Достапни линкови

Убиено бебе во руски напад врз породилиште, Зеленски обвини за терор


Породилиште во Вилњанск во регионот Запорожје беше уништено во руски ракетен напад
Породилиште во Вилњанск во регионот Запорожје беше уништено во руски ракетен напад

Непријателот повторно одлучи да се обиде со терор и убиство да го постигне она што не можеше да го постигне девет месеци и нема да може да го постигне, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски откако бебе загина во руски ракетен напад врз породилиште во регионот Запорожје.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска рече дека Русија е „терористичка држава“, која користи „терор и убиства“, откако во ракетен напад врз породилиште загина новороденче во јужниот регион Запорожје.

„Непријателот повторно одлучи да се обиде со терор и убиство да го постигне она што не можеше да го постигне девет месеци и нема да може да го постигне“, напиша Зеленски на Фејсбук по нападот врз болницата во Вилњанск, на 18 километри од главниот град на регионот, Запорожје.

„Наместо тоа, само ќе одговара за сето зло што ѝ го нанесе на нашата земја“, додаде тој.

Нападот се случи додека беснеат битки во источните региони Доњецк и Луганск, каде што Русија спроведува офанзива.

„Ноќеска, руските монструми истрелаа голема ракети врз малото породилно одделение во болницата во Вилњанск. Тагата ги исполнува нашите срца, бебе кое штотуку го здогледа овој свет беше убиено“, напиша регионалниот гувернер Олександр Старух на Телеграм.

Спасувачките служби соопштија дека успеале да спасат две лица од под урнатините на породилното одделение.

Одбиени повеќе руски напади во Доњецк и Луганск

На бојното поле, украинските сили одбиле повеќе руски напади во Доњецк и Луганск, објави денеска Генералштабот на украинските вооружени сили. Русија спроведува офанзива по должината на линијата на фронтот западно од градот Доњецк, користејќи некои од силите што ги пресели таму по повлекувањето од градот Херсон на југ.

Руска серија ракетни напади врз Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:32 0:00

„Непријателот не престанува да ги гранатира позициите на нашите војници и населени места во близина на линијата на контакт [во регионот Доњецк]“, соопшти украинската војска.

Украинската војска одби напади на 11 локации во Доњецк и Луганск, соопшти армијата, меѓу кои во Билохоривка, Бахмут, Курдјумовка и Северниј.

„Во изминатиот ден, непријателот изврши пет ракетни напади врз населението области во регионите Харкив и Доњецк, и изврши околу 45 повеќекратни ракетни напади врз позициите на нашите војници“, се вели во соопштението.

Украинската војска исто така соопшти дека идентификувала центар за тренинг на оператори на дронови од руско и иранско производство во Севастопољ на Крим, кој е под руска окупација.

„Траењето на обуката на специјалисти за управување со дронови е до три недели. Во моментов се обучуваат околу 30 војници“, соопшти војската.

Соопштението доаѓа откако гувернерот на Севастопољ, поставен од Москва, Михајло Развожајев, соопшти дека руската противвоздушна одбрана одбила напад со беспилотни летала врз постројка за електрична и топлинска енергија во областа Балаклава во градот. Тој рече дека два дрона биле соборени доцна синоќа.

Руската Црноморска флота вчера одбила одделен напад со три беспилотни летала над водите кај полуостровот.

Развожајев ја обвини украинската војска за нападите. Од украинска страна нема коментари на неговите обвинувања.

Русија најверојатно лансираше голем број беспилотни летала од иранско производство против Украина од септември, објави британското Министерство за одбрана во дневниот разузнавачки извештај денеска. Многу е веројатно Русија да е при крај со сегашните залихи на иранско оружје и ќе бара нови набавки, објави министерството на Твитер.

„Руските команданти најверојатно сакале иранските беспилотни летала да им дадат приоритет на медицинските установи, како можни цели и да ги нападнат со наведувана муниција“, се наведува во британскиот разузнавачки извештај.

Руската употреба на беспилотни летала веројатно е поради големиот недостиг на крстаречки ракети, се наведува во извештајот, во кој се додава дека тој пристап имал ограничен успех, а повеќето дронови биле неутрализирани.

Украинските сили спроведуваат контраофанзива на југот на земјата, откако претходно овој месец ја вратија контролата врз градот Херсон, главен град на регионот што се граничи со Крим.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во говор пред француски локални политичари вчера рече дека украинската војска ослободила над 1800 населени места, и оти треба да ослободи уште повеќе од 2000.

„Сè што можеа да минираат руските војници, тие го минираа. Сè што окупаторите можеле да ограбат, тие го ограбиле“, рече тој.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG