Достапни линкови

Афера „Фризерница“- како се трошат европските пари ?


Националната агенција за европски образовни програми по втор пат силно ја разбранува јавноста. Колку пари недостасуваат од касата на агенцијата и како се трошат европските пари се клучните прашања што се наметнаа деновиве по објавувањето на аферата, сега веќе позната во јавноста како „Фризерница“.

Стотици илјади евра проневерени во име на грантови за тренирање на магариња, коњи и фризерници како што обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ или пак милиони евра украдени од чекмеџето на Агенцијата како што обвинува сегашната директорка Лидија Димова која посочува дека поранешната структура е таа што била криминална. На интернет страницата повеќе ги нема деталите од проектите кои се финансирани од програмата „Еразмус +“. За тоа како се трошат европските пари се интересира и Европската комисија која посочи дека ги следи извештаите од Македонија во врска со аферата.

„Сите такви обвинувања се следат и, каде што е вклучено финансирање од ЕУ, нерегуларните трошоци ќе бидат идентификувани и ќе треба да се вратат. Комисијата не може да дава детали додека трае процесот на следење“, стои во пишаниот одговор што го објави Алфа ТВ од потпаролот на Европската комисија Сузан Конзе.

И од Јавното обвинителство истакнаа за дел од медиумите дека ги следат случувањата околу оваа афера и не исклучуваат можност за покренување на постапка.

Пред само неколку дена во телевизиска дебата Димова посочи дека за скандалите за европските пари виновна била опозицијата. Реплицирајќи му на Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ кој ја праша дали ВМРО-ДПМНЕ е виновно што фалат повеќе од 20 илјади евра во благајната на агенцијата, Димова одговори дека открила оти претходната структура ја испразнила касата за 2,2 милиони евра.

„Јас немав контрола во Агенцијата затоа што таму имаше вмровска матрица внатре која што одбива да работи, едноставно одбива да работи. Меѓу другото тоа се случува и сега затоа што 2/3 од луѓето се отсутни од Агенцијата, ВМРО-ДПМНЕ е виновна затоа што фалат 2,2 милиони евра“, изјави Димова.

Но, како се започна ?

Пред десетина дена државната комисија за спречување на корупција отвори предмет по анонимна пријава за злоупотреба на средства од фондови од ЕУ од европските програми како Еразмус плус, Еуридика од страна на директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова.

Антикорупциска истражува злоупотреби на пари од ЕУ

„На 26 јуни, годинава добивме инфомации од МОН дека е спроведен надзор и констатирани се финансиски неправилности, односно пропусти, материјална штета, по што од Министерството е поднесена кривична пријава до ОЈО“, изјави Нури Бајрами член на Анти-корупциската комисија.

Една недела подоцна Димова, влезе е во фокусот на вниманието откако порталот „А1он“ објави новинарско истражување во кое беше посочено дека 270.000 евра европски пари преку грантови во изминативе три години му биле доделени на еден фризерски салон од програмата „Еразмус 2“. Станува збор за грантови кои се доделуваат на фирми што не им е едукацијата примерна дејност. Во продолжение на истражувањето вчера беше објавено дека сомнежите за незаконско работење поврзани со првиот проект за кој „В.Е.З. Трејд“ со основна дејсност фризерски услуги чиј сопственик, според податоците од Централен регистар е Зоран Златковски, добитник на грант од Еразмус + насловен како „Едукација за медиумска писменост во дигитално опркружување“. Дополнително во истражувањето се наведува дека до Димова биле испратени дописи во кои учесници од грантот се пожалиле дека откако добиле пари на сметка им било побарано да ги вратат во кеш.

Димова преку сопштение објавено на нејзиниот Фејсбук профил ги демантира наводите кои ги оцени како „организиран напад “ и дека клеветите за тоа како финансирала фризерница ќе ги докажува на суд.

„Националната агенција не финансираше фризерница, иако и тоа е дозволено и се правело во минатото, туку го финансираше претријатието „Вредност на европско знаење“, чиј што скратен назив е В.Е.З. Трејд и исто така постои во Централниот регистар. Седиштето на оваа фирма е токму на адресата која ја посочува, каде по некоја случајност во овој момент се обавува фризерска дејност, бидејќи лицето кое го користи тој локал ја обавуваа таа дејност. Но, фризерот кој ја обавува таа дејност ниту е Зоран Златковски, ниту тоа лице има каква било поврзаност со грантовите на Еразмус + програмата“, вели Димова.

Таа истакна дека тврдењата изнесени за овој грант доделуван во рок од три години доаѓале во моментот кога таа како директорка ги истражувала наводните криминали од претходното раководство на Агенцијата. Соопштението објавено на нејзиниот профил, но и на интернет страната на Агенцијата е пишуван во нејзино име, но воедно е потпишано и во име на Зоран Златковски како управител на „В.Е.З. Трејд“.

Во тоа соопштение не е наведено какви навистина биле тие обуки што ги извршувал Златковски, туку генерално ја објаснува процедурата на добивањето на грантот и најавува дека ќе го тужи медиумот за објавените „невистини и клевети“.

ВМРО ДПМНЕ бара оставка од Димова, таа вели нема ништо незаконско

Претходно, пак, на веб страницата на Националната агенција за европски програми денот кога се објави првиот дел од истражувањето (9 -ти октомври) побараа од јавноста трпеливост на патот до правдата.

„Националната агенција во изминатиот период изврши истраги и има отворено повеќе постапки за злоупотреба на средства. Поради тој факт, од тие засегнати страни периодов се соочува со неосновани напади кон угледот на институцијата, корисниците и соработниците. Ве молиме за трпеливост на патот до правдата и вистината на сајтот на Националната агенција“, се вели во писменото соопштение.

Освен грантовите за фризерницата, на социјалните мрежи се појавија и информации за финансирање на проекти како финансирање тренирање хрватско магаре и хрватски липицанер за што средно земјоделско шумарско училиште во Кавадарци добило 83 илјади евра. Меѓу грантистите е и директор на училиштето за кој дел од медиумите пишуваат дека е брат на пратеник на СДСМ.

Политичарите бараат одговорност за аферата

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера ја повикаа Димова да поднесе оставка, а институциите да ги истражат сите сомнителни случаи.

„Лидија Димова да си даде оставка веднаш! Ваков директор не смее да ја води оваа институција. Секој поминат ден како директор во институцијата е ден повеќе да прикрива докази и сокрива документација истото како што се случуваше од Катица Јанева во СЈО“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

Со реакција на ова се јави премиерот Зоран Заев кој ја повика Димова на јавноста да ѝ објасни што се случувало досега и како се делеле европските пари. Таквов став објави и вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски кој додаде дека очекува од институциите во најкус можен рок да спроведат соодветни постапки, да го испитаат случајот и навремено да не информираат за исходот и нивните наоди, по што ако се утврди пропуст кај функционер, врз основа на новиот етички кодекс ќе биде побарана и политичка одговорност.

Скапи автомобили во Националната агенција за европски програми

Во меѓувреме јавноста негодува и за скапите автомобили кои биле купени за агенцијата.Во 2018 година за потребите на агенцијата според податорците од датабазата на Центарот за граѓански комуникации биле набавени три возила од вкупна вредност над 100 илјади евра. Станува збор за фолксваген пасат во вредност од 45.327 евра, како и фолксваген тигуан во вредност од 43.576 евра и голф во вредност од 19 илјади евра.

Сомнително трошењето на европски пари не е прва афера во земјава

Младински граѓански здруженија од Македонија, од кои некои се практично невидливи за јавноста, пет години примаа значајни средства од ЕУ фондовите. Иако постојано се изнесуваат сомневања дека при дистрибуцијата на европските грантови за младински проекти во Македонија на нефер начин биле фаворизирани роднини и пријатели, ниту европските, ниту македонските институции целосно ги истражија ваквите наводи. Во период од 2009 до 2014 година локалните здруженија примиле речиси два милиони евра од програмата „Млади во акција“.

Неискористеност на европските пари

За сомнително трошење и доделување на европските грантови од европските програми првиот пат во јавноста беше обвинет од тогашната опозиција (СДСМ) директорот Бошко Нелкоски. Тој си поднесе оставка, а тогашната влада најавуваше истрага затоа што со сомнителнителното делење на пари ги доведе пред врата европските истражни органи. Европската комисија почна истрага за тоа дали Нелкоски незаконски им делел европски пари на „роднински“ и „пријателски“ организации, и направи суспензија на децентрализираните средства кои ги доделува Националната агенција во рок од две години. Нелкоски поднесе оставка во 2010 година во која ги негира тврдењата во медиумите и истакнувајќи дека против него се води хајка базирана на измислици и невистини. Тој рече дека извештајот од ревизијата на Министерството за образование, ќе докаже дека нема ништо спорно во неговото работење. Но, ниту обвинителството не покрена постапка, ниту пак антикорупциска достави кривична пријава како што соопшти во 2011 година. Националната агенција, според новинарските истражувања, и по оставката на Нелкоски си продолжи со доделување на истите младински организации кои беа оспорувани претходно.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG