Најдобриот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ ќе остане во Австралија најмалку до понеделник, откако Федералниот суд на Австралија им даде дополнително време на неговите адвокати да го презентираат случајот за на Србинот да му биде дадена дозвола за престој во земјава.
Австралиските власти го избегнаа сценариото од филмот Терминал, и српскиот тенисер ќе престојува во државен притворски хотел додека ја чека конечната одлука на судот.
Ѓоковиќ, кој треба да учествува на турнирот Австралија Опен, синоќа цел ден остана заглавен на аеродромот во Мелбурн, откако Австралија му ја поништи визата, зашто не прима невакцинирани патници, иако тенисерот има добиено медицински исклучок за вакцинација од независен стручен панел.
Во случајов се работи за дословно почитување на бирократската процедура, зашто Ѓоковиќ добил медицинско изземање од вакцинација, но не побарал виза со медицинско изземање.
За многумина се работи за изживување на Австралија врз Ѓоковиќ. Со тоа земјата сака да им испрати порака на невакцинираните – ако можеме вака со најдобриот тенисер, нема ни вас никаде да ве пуштиме, коментираат граѓаните на социјалните мрежи. Едни ја поддржуваат таквата постапка, други ја сметаат за штетна.
Коментарите на социјалните мрежи варираат во зависност од ставовите на луѓето за вакцинацијата, за ковид-ограничувањата и од тоа за кого навиваат.
Сепак, има и такви кои се однесуваат на функционирањето на правната држава.
Има 20-тина други тенисери кои побарале медицински исклучок од вакцина, а на тројца на кои им бил одобрен без проблем им беше дозволен влез во Австралија. Исклучокот го издава стручен панел од доктори кои не знаат за кого одлучуваат. Многумина во одлуката на австралиските власти гледаат „покажување сила“, со оглед на тоа што Ѓоковиќ се доживува како антиваксер.
Едни велат во нормална држава не проаѓаат балкански финти, други пак сметаат дека токму Австралија прави балкански финти.
Сите учесници и персоналот на Австралија Опен мора да бидат вакцинирани, или да добијат медицински исклучок за вакцинација одобрен од стручен независен панел. На Ѓоковиќ му беше одобрено медицинско исклучување за вакцинацијата против ковид-19.
При пристигнувањето на аеродромот во Мелбурн вчера, граничните служби забележале дека неговиот тим направил грешка во пријавата за виза, зашто поднел барање за виза со која не се дозволува медицински исклучок.
Ѓоковиќ не е вакциниран, а во јуни 2020 беше тестиран позитивен на коронавирус.
Австралиските власти соопштија дека Ѓоковиќ немал посебен третман и добил исклучок од вакцинација по анонимна пријава.
Дел од граѓаните на социјалните мрежи се шегуваат дека има кој да го замени Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ веќе стана светска антиваксерска икона. Тој уште во април годинава рече дека лично е против вакцинирањето и оти не би сакал некој да го присилува на вакцинација за да може да патува. Тој го има освоено турнирот Австралија Опен девет пати, меѓу кои и последните три турнири.