По алармантното повлекување на водата, Преспанското Езеро сега има длабочина од само 15 метри, а најдлабоките слоеви поради еутрофикацијата преку лето остануваат без кислород, предупредува Елизабета Велјановска - Сарафилоска, директорката на Хидробиолошкиот завод од Охрид.
Оваа институција со години извршува истражувања за квалитетот на водата и биодиверзитетот, односно состојбата со живот свет во езерото.
„Преспанското Езеро во последно време покажува премин од мизотрофен кон еутрофен карактер, што значи дека по сите параметри квалитетот на водата е во трета или четврта категорија. Сега подлабоки слоеви се оние на 13 до 15 метри, зашто поголема длабочина не можеме да најдеме во езерото. Во најдлабоките слоеви за време на летниот период се создаваат бескислородни услови. Кислородот е услов за живот, а со негово намалување, би дошло и до изумирање на живиот свет“, вели Велјановска - Сарафилоска.
Водостојот на Преспанското Езеро изнесува 512 сантиметри или повеќе од 5 метри под нулата. Но, проблем, покрај намалениот водостој, е и загадувањето на водата од земјоделските активности во Преспа. Покрај климатските промени, намалените врнежи, зголемените температури, испарувањето на водата и слично, причина за моменталната состојба има и влијанието на човекот врз природата.
„Мора да ги спомнеме и антропогените фактори кои го забрзуваат природниот процес на стареење на Езерото. Знаеме дека овој регион е овоштарски, но ги знаеме и последиците од промената на современите агротехнички мерки. Да се изнаоѓаат и алтернативни начини за супституција на оние тешко разградливи, резистентни средства што се користат за заштита на овошките со биоразградливи. Во подготовката на тие средства да се види што е препорачливо да се користи за да се намали влијанието од пестицидите“, вели директорката.
Сите овие влијанија предизвикуваат појава на тиња на крајбрежјето, на алги и поместување на живеалиштата на дел од живиот свет.
„Повлекувањето на Преспанското Езеро има големо влијание врз живиот свет и врз квалитетот на водата. Богатењето на водата со нутриенти доведува до формирање на густа површина, поточно зголемување на хлорофилот и појавување на алгата. Понатаму, повлекувањето на езерото придонесува и за поместување на плодиштата на рибите, а исто така и за бентозната фауна која живее во крајбрежниот дел“, вели Велјановска - Сарафилоска.
Според едни мерења, ова е најнискиот водостој на Езерото во последните две децении, според други во изминатиот половина век, а Охрид SOS деновиве излезе со податок дека Преспанското Езеро никогаш не било поповлечено од 1917 година од кога датираат и првите мерења.