Достапни линкови

Трет месец руска офанзива - велигденски молитви за заробените Украинци


Украинка пали свеќа за време на велигденската богослужба, 24 април, 2022 година
Украинка пали свеќа за време на велигденската богослужба, 24 април, 2022 година

Православните Украинци денеска го слават Велигден со молитви за заробените, како нивните сограѓани во Мариупол каде продолжуваат руските напади. Претседателот Зеленски очекува посета на високи американски воени претставници, во надеж дека ќе обезбеди повеќе оружје за одбрана од руската инвазија.

Руската воена инвазива врз Украина влезе во третиот месец, додека се одвиваат жестоки борби на југоистокот на земјата, а илјадници лица остануваат заробени во Мариупол. Украинскиот претседател Володомир Зеленски за деенска најави посета на американскиот државен секретар Антони Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин. Ова ќе биде прва воена посета на Киев откако Русија ја започна својата неиспровоцирана војна против Украина.

Доколку се случи, посетата ќе го означи пристигнување на највисоките американски официјални претставници по серијата посети на европските лидери во главниот град на Украина, кој веќе е опустошен од војната. Засега нема коментар од американска страна, но оттаму посочија дека се размислувало за посета на високо ниво, но и дека самиот американски претседател Џо Бајден нема да допатува во Украина.

Средбата треба да се одржи додека Украинците и Русите го одбележуваат православниот Велигден, што беше потенцирано од Зеленски за време на неговото ноќно обраќање до народот.

„Ќе има Воскресение. Животот ќе ја победи смртта. Вистината ќе ги победи сите лаги. И злото ќе биде казнето“, рече тој додавајќи „и Русија ќе мора повторно да ги научи овие вистини, тоа е само прашање на време“.

Во своето синоќешно обраќање Зеленски рече дека се подготвува за „важни разговори со американските партнери“ но ,исто така, додаде и дека очекува конкретни работи и специфично оружје, а „не само подароци или некоја врста колачи“.


Продолжуваат нападите на Мариупол

Украинската армија денеска соопшти дека Русите ја продолжиле офанзивата на Донбас, а челичарницата Азовстал, последното упориште на украинската армија, се уште е под воздушни напади.

Високиот украински преговарач и претседателски советник Михаило Подољак изјави дека руските сили континуирано го гранатираат Мариупол и ја повика Москва да се договори за „вистинско велигденско примирје“.

„Русија континуирано го напаѓа мариуполски Азовстал. Местото каде што се наоѓаат нашите цивили и војска е гранатирано со тешки воздушни бомби и артилерија“, напиша Подољак на Твитер.

Тој ја повика Русија „да размисли за остатоците од нејзиниот углед“ и повика на „вистинско велигденско примирје во Мариупол“ заедно со непосреден хуманитарен коридор за цивили и специјална рунда разговори за да се олесни размената на војската и цивилите“.

Инаку, вчера пропадна обидот за евакуација на цивили од Мариупол, при што локалните власти ја префрлија вината на руските сили. Извештајот за нови напори за руски упад во фабриката Азовстал доаѓа два дена откако претседателот Владимир Путин тврдеше дека руските трупи само ќе го затворат објектот во обид да спасат руски животи.

Се смета дека Азовстал засолнува околу 2.000 украински борци, а голем дел од остатокот од градот веќе е под руска контрола.

Помошник на градоначалникот на Мариупол рече дека околу 200 жители вчера наутро пристигнале на договореното место за планирана евакуација, но руските војници им рекле да си заминат и ги предупредиле за можно гранатирање.

Двете страни ја обвинија другата за претходните неуспеси во обидите за евакуација на цивили од опколениот град, кој беше опколен уште од почетокот на конфликтот.

Претходно, заменик-премиерката на Украина, Ирина Верешчук, преку апликацијата Телеграм повика луѓето да се соберат на автопат во близина на локалниот трговски центар со надеж дека безбедно ќе ги изведат надвор од градот.

Азовскиот полк на украинската национална гарда, чии сили се заробени во Азовстал, вчера објави видео од десетици жени и деца за кои велат дека со месеци живееле во тунелите под централата. Една жена во видеото зборува за копнежот за свеж воздух и сонце. Командантот на полкот, Свјатослав Паламар, изјави за АП дека видеото било снимено на 21 април.

Неговата содржина првично не можеше да се потврди.

Сателитските снимки во меѓувреме открија две наводни масовни гробници поставени надвор од Мариупол каде што се верува дека руските сили закопале некои од мртвите на Мариупол.

Русија се обидува да го заземе Мариупол речиси два месеци, а градот на Азовското Море ги доживеа некои од најголемите разурнувања во војната. Неговото заземање би ја лишило Украина од витално пристаниште, но ќе ги ослободи руските трупи да се борат на друго место и ќе воспостави копнен коридор до полуостровот Крим, кој Москва го зазеде во 2014 година.

Ракетен напад на Одеса

Руските сили, исто така, ги интензивираа нападите врз градовите и градовите во јужна и источна Украина.

Во стратешкото црноморско пристаниште Одеса, украински претставници вчера изјавија дека руски ракетен напад погодил воен објект и две станбени згради, при што загинале најмалку пет лица, а 18 се повредени, иако извештаите не можат веднаш да бидат потврдени.

Украинскиот претседателски кабинет соопшти дека меѓу убиените е и тримесечно дете.

Украинската војска вчера соопшти дека уништила руска командна станица во Керсон, јужен град кој падна во рацете на руските сили на почетокот на војната.

Командното место беше погодено на 22 април, при што беа убиени двајца генерали, а уште еден тешко беше ранет, се вели во соопштението на украинската воена разузнавачка агенција. Руската војска не го коментираше ова тврдење.

Во својата најнова анализа, американскиот Институт за проучување на војната рече дека руските сили веројатно ќе ги засилат своите офанзиви.

„Руските сили најверојатно ќе го зголемат обемот на копнените офанзивни операции во наредните денови, но прерано е да се каже колку брзо ќе го сторат тоа или колку големи ќе бидат тие офанзиви“, се вели во извештајот.

Велигденски молитви

Украинците денеска го слават православниот Велигден со молитви за оние кои се борат на фронтот и сите оние кои се под опсада на руската армија.

Стотици верници утрово се собраа во киевската катедрала „Свети Владимир“.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ги повика Украинците да не дозволат нивниот гнев поради војната да ги совлада.

„Сите ние веруваме дека нашето изгрејсонце наскоро ќе дојде“, рече тој.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG