Достапни линкови

Над 4 илјади нови вработувања во администрацијата што требаше да се намали


Над четири илјади луѓе се нововработени во јавниот сектор во изминативе три години. Власта на изборите ветуваше намалување за 20 проценти на администрацијата. Во 2019 јавниот сектор броел вкупно 143 илјади административци.

Намалување на администрацијата за 20 проценти беше ветувањето што лидерот на СДСМ Зоран Заев го даде во март 2020 година. Во тој период од министерството за информатичко општество и администрација беше објавен извештај кој го посочува токму спротивното, односно, дека во годината претходно бројот на вработени во администрацијата бил зголемен за речиси 900 нови административци. Заев тогаш изјави дека доколку добие нов мандат администрацијата ќе биде намалена преку два модела.

„Нема да ги бркаме, процес кој е почнат, работи како службеник, а е газда на фирма ќе им се заблагодариме. Ќе им понудиме пакт со стопанските комори, кој ќе склучи договор во приватен сектор бруто плата и 6 отпремнини,“ изјави Зоран Заев, претседател на СДСМ на 15 март 2020 година.

Од Владата и МИОА до објавувањето на овој текст не одговорија на новинарските прашања за дали почнаа со исполнување на предизборното ветување, на пример колку административци во 2020 годија заминале од јавниот сектор, колку од нив го искористиле пакетот со 6 плати отприемнини, ниту колкумина направиле трансфер во приватниот сектор.

Од државно во приватно - нема шанси

Дрилон Исени од Северозападна стопанска комора вели дека пандемијата со ковид -19 созададе услови во кои нема простор за административците во наредни три години да бидат префрлени во приватниот сектор, кој секојдневно бележи намалување на вработените поради тешките услови во кои работат.

„Можноста за администрацијата да се понуди на приватниот сектор остана само на дискусија, без нешто да се формализира или да се стави на хартија. Во тоа време кога зборуваме за тоа Владата имаше интенција да ја намали администрацијата, но сега ситуацијата е сосема поинаква и бизнис секторот е во фаза каде што многу работни места „висат“, вели Исени.

Тој додава дека со години се зборува за потребата од ефикасна и професионална администрација, но ниту една Влада до сега не успеала да најде начин да го намали бројот на вработените во јавниот сектор и воедно да ја направи ефикасна.

„Ниту една влада не најде начин, нити стратегија за тоа. Особено сега во оваа фаза кога се приближуваат локалните избори Владата нема да презема храбри чекори за отпуштање или да им понуди на приватниот сектор дел од работниците, затоа што ќе сака да го одржи социјлниот мир но и да добие политички поени“ додава тој.

Во извештајот што беше објавен лани е наведено дека заклучно со 31.12.2019 година 132,900 луѓе се вработени во администрацијата, што е за 832 повеќе од 2018 година. Дополнително бројот на нововработени во администрацијата во 2018 е за 3345 повеќе од регистрираните административци кои заклучно со 31.12. 2017 година изнесувале 128,722 вработени.

Раст на бројот на вработени покажуваат и безбедносните служби. Според податоците од МИОА во 2019 година во АРМ, МВР, БЈБ и останатите институции за безбедност се вработени 20 169 луѓе, што е за 300 повеќе од претходната 2018 година, додека во 2017 година нивниот вкупен број изнесувал 19 418 вработени.

Во конечните бројки во извештајот не се вметнати ниту 8800 луѓе кои се вработени во јавните претпријатија кои се основани од централната и локалната власт.

Дополнително во овие податоци за 2019 година не се вкалкулирани административците кои се примени преку агенции за привремени вработувања во институциите. Станува збор за дополнителни 3222 луѓе кои немаат статус на вработени во јавниот сектор и не влегуваат во извршајот на МИОА.
Во однос на претходната 2018 година нивниот број изнесува 2495, додека пак заклучно со декември 2017 година нивниот број изнесувал 1624 луѓе што укажува дека секоја година нивниот број расте.

Привремените вработувања сомнителни

Антикорупциската комисија предупредува дека привремените вработувања се сомнителни затоа што со процедурите за вработувања се заобиоколува законот за административни службеници и може да се примаат луѓе со пониски критериуми од потребното за работното место.

„Законската регулатива дозволува подолгорочно вработување на лица во јавниот сектор преку договори на дело, авторски агенции или агенции за времени вработувања што дополнително придонесува за партиско влијание при вработувањето и практикување на непотизам и други форми на коруптивно однесување. Постапките за вработување во јавниот сектор не се целосно транспарентни, посебно не во однос на критериумите кои биле пресудни за изборот, ниту пак се обезбедува увид на засегнатите страни во целата постапка. Сето горенаведено, генерира многу силен ризик од корупција при вработувањата во јавниот сектор “ се вели во националната стратегија за борба против корупцијата и судир на интереси која со месеци чека амин од Собрание.

Во стратегијата е посочено дека се бара укинување на можноста за привремени вработувања да се трансформира во вработување на неопределено работно време без редовната постапка за вработување. Антикорупциската комисија бара и проценка на реалната потреба за бројот на вработени, но и нивната стручност во јавниот сектор.

При крајот на минатата година вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски најави дека спојувањето и намалувањето на државните институции ќе започне годинава и дека во изминативе неколку месеци работат на анализата за рационализација на гломазниот јавен сектор.

Извештајот на МИОА заклучно со 2019 година брои 1324 институции што е за 10 повеќе од 2018 година, односно 17 нови и 7 седум згаснати. Тоа се должи на новоформираното министерство за политички систем, потоа агенцијата за примена на јазикот што фо говорат најмалку 20 проценти од граѓаните, инспекторатот за употреба на јазици, како и Агенцијата за заштита на безбедноста и Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Дополнително во отворањето на нови институции се и неколкуте градинки кои беа отворени во 2019 година како и јавното претпријатие за животни скитници Лајка Скопје.

Како згаснати институции во официјалниот регистар се водат Секретаријат за спроведување на рамковниот договор, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и неколку други претпријатија.

Речиси 60 проценти од институциите во јавниот сектор се претпријатија кои ги основале градот Скопје и другите општини. Споредено со извештајот за 2017 година кој содржеше податоци за 1,299 институции, бројот на институции на јавниот сектор е зголемен за 15. Доколку се разгледаат податоците за секоја од институциите одделно може да се види дека 7 институции постоеле, но поради некоплетност во евидентираните податоци не биле прикажани до сега како бројка, потоа воспоставени се 17 нови институции, а поради промена на статусот и згаснување повеќе не се водат податоци за 9 институции.

Старо за ново

Во изминатава година покрај најавите за намалување на институции ,сепак, како нивна замена се формираа нови. Владата е составена од 19 министри, што е намалување за седум министерски места во однос на претходната. Но и оваа администрација се дополни со новосоздадени функции. Доскорешниот министер без ресор задолжен за транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, е назначен за Национален координатор за одговорно владеење и транспарентност.

На поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, пак, му го сменија називот на работното место, па од Национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка го именуваа за Национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка. Тие двајца се додадени на листата од деветмина национални координатори и нивни заменици за разни области. Владата доби нов портпарол и нов генерален секретар, а доскорешниот ген-сек на Владата Драги Рашковски, пак доби нова функција, ќе раководи со еден од трите новоформирани секретаријати. Владата формира секретаријат за мониторинг и поддршка на институциите на чело со Рашковски, секретаријат за комуникации и секретаријат за администрација. Секретарите ќе имаат и помошници секретари.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG