Романот „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски се издвои како исклучително интересно и популарно четиво, кое функционира на две рамништа. Тој е насочен и кон учените сладокусци, поточно кон оние што преферираат т.н. елитна книжевност, но и кон обичните искрени вљубеници во книгата. Романот, и покрај комплексноста, има убава динамика со која се доближува до динамиката на трилерот или уште поконкретно до една суптилна комбинација од трилер и книжевна метафикција, при што целата приказна постојано ги подгрева вниманието и љубопитството на читателот.
Ова меѓу другото ќе биде забележано во образложението на жири комисијата во состав д-р Александар Прокопиев како претседател и проф. Д-р Весна Мојсова-Чепишевска и м-р Александра Јуруковска, членови, со кое романот „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски, издание на „Антолог“, едногласно е прогласен за македонски претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“.
Во најтесниот избор влегла и „Лазарка“ од Љупчо Петрески, издание на „Арс ламина“, а во подолгиот текст на жирито стои и појаснувањето дека „во еден расказ на Аполинер, необичниот барон Ињес д’Ормезан измислува една нова уметност што тој ја именува како амфионија“. Дека, предмет на таа уметност е токму градот и во тој контекст амфионијата на Жарко Кујунџиски ја раѓа приказната исткаена од повеќе приказни во „Сфинга на гневот“.
Таа уметност, како производ на урбаната имагинација, се врежува низ страниците на овој роман како израз на т.н. урбофилија или како топло чувствување на градот (и тоа не само на Скопје туку и на Сплит), виден преку перото на уметникот на зборот. Ако урбофилијата ги соединува книжевните градови во еден урбопоетички свет, тогаш овој роман им дозволува на Скопје и на Сплит да се прегрнат и така прегрнати да го засилат тој урбопоетички свет. И на тој начин темата од локална (Скопје), станува национална, а потоа и наднационална (балканска и европска). Секако, урбофилијата т.е. љубовта кон градот, градот како текст и ракопис, кај Кујунџиски ја има во повеќе негови дела (како „Спектатор“ или „Скопје и сè е можно“) и во тој контекст овој роман е еден вид допишување на неговото, но и на македонското книжевно Скопје.
Лавиринтот од приказни (и мистични и мистифицирани), клопчето од непознати (нерастајнети) ракописи и автори, кои колку што ненадејно исчезнуваат толку уште поненадејно се појавуваат, ја промовираат палимпсестната структура и ја засилуваат интертекстуална практика на постмодерната, особено кога Кујунџиски практикува текст во текст, па така на ниво на целиот роман се појавува и роман во роман, есеј во роман, интервју во роман. Кујунџиски нуди една повеќеслојна интертектуалност, зрела постојана игра и со книжевни теми (од Бибилјата и митологијата до разни историски четива и ракописи пронајдени во библиотеките и на интернет) и со имиња (Јустинијан и Диоклицијан, Александар Велики и Гргур Нински, Константин од Струга и Леполд од Милано, Кочо Рацин...) и со разни симболи (како оние луцидни поигрувања што ги прави со глаголските букви веда и добро)..., пишува во образложението.
Во анализата и тоа дека во однос на авторскиот личен печат и поетика, треба да се истакне дека романот „Сфинга на гневот“ има добро изградени ликови. Особено оној на Лазар Отадески (уредник и книжен молец), но и на отсутниот или исчезнат автор Марко Ковачки.
На индивидуално рамниште страдањата и предизвиците на ликот Лазар ги отвораат и етичките прашања за моралот, егоцентричноста и селфизацијата на реалноста. Во неговото вклучување во приказната за Марко, ја препознаваме и потребата на денешниот човек да биде постојано под рефлектор (spotlight), во центар, да биде изложен пред очите на јавноста, да добие внимание и „лајк“ (like) (бендис), допадливост за својот став, слика, каква и да е вклученост во одредена тема и по цена да го прави тоа или целосно или делумно лажејќи и притоа манифестирајќи една своја и општа поствистина.
Приказната на Лазар и неговите страдања може да се читаат и како страдања на книжевноста во денешно време, зашто издавачката куќа што пропаѓа, како и книжарницата што се затвора на самиот почеток од романот го поставуваат и прашањето за книжевноста на залез. И, ако се согласиме со ставот изнесен во овој роман дека „Писател не е професија, со тоа се раѓаш и живееш секој ден. Сè додека не исчезнеш“, тогаш стоиме и пред дилемата дали и професијата писател не е на залез? Во овој сегмент, „Сфинга на гневот“ промовира и постромантичарски или поточно псевдоромантичарски преглед на многу книжевни теми и места, стои во текстот што за својот избор „Свинга на гневот“ на Жарко Кујунџиски да биде македонски претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“ го потпишуваат Прокопиев, Мојсова – Чепишевска и Јуруковска.
Убава вест ме дочека ова магливо и прилично загадено утро во Скопје а тоа е дека романот „Свинга на гневот“ ќе биде макеонски кандидат за регионалната книжевна награда „Балканика“ следната година. И, освен номинацијата која секако годи за секој автор, еден вид на балкански книжевен оскар, она што подеднакво ме радува е и образложението на т.е прочитот што сум имал чест да го добијам која ги сфатила баш најсуптилните слоеви на романот, на текстот, а тоа е ете дека тој функционира и како книга за љубителите на елитната книжевност, односно книжевните стручњаци, но ја таргетира и широката публика. Потоа тука е важноста на градовите како ликови во приказната, историските слоеви, лавиринтот од приказни и конечно човечката порака што ја носи овој роман во овие времиња на отуѓеност, така што благодарен сум за овој прочит и секако за селекцијата, вели Жарко Кујунџиски.
Писателот, истакнува и дека романот во најголем дел е пишуван и објавен во текот на овој корона период, и дека од таму се поставува прашањето дали мое да зборуваме за литературата создадена во време на корона или за литература која носи едни поинакви пораки и вредности во овој период.
Романот излезе од печат во септември 2020 и во овој период од нешто повеќе од една година доживеа две изданија, влезе во најтесниот круг на сите еминентни прозни награди кај нас, во најава се неколку преводи на странски јазици... и годинава навистина апсолутно не можеше да заврши поубаво од тоа да биде и македонски кандидат за „Балканика“ што ете со гордост и одговорност ќе го износи. И, она што е битно, бидејќи јас зборувам и како автор но и како издавач, втора година по ред книга на „Антолог“ не претставува на „Балканика“, лани беше тоа Владимир Јанковски со неговиот роман, а сега ете и „Сфинга на гневот“, ќе рече писателот.
Фондацијата „Балканика“ е основана во 1996 година од страна на релевантни издавачки куќи од 7 држави од Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на „Балканика“ се наоѓа во Софија, Бугарија, а претседател е писателот и издавач Николај Стојанов. Во „Балканика“ членуваат по една реномирана издавачка куќа од секоја од седумте држави членки на Фондацијата. Одржувањето на книжевната манифестација ротира кај секоја од државите членки. Значајно е да се истакне дека секој добитник на наградата се стекнува со голем публицитет и надвор од балканските држави и неретко е значајна за пробивањето на авторот во меѓународни рамки, а со самото тоа и за афирмација на книжевноста на државата од која доаѓа.
Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.
Манифестацијата „Балканика“ треба да се одржи на почетокот на наредната 2022 година. Наградата ќе биде доделена од страна на меѓународна стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја од државите членки, а претседател на жирито е професорот Ендрју Вахтел од САД.