Достапни линкови

Стоп за извршителите - симнете ни ја јамката околу вратот


Неформалната организација СТОП ЗА ИЗВРШИТЕЛИТЕ организира протест против законот за извршување, пред Министерство за правда
Неформалната организација СТОП ЗА ИЗВРШИТЕЛИТЕ организира протест против законот за извршување, пред Министерство за правда

Организацијата Стоп за извршителите бара промени во Законот за извршување за да им се симне „јамката околу вратот“ на граѓаните. Ако државата не ги заштити, граѓаните се закануваат дека ќе ја земат правдата во свои раце.

Извршителите ги казнуваат сиромашните граѓани поради тоа што се сиромашни. Трпението веќе е при крај и ако државата не ги заштити граѓаните од самоволието на извршителите, тогаш тие ќе ја преземат правдата во свои раце, рекоа 50-тината демонстранти од неформалната организација „Стоп за извршителите“ на денешниот протест пред Министерството за правда. Тие бараат итни измени на Законот за извршување, кој, според нив, им става јамка околу врат на луѓето, а извршителите ги штити како бели мечки.

Ана Глигорова од организација вели дека во моментов има блокирано 88 илјади сметки на граѓани, а 130 илјади заедно со правните лица.

„Во Македонија од 10 денари сметката станува 10 илјади денари, од 100 евра станува 10 илјади евра. Значи луѓево овде не може да живеат, се работи за геноцид, се работи за една третина од плата или пензија, што е премногу“, рече таа, додека насобраните скандираа „Нема правда, нема мир“.

Марјан Ристески додаде дека не може да им се дозволи на извршителите да прават што сакаат. Владата мора да избере меѓу стотина извршители или стотици илјади граѓани, рече тој.

„Секојдневно добиваме пораки од граѓаните дека веќе не може да се контролираат. Апелираме за разумно решение во најбрз период. Оваа неправда мора да се реши. Верувајте, ова е неиздржливо. Значи, уште еднаш апелирам до Владата, до премиерот, до Претседателот, до сите пратеници да смогнат сили да ја исправат оваа неправда. Во спротивно граѓаните сами ќе ја земат правдата во свои раце и ќе го решиме на свој начин“, рече тој.

Тие бараат извршителите да немаат право да им ги блокираат сметките на граѓаните, туку да ги наплатуваат парите со траен налог. Исто така, сметаат дека во земја како Македонија, каде што платите се премногу ниски, лимитот од една третина од плата која смеат да ја наплатуваат извршителите треба да се намали на една петтина од платата. Бараат намалувањето на трошковникот за извршителите кој го донесе владата да важи и ретроактивно, да има ревизија на извршните решенија и одговорност за судиите и извршителите кои го прекршиле законот.

„Извршителите наплатуваат застарени сметки кои не смеат да се наплатат. Нив едноставно ги интересира како да дојдат до пари. Ништо повеќе. Не ги интересира дали граѓанинот има пари за леб или нема, дали ќе живее на улица или во куќата којашто едвај ја одржува. Тие извршители мора да се стопираат, тие извршители мора да го ослободат народот, мора законот да се промени“, вели Атанас Ѓорѓиевски од Здружението на граѓани за праведно судење и применување на законот.

По протестот граѓаните ги доставија поплаките од извршителите до Министерството за правда, а претставници од организацијата беа примени во Министерството.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG