Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав не е единствениот услов за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија. Ова е ставот на Институтот за демократија по анализата на Заклучоците на Советот на Европа, усвоени по потпишувањето на Протоколот со Бугарија. Иако експлицитно не е напоменато, она што произлегува од Заклучоците е дека тука се опфатени и условите од Протоколот, со чие потпишување земјава се обврзува да исполни и низа други обврски, поврзани со историските прашања, јазикот, справувањето со говор на омраза и др. Ако не се исполнат, во некоја следна фаза, би можеле да го попречат евроинтегративниот процес на земјава, предупредуваат од Институтот.
Преговарачката рамка е одобрена, но од формално-правен аспект не е и официјализирана, истакнуваат од Институтот додавајќи дека за да се заокружи процесот на отворање на меѓувладина конференција, потребно е Северна Македонија да ги исполни сите предуслови за одржување на втората Меѓувладина конференција за да се комплетира процесот на официјално отворање на пристапните преговори.
„А тоа, освен уставните измени, значи и прашањата од историјата што ги отвори Бугарија, измени во програмите по историја, нови учебници, натписите на некои споменици, знаци, информациски материјали во музеи и други објекти со образовно и културно значење, како и релевантните информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост. Земајќи го предвид процесот на правење вакви суштински измени, утврдениот рок од 2 години е прекраток и може да доведе до заобиколување на одредени институции кои не се под капата на Владата или нивно потиснување поради запазување на рокот“, предупредува Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.
Но во граѓанскиот сектор има разлики на оваа тема. Овие сомневања и загриженост не ги дели Андреја Стојковски од Институтот Преспа. Иако не очекува процесот на пристапување да оди мазно и без никакви проблеми од која било држава членка, сепак уверува дека уставните измени се единствениот услов за одржување на втората меѓувладина конференција по која треба да почне формалното отворање на поглавјата.
„Кога станува забор за одржување на Втората меѓувладина конференција (ВМК), јасно е кажано дека тоа ќе се случи веднаш по усвојувањето на уставните промени. Во таа смисла, ако бараме причина зошто не е одржана ВМК тоа е само поради тоа што не се усвоени уставните измени. Во одлуката која е донесена нема такво нешто како формално-правно неусвоена рамка. Преговарачката рамка е усвоена, заклучоците се јасни и нема потреба од формално-правно потврдување на рамката“, вели Стојковски.
Од Институтот бараат системски пристап кон долгорочно решавање на задолженијата кои произлегуваат од билатералниот договор со Бугарија, но и со Грција. Исто така, посочуваат дека недостасува и јасна временска рамка на исполнување на обврските.
Велат дека иако не е експлицитно напомнат, од суштинско значење за напредокот на процесот ќе биде Акцискиот план за заштита на правата на припадниците на малцинствата или заедниците (вклучително и на бугарското), меѓу другото, на полето на недискриминација, борба против говорот на омраза, образование, како и воспоставување на ефективни мерки, механизми за идентификување на соодветните одговорни институции.
Акцискиот план го предлага македонската Влада и не е спорно дека во него може да побара интервенции било која земја членка, а не само Бугарија, се согласува и Стојковски. Сепак, потенцира дека Акцискиот план се усвојува по одржувањето на втората меѓувладина конференција и е дел од процесот на преговори за првиот кластер. Тој не мора да биде готов за да може да почне Втората меѓувладина конференција.
Говор на омраза и недобронамерна пропаганда?
Други прашања кои може да бидат „проблематични“ се и говорот на омраза, како и преземање ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти. Дилемата која се воочува тука, е потреба од дефинирање на недобронамерна пропаганда и институционална поставеност и одговорност за утврдување на истата.
„Што се однесува до говорот на омраза, а особено со оглед на актуелноста и акутноста на состојбата со говорот на омраза на двете страни, потребна е и итна реакција на МНР во координација со Министерството за правда, вклучително и Народниот правобранител да се отпочне комуникација со Европската агенција за основните права, со цел користење на нејзината експертиза, совети и насоки за воспоставување функционален сеопфатен механизам со целосен респект на сите меѓународни норми и обезбедување заштита на слободата на мисла и говор, вели Зоран Нечев од Институтот за демократија.
Во земјата, за говор на омраза се постапува според Крвичниот закон или меѓународните конвенции.
„Постапување по говор на омраза ќе биде дел од условите, но кога зборуваме за тоа кој говор на омраза е најштетен, тогаш прво: тоа е оној по кој не се постапува, а вториот е тој кој доаѓа од официјалните претставници на државата. И затоа изјави од граѓани на социјални мрежи или во јавност се дел од „големата врева“, но се нерелевантни за евроинтегративниот процес. Ако тој говор доаѓа од политички претставници, пратеници или државниот врв, тогаш тоа е штетен говор кој го нарушува процесот“, вели Стојковски.
Историјата - извор на сите недоразбирања и барања од Бугарија
Уште една дополнителна дилема која произлегува во делот на историјата е и постоењето или не, на автоматизам меѓу препораките кои ги носи Комисијата и нивното прифаќање од страна на Владата. Комисија дава препораки и тука завршува нејзината работа. Дали владите ќе ги прифатат во целост или само одреден дел од препораките е целосно во нивна надлежност.
Од Институтот прашуваат дали, кои и како ќе се инволвираат и другите засегнати страни, бидејќи обврската е преземена од страна на државата, а не владата?
„Во овој дел интересна е едностраната обврската на Владата на Македонија да достави прелиминарен урнек од лекција за седмо одделение од образовната програма на Република Северна Македонија на тема Самоилова држава. Навидум едноставна обврска која не би требало да предизвика никакви проблеми. Но, се работи за специфична тема за која има несогласувања меѓу двете држави, а исто така е интересно и е избегнувањето на специфичното поимање на учебникот. Обврската на конкретна тема Самоил може да наметне притисок за наоѓање на решение по секоја цена. Од друга страна, зборот подготовката во реченицата која се однесува на доставувањето на урнекот најавува т.е може да претставува воспоставување на одреден преседан кој ќе биде применуван во иднина“, вели Нечев.
Реципроцитетот пак е една од суштинските карактеристики на обврските кои произлегуваат од рехабилитација на жртвите на репресии во комунистичкиот период. Според Протоколот, за Северна Македонија специфична обврска е создавањето на сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните служби за државната безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилното и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот 1945-1991 година.
Дилемата која ја поставуваат од Институтот е врз основа на кои меѓународни пракси и стандарди ќе се утврдува исполнувањето на оваа обврска?
Бугарските власти веќе реагираа дека Скопје не преземалo доволно мерки за спроведување на обврските од Договорот за добрососедство, меѓу кои и „како што е договореното извинување до Бугарите репресирани од тогашниот комунистички режим или отворањето на архивите на државниот репресивен апарат од периодот пред 1991 година.“
Кога шефот на бугарската дипломатија Николај Милков неодамна изјави дека нема никаков напредок околу Протоколот и учебниците, а на прашањето дали Бугарија наоѓа нов момент на проблематизирање, неговиот македонски колега Бујар Османи изјави дека не треба преку медиуми да се прават политички проценки за степенот на реализација на договорот, бидејќи, како што рече, и за тоа има точно предвиден механизам што прави објективна проценка на реализацијата.
„Тоа се тие меѓувладини комисии што се состануваат и проценуваат кога ќе дојде време за тоа. Бидејќи ако влеземе во таква политичка проценка на медиуми, мислам дека ќе ја изгубиме намерата и целта на потпишување рамка, протокол и институционализирање на односите со Бугарија“, рече неодамна Османи.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ постојано повторува дека се јасно исцртани условите под кои ќе се случи втората меѓувладина конференција, односно дека тие претпоставуваат спроведување на уставните измени и завршување на скринингот и усвојување на скрининг извештајот.
Македонија во моментот ја поминува скрининг фазата која следи откако на 19 јули 2022 година се одржа првата меѓувладина конференција меѓу земјава и ЕУ. Македонија и Албанија заедно го започнуваат скринингот, но само првиот објаснувачки дел. Кога ќе почне билатералниот скрининг, нивните патишта ќе се одвојат. Очекувањата на Владата се дека скринингот ќе заврши за околу 16 месеци.
ЕУ во март 2020 одлучи дека Македонија може да ги почне преговорите, но потоа земјата доби блокада од Бугарија. Тоа беше надминато со францускиот предлог со кој дел од бугарските барања влегоа во преговарачката рамка, по што следуваше првата меѓувладина конференција. За да почнат преговорите, да се отвораат кластери, пак, земјава прво треба да направи измени на Уставот, односно да се внесат Бугарите во него.