Достапни линкови

Вести

Пендаровски засади даб во спомен на жртвите на холокаустот

Македонскиот претседател Стево Пендаровски засади македонски даб, во спомен на холокаустот на македонските Евреи во логорот Треблинка
Македонскиот претседател Стево Пендаровски засади македонски даб, во спомен на холокаустот на македонските Евреи во логорот Треблинка

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска во дворот на Кабинетот засади дрвце, македонски даб, во спомен на жртвите од холокаустот на македонските Евреи во логорот на смртта Треблинка на 11 март 1943-тата година, а и истовремено, во негово име, а во соработка со амбасадата на Израел, дрво беше засадено и во Ерусалим, во парк шумата на мирот, Амандав, соопшти денеска Кабинетот на Претседателот.

Истакнувајќи дека садниците се израз на почит кон малубројната, но исклучително значајна еврејска заедница во Македонија, претседателот Пендаровски во својата порака рече дека со векови, еврејската заедница била плодно стебло на македонската почва.

„Наша желба, како држава и како луѓе, е еврејската заедница одново да израсне во плодно стебло. Нивните корења нека се напојуваат од сеќавањата, а гранките нека носат надеж за иднината", потенцира претседателот Пендаровски.

Во текот на Втората светска војна биле убиени над шест милиони Евреи. Само во логорот Треблинка за околу една година биле убиени околу 900.000 жени, мажи и деца, а меѓу нив биле и 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип коишто претставувале дури 98 проценти од македонската еврејска заедница.

види ги сите денешни вести

Собранието ги констатира оставките на Таравари и двајца заменици министри

илустрација
илустрација

Собранието денеска (20 мај) ја констатира оставката на министерот за здравство Арбен Таравари. Констатирани се и оставките на замениците министри во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фљакрон Беџети и во Министерството за одбрана, Елфет Исмаили.

Заменик претседателката на Собранието Весна Бендевска појасни дека согласно собранискиот Деловник тие имаат право да ја образложат оставката, но, оти до почетокот на оваа 49-та седница не побарале да го направат тоа, по што беа констатирани оставките.

Потоа беше предложен дневен ред на седницата, но, по процедуралната забелешка на Сашко Јанчев од Левица беше дадена пауза во траење од еден час.

Барањето за пауза, како што појасни Јанчев е поради тоа што службите на Собранието и генералниот секретар го игнорираат барањето на Левица за информации за исплатени патни тошоци на пратениците во Собранието поединечно за секој пратеник. Тој најави дека ќе бараат по еден час пауза на секоја седница се додека не ги добијат бараните информации.

Таравари ја поднесе својата оставка на 15 мај, по несогласувањата во коалицијата ВРЕДИ, откако крилото на АА на Таравари реши на локалните избори да излезе со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии во ВРЕДИ го обвинија за соработка со опозициската ДУИ и одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.

Алијанса на Албанците има 5 пратеници, од вкупно 14 колку што има коалицијата ВРЕДИ.

Таравари имаше и една средба со премиерот Христијан Мицковски, по која премиерот кажа дека со или без Таравари во Владата, таа е стабилна, цврста и со големо мнозинство.

Уставен ги укина членовите од Изборниот закон со кои се крена прагот за собирање потписи на независните кандидати и листи

илустрација
илустрација

Уставниот суд ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои се крена прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори.

Законските одредби, за кои на 26 февруари годинава Уставниот суд поведе постапка, значеа дека независните кандидати и листи за да се најдат на гласачко ливче, треба да соберат потписи од еден отсто од вкупниот број гласачи запишани во конкретната изборна единица (ако станува збор за парламентарни избори) или општина (ако станува збор за локални избори).

Оспорен е процентот во членовите 17 и 18 од Изборниот законик. Со тие членови се наметна обврска на група избирачи да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за кандидати за градоначалник или советници во општините или пак за пратеници во Собранието.

Со членот 17 е изменет членот 61 став 1 од Изборниот законик, па така ако претходно беа доволни 1000 потписи за кандидатура, сега со оспорените измени, подносителите на листа за кандидати за пратеници од групата избирачи, добија обврска да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица.

Со членот 18, пак, изменет е член 62 став 1 од Изборниот законик, па сега групата избирачи треба да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за

Во предлог-рефератот судијата известител изрази сомнеж за новите измени од уставна гледна точка, односно дека со нив се повредени темелните вредности на Уставот, правната сигурност и предвидливост, начелото на владеењето на правото. Исто така постои сомнеж дека е нарушен политичкиот плурализам како темелна вредност на уставниот поредок уреден со членот 8 став 1 алинеја 5 од Уставот.

Подносители на иницијативата се Лилјана Поповска и други, како група граѓани.

Ваквите измени беа изгласани на 7 март 2024 година и требаше да важат за локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава.

Американскиот Сенат го потврди амбасадорското место во Франција за таткото на зетот на Трамп

Чарлс Кушнер
Чарлс Кушнер

Американскиот Сенат во вторник (20 мај) го потврди за амбасадор во Франција Чарлс Кушнер, татко на зетот на претседателот Доналд Трамп, кого Трамп го помилува откако беше осуден за манипулирање со сведоци и затајување данок.

Сенатот го потврди Кушнер, кој беше номиниран од Трамп, со 51 глас „за“ и 45 гласови „против“.

Сенаторот Кори Букер, кој ја претставува матичната држава на Кушнер, Њу Џерси, беше единствениот демократ кој гласаше заедно со републиканците на Трамп во негова корист.

Сенаторката Лиза Мурковски од Алјаска беше единствената републиканка која му се спротивстави.

Кушнер се изјасни за виновен во 2005 година по 18 точки од обвинението, вклучувајќи даночно затајување, манипулирање со сведоци и давање нелегални донации за кампањата.

Тој помина две години во затвор, што беше најдолгиот можен рок според спогодбата со обвинителите.

На албанскиот остров на бункерите што зетот на Трамп сака да го претвори во луксузно одморалиште
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 0:07:56 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

Случајот, предводен од тогашниот генерален обвинител Крис Кристи ги вклучи и срамните детали од признанието на Кушнер дека ангажирал проститутка за да го заведе својот зет, човек кој соработувал во истрага за финансирање на кампањата, а потоа го снимил состанокот и ѝ го испратил на својата сопруга, сестрата на Кушнер, за да ја одврати од сведочење.

Во 2020 година, Трамп го помилуваше Кушнер, чиј син Џаред се ожени со ќерката на Трамп, Иванка.

Потврдата на Кушнер за амбасадор не е изненадување, потсетува Ројтерс.

Републиканците на Трамп имаат мнозинство од 53-47 во Сенатот и ги потврдија сите кандидати на Трамп откако тој го започна вториот претседателски мандат на 20 јануари.

Кушнер на сослушувањето во Сенатот изјави дека ги признава сериозните грешки од минатото и дека тие би можеле да му помогнат да биде подобар амбасадор, бидејќи ја платил цената за лошите одлуки.

Членките на СЗО гласаа за глобален договор за подобрување на подготвеноста за пандемии

илустрација
илустрација

Членките на Светската здравствена организација (СЗО) гласаа во корист на потенцијално револуционерен глобален договор за подобрување на подготвеноста за пандемии.

Во корист на предлогот гласаа 124 држави, откако Словачка побара гласање, иако нејзиниот премиер Роберт Фицо инсистираше неговата земја да се спротивстави на усвојувањето на договорот.

Ниту една држава не гласаше против, додека 11 држави беа воздржани, вклучувајќи ги Полска, Израел, Италија, Русија, Словачка и Иран.

„Владите од целиот свет ги прават своите земји и нашата меѓусебно поврзана глобална заедница поправедни, поздрави и побезбедни од заканите што ги носат патогените и вирусите со пандемиски потенцијал“, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Нацрт-договорот, кој ги разгледува структурните нееднаквости во однос на начинот на кои се развиваат лекови или вакцини и здравствени инструменти, следејќи ги лекциите научени од пандемијата на Ковид19, која уби милиони луѓе во текот на 2020-2022 година, ќе биде официјално усвоен денеска на пленарна седница на Светското здравствено собрание во Женева.

Тој сепак, нема официјално да стапи во сила додека не биде договорен анекс за споделување на патогените, што може да потрае до две години, по што државите ќе треба да го ратификуваат договорот.

По три години тешки преговори, договорот е прифатен од многу дипломати и аналитичари како победа за глобалната соработка во време кога мултилатералните организации како СЗО се погодени од наглото намалување на странското финансирање од САД.

Американските преговарачи ги напуштија дискусиите откако претседателот Доналд Трамп почна 12-месечен процес на повлекување на САД од агенцијата кога стапи на должност во јануари. Со оглед на тоа, САД нема да бидат обврзани од договорот.

Претседателката Сиљановска сеуште размислува за предлогот за нов гувернер на Народна банка

Претседателката на државата денеска требаше до Собранието да достави предлог за нов гувернер на Народната банка, за кој, според најавите, парламентот требаше да одлучува утре на пленарна седница.

Но, претседателката Сиљановска Давкова веројатно ќе размислува уште два-три дена, пред да ја донесе конечната одлука.

Во текот на вчерашниот ден, таа разговорала со тројца кандидати, меѓу кои, актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска, со Трајко Славески и со Зоран Ставрески.

Петгодишниот мандат на актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска која стапи на функцијата на 22 мај 2018 година, истекува на 21 мај.

„Има неколку кандидати и најважно е да не дојде до тоа да не биде избран кандидат“, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова минатата недела.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека за гувернерската позиција се во игра вонсериски искусни кандидати за кои е убеден дека ќе ја одржат макроекономската стабилност.

Еден од условите за поддршка на кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ и Владата, според Мицкоски, е стриктно бранење на фиксниот курс на денарот.

„Очекувам в понеделник да биде информирано Собранието, на 20-ти ќе има седница, разговарав со претседателот на Собранието за дополнување на дневниот ред на 20, така што рокот ќе биде испочитуван“, рече Мицкоски минатата недела на новинарско прашање.

Функцијата гувернер на централната банка пред Ангеловска Бежовска ја извршуваше Димитар Богов (2011-2018), а претходно Петар Гошев (2004-2011), Љубе Трпески (1997-2004) и Борко Станоевски (1986-1997).

Во првиот круг од претседателските избори во Полска, голем успех на крајната десница

Проевропскиот градоначалник на Варшава, Рафал Часковски
Проевропскиот градоначалник на Варшава, Рафал Часковски

На вчерашниот прв круг од изборите за претседател на Полска, кандидатот на владејачката коалиција, проевропскиот градоначалник на Варшава Рафал Часковски, освои 30,8 отсто од гласовите, а неговиот ривал, кандидатот на конзервативните националисти од партијата Право и Правда, Карол Навроцки, освои 29,1 отсто.

Сепак, неочекуван успех доживеа крајната десница, кога Славомир Менцен од радикалната националистичка Конфедерација, според прогнозите за исходот, освои 15,4 отсто и е трет, а на четврто место се најде Гжегож Браун со неочекувани 6,2 отсто од гласовите.

Ако официјалните резултати ги потврдат излезните прогнози, вториот круг на 1 јуни ќе биде уште понеизвесен од предизборните анкети.

За вториот круг, поважни од поединечните проценти за кандидатите, според оценките на аналитичарите, се вкупните проценти на гласови на кои може да смета концептот на проевропска Полска, со независно судство и медиуми и силно граѓанско општество, и Полска по углед на Унгарија на премиерот Виктор Орбан.

Проевропските, демократски кандидати во првиот круг освоија 39,7 отсто од гласовите, додека конзервативците од опозициската партија Право и Правда заедно со радикалните националисти и крајната десница освоија 51,5 отсто од гласовите.


Карол Навроцки во првата реакција на изборната прогноза предупреди на опасноста, владејачката коалиција на премиерот Доналд Туск да добие монопол на власта во Полска, бидејќи има мнозинство во двата дома на парламентот, а ако Навроцки биде поразен, ќе има и претседател.

- Ова е момент да ја спасиме Полска, побара Навроцки поддршка од Менцен, а на премиерот Туск му се закани дека ова му е последен момент да обезбеди вториот круг да биде фер.

- Ангажирањето на институциите во изборната кампања ја урива довербата на Полјаците во институциите. На 25 мај ве повикувам на голем марш. Мораме да го запреме тој поход на Туск кон монопол на власта, рече Навроцки.

Право и Правда на Јарослав Качињски имаше мнозинство во парламентот, а 10 години и претседател – Анджеј Дуда, кого неистомислениците го нарекуваа „претседател пенкало“ бидејќи ги потпишуваше сите реформи и закони што му стигнуваа од неговата партија.

Пресврт во Романија: Според излезните анкети прозападниот Дан води пред десничарот Симион

Никусор Дан со членовите на неговиот изборен тим
Никусор Дан со членовите на неговиот изборен тим

Независниот кандидат, градоначалникот на Букурешт Никусор Дан, е на пат да победи на претседателските избори во вториот круг против ултранационалистичкиот кандидат Георге Симион.

Анкетите на Авангарда и CURS ја процениле победата на Дан со нешто повеќе од 54 отсто од гласовите на изборите одржани во неделата, на 18-ти мај.

Победата на Дан се гледа како резултат што ќе ја задржи Романија на нејзиниот прозападен курс.

Романија е сведок на изборен пресврт по триумфот на десничарскиот кандидат Симион во првиот круг од изборите одржан на 4-ти мај.

Тоа е и пресврт од резултатите од поништените избори одржани пред шест месеци, на кои победи кандидатот на десницата Калин Ѓорѓеску.

Тие избори беа поништени од Уставниот суд, наведувајќи го руското мешање во изборниот процес во корист на Ѓорѓеску, што Москва го негираше.

Изборите во неделата беа кулминација на повеќемесечната политичка криза што ја потресе Романија, а резултатите покажуваат дека јавноста се префрли од крајната десница кон Никосур Дан, центристичкиот кандидат.

За тоа несомнено придонесе рекордната излезност на изборите во неделата од 64 отсто од гласачите.

Своето право на глас го искористија околу 11,6 милиони гласачи, над два милиони повеќе отколку во првиот круг и повеќе од првичното гласање пред шест месеци.

Првата порака на Никусор Дан

„Има една заедница која ги загуби денешните избори“, рече 55-годишниот Никусор Дан во своето прво обраќање пред своите поддржувачи по затворањето на гласачките места, на митинг во романската престолнина Букурешт.

„Заедница која е огорчена од начинот на кој досега се води политика, толку револтирана што верува дека единственото решение е револуцијата“, рече Дан.

Наша должност е да ги убедиме дека реформите во судството и борбата против корупцијата ќе бидат приоритет“, заклучи тој.

Симеон тврди дека победил

Симион, водачот на партијата АУР (Сојуз за Сојузот на Романците), ги отфрли резултатите од излезните анкети, велејќи дека неговите податоци покажуваат дека победил со околу 400.000 гласови.

„Јас ќе бидам претседател на сите Романци, па ќе бидам и ваш претседател“, рече Симион во своето прво обраќање пред приврзаниците во Букурешт, непосредно по објавувањето на првите резултати од анкетата.

Тој тврди дека победил на изборите.

„Им благодарам на милионите луѓе кои ја овозможија оваа победа. Тоа е победа на човекот кој требаше да биде претседател на Романија, тоа е победа на Калин Горгеску“, рече тој.

Кој е Никусор Дан?

Дан влезе во политиката во 2015 година, ветувајќи дека ќе се бори против корупцијата во главниот град.

По професија математичар, докторирал на Универзитетот Сорбона во Париз во 1998 година, по што се вратил на работа во Математичкиот институт во Романија.

Во тој период почнува да се занимава како активист за прашања поврзани со дивоградбите, урбанистичкото планирање и заштитата на културното наследство.

Дан не е член на ниту една партија, победи во трката за градоначалник на Букурешт како независен кандидат, а сега тоа го направи и на претседателските избори.

Кога станува збор за надворешната политика, Ден зборуваше за одржување блиски односи со САД, со конзистентен проевропски став.

Во однос на овластувањата, претседателот го назначува премиерот со одобрение на парламентот и ја претставува Романија на самитите на НАТО и ЕУ. Може да го искористи и правото на вето во ЕУ.

Кој е Георге Симион?

Симион вети дека целосно ќе ја смени политиката на Романија, усвојувајќи евроскептичен став во Европската унија и ставајќи крај на поддршката за Украина.

Тој ја нагласи и идеолошката поврзаност со „движењето MAGA“ („Make America Great Again“, слоган на кампањата на Доналд Трамп).

Во тоа име, тој на интернет објави фотографија на која носи црвена бејзбол капа и натпис „Трамп ја спаси Америка“.

Мицкоски најави големи промени и во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ

Христијан Мицкоски, архивска фотографија
Христијан Мицкоски, архивска фотографија

Големи промени во ВМРО-ДПМНЕ и Владата кон крајот на годината, по редовниот конгрес на партијата најави партискиот лидер и премиер Христијан Мицкоски во денешното обраќање на Конференцијата на Унијата на жени на владејачката партија. Додаде дека „кој ќе се покаже во работата ќе остане, а на другите ќе им се заблагодари“.

Мицкоски кажа дека очекува убедлива победа на локалните избори, но и политичка пензија за лидерот на ДУИ Али Ахмети. Според него кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во сите општини воделе 3 до 4 пати споредбено со кандидатите од опозицијата. Најави дека нивните имиња ќе се објават во два циклуси, од кои првиот ќе биде кон крајот на месецов.

Во своето обраќање премиерот упати жестоки критики кон доскорешниот владин партнер Арбен Таравари, кој одлучил да биде маша на ДУИ, која како што рече, од него побарала да објави самостојни советнички листи со цел да брои повеќе советници од ВРЕДИ.

Мицкоски се осврна и на договорот за стратешко партнерсво со Обединетото кралство и инвестицискиот циклус од 6 милијарди евра. Тој уште еднаш го нарече историски, нагласувајки дека ќе ја зајакне македонската економија и ќе отвори нови работни места.

Во израелските воздушни напади загинаа најмалку 100 луѓе во Газа

Илустрација
Илустрација

Во израелските воздушни напади загинаа најмалку 100 Палестинци низ Појасот Газа во текот на ноќта, соопштија во неделата локалните здравствени власти, додека посредниците организираа нова рунда разговори за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.

Засега нема коментар од израелската војска, која ги прошири своите напади врз енклавата, убивајќи стотици луѓе од четвртокот, како подготовка за нова копнена офанзива за постигнување „оперативна контрола“ во делови од Газа.

„Имаме најмалку 100 мртви од синоќа. Цели семејства се избришани од граѓанскиот регистар со израелските бомбардирања“, изјави телефонски за Ројтерс Калил Ал Декран, портпарол на Министерството за здравство во Газа.

Израел го блокираше влезот на медицински и прехранбени резерви, како и гориво, од почетокот на март во Газа, во обид да изврши притисок врз Хамас да ги ослободи израелските заложници и да одобри планови кои би можеле да вклучуваат заземање на целиот Појас Газа и контрола на помошта.

Хамас вели дека ќе ги ослободи заложниците само во замена за израелски прекин на огнот.

Зеленски се сретна со папата откако Русија почна голем напад со дронови врз Украина

Архивска фотографија од средбата на Зеленски со папата Лав XIV по инаугурацијата во Ватикан
Архивска фотографија од средбата на Зеленски со папата Лав XIV по инаугурацијата во Ватикан

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со папата Лав XIV на денот на неговата инаугуративна миса на плоштадот Свети Петар во Ватикан на 18 мај.

Украинскиот лидер побара од поглаварот на Римокатоличката црква да помогне во напорите да се запрат борбите во речиси 39-месечната војна на Русија против Украина.

Папата Лав Четиринаесетти се сретна со Зеленски на 18 мај, откако беше официјално поставен, и тоа беше една од неколкуте приватни состаноци што ги одржа по церемонијата.

„Измачената Украина чека конечно да се случат преговорите за праведен и траен мир“, рече папата во молитвата по мисата.

Канцеларијата на Зеленски подоцна објави фотографии од украинскиот лидер и папата, заедно со сопругата на Зеленски, Олена и неговите министри за надворешни работи и за одбрана.

„Му благодариме на Ватикан за неговата подготвеност да стане платформа за директни преговори меѓу Украина и Русија. Подготвени сме за дијалог во кој било формат заради вистински резултати“, рече Зеленски.

Претходно, украинскиот лидер се сретна и со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на маргините на церемонијата во Ватикан. Тоа беше нивна прва средба по исклучително жестоката расправија во Овалната соба во Белата куќа во февруари.

Сепак, ниту еден официјален претставник не објави детали за средбата.

Средбата на Зеленски со папата доаѓа неколку дена откако руските и украинските преговарачи ги одржаа своите први разговори лице в лице по повеќе од три години, во обид да ги запрат борбите.

Сепак, немаше голем напредок во овој поглед, но страните се договорија да извршат голема размена на воени заробеници.

Русија ги отфрли повиците од Украина, европските земји и Соединетите држави за 30-дневен прекин на огнот во војната, која сега е четврта година.

Москва започна голем напад со беспилотни летала врз Украина во текот на ноќта, а најновите напади погодија област во близина на Киев и регионот Суми, иако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека ќе разговара со руските и украинските лидери во одделни повици со надеж дека ќе се постигне прекин на огнот.

Украинската војска соопшти дека Русија истрелала 273 беспилотни летала врз украински цели во текот на ноќта на 18 мај, што е еден од најголемите напади од почетокот на инвазијата во 2022 година. Војската тврди дека пресретнала или соборила најмалку 88 беспилотни летала и дека околу 130 не успеале да ги погодат своите цели.

Една 28-годишна жена е убиена, а едно четиригодишно дете е меѓу повредените во напад со беспилотно летало во област надвор од главниот град Киев, изјави регионалниот гувернер.

Еден ден претходно, напад со руско беспилотно летало погоди минибус со цивили во регионот Суми, во близина на руската граница, при што загинаа девет лица, а неколку беа ранети, соопштија украинските власти.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG