често добивале пријави од локалното население дека „биле чудно облечени и гласно се молеле“.

Тие претходно престојуваa во Гватемала, а тамошните власти лани во октомври запреа два автобуса со членови на Лев Тахор кои сакале да одат в Мексико, а од таму наводно во Иран и да побараат азил, а сопрени биле на барање на израелските и американските власти, кои стравувале дека Техеран би можел да ја искористи заедницата за преговори.

Некои од членовите на Лев Тахор беа обвинети за злоупотреба на деца, поради што и често го менуваат местото на живеење. Лидерите на Лев Тахор лани во април беа обвинети во Соединетите Американски Држави за малтретирање деца. Конкретно, според обвинението објавено на американското министерство за правда, водачите на екстремистичката еврејска секта беа обвинети за учество во шема за киднапирање на 14-годишно девојче во Њујорк за да ја изнесат преку граница и повторно да ја спојат со нејзиниот возрасен сопруг во Мексико.

Од ФБИ тогаш им се заблагодари на нивните партнери во Мексико и Гватемала за соработката во откривањето на лидерите на Лев Тахор, а тамошните власти тврдеа дека децата во групата често се предмет на физичка, сексуална и емоционана злоупотреба.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG