Достапни линкови

Судски гејм, сет, меч за Ѓоковиќ


Новак Ѓоковиќ
Новак Ѓоковиќ

Судот во Австралија реши првиот светски тенисер Новак Ѓоковиќ да биде ослободен, визата да му важи и да може да влезе во Австралија. Сепак, сѐ уште не е сигурно дека Ѓоковиќ ќе игра на Австралија опен, бидејќи владата може повторно да му ја укине визата.

Австралиски судија донесе одлука светскиот тенисер број еден Новак Ѓоковиќ да биде ослободен од имиграциски притвор, оценувајќи дека одлуката на владата да му ја одземе визата за влез во земјата е „неразумна“.

Судијата Ентони Кели нареди Новак Ѓоковиќ да биде ослободен во рок од 30 минути и да му бидат вратени пасошот и другите исправи, со што повторно се отвори шансата на светскиот рекет број еден да ја освои рекордната 21-ва Грен слем титула на претстојниот Австралија опен.

Одбиено укинувањето на визата на Новак Ѓоковиќ

Кели, исто така, нареди федералната влада да ги плати правните трошоци за Ѓоковиќ, истакнувајќи дека неговите адвокати тврдат оти неговата „лична и професионална репутација и неговите економски интереси може да бидат директно засегнати“.

Сепак, адвокатите на федералната влада пред судот рекоа дека министерот за имиграција го задржува правото повторно да му ја одземе визата на Ѓоковиќ.

Откако потврди дека со таков чекор, доколку се преземе, на Ѓоковиќ ќе му биде забранет влез во земјата на три години, Кели ги предупреди владините адвокати дека „сега влогот се зголеми, наместо да се намали“.

34 годишниот Ѓоковиќ во четвртокот беше задржан во хотел за притвор за имигранти заедно со други притвореници баратели на азил.

Нему му беше дозволено да се советува со неговите адвокати на виртуелното рочиште, но не беше виден во јавноста откако пристигна во Австралија.

Неговите адвокати тврдеа дека неодамнешната инфекција со ковид-19 го квалификувала Ѓоковиќ за медицинско ослободување од барањето не-австралиските граѓани кои влегуваат во земјата да бидат двојно вакцинирани.

Дачиќ- Ѓоковиќ е политички злоупотребен

Австралиската влада, сепак, соопшти дека лицата кои не се државјани на земјата немаат право на гарантиран влез во Австралија и наведе дека дури и Ѓоковиќ да ја добие судската постапка, таа го задржа правото повторно да го приведе и да го депортира од земјата.

Ѓоковиќ првично доби изземање од локалните австралиски официјални лица и покрај строгите ограничувања за влез на странци поради порастот на инфекциите. „Тенис Австралија“ соопшти дека изземањето на Ѓоковиќ „било доделено по ригорозен процес на ревизија“.

Шефот на „Тенис Австралија“ Крег Тајли на 10 јануари ја бранеше својата организација од критиките дека не ги предупредила играчите оти претходна инфекција не мора да ги квалификува за влез без вакцинација.

Тајли рече дека побарал од владата да ги разгледа медицинските исклучоци пред да пристигнат играчите, но како што рече, тие одбиле.

Отвореното првенство на Австралија започнува за седум дена, а деветкратниот бранител на титулата остана заглавен во хотел за бегалци наместо да се подготвува потенцијално да го освои рекордниот 21-ви Грен слем.

„Тенис Австралија„ наведе дека треба да знае дали Ѓоковиќ може да игра до 11 јануари, бидејќи треба да ги закаже натпреварите.

Надвор од хотелот, поддржувачите се собраа заедно со некои активисти кои ја искористија ситуацијата на Ѓоковиќ за да го истакнат лошиот третман на бегалците кои беа задржани таму според строгата австралиска политика за имиграција.

Третманот на националната ѕвезда налути многу Срби. Српската премиерка Ана Брнабиќ на 8 јануари рече дека владата е подготвена да ги обезбеди сите потребни гаранции за да му се дозволи на Ѓоковиќ да добие дозвола за влез во Австралија.

Членовите на семејството на Ѓоковиќ учествуваа на митинзите пред зградата на српскиот парламент во Белград. Таткото на Ѓоковиќ, Срѓан Ѓоковиќ, рече дека е „згрозен“ од начинот на кој го третираат неговиот син.

„Поддршката од целиот свет што ја добива вреди повеќе од десетици грен слемови“, изјави тој пред насобраните граѓани, додавајќи: „Овој турнир повеќе не можат да го нарекуваат Опен кога е затворен“.

Надал- жал ми е за Ѓоковиќ, ама ги знаеше условите

Уште еден играч кому му беше откажана визата и покрај тоа што доби ослободување од вакцинација, ја напушти земјата. Чешката тенисерка во двојки Рената Ворачова одлучи да не ја оспорува одлуката и на 8 јануари ја напушти Австралија, соопшти чешкото Министерство за надворешни работи.

Австралија имаше агресивни заклучувања и тешки гранични контроли за време на пандемијата, но сега страда од рекордни инфекции.

Вкупните инфекции со ковид-19 надминаа еден милион на 10 јануари, а повеќе од половина од нив се регистрирани во изминатата недела. Варијантата на омикрон беснее низ населението, и покрај тоа што 92 насто од луѓето над 16 години земале двојна доза.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG