Софија Ристевска Петрушева и ИНТИМЕН ТЕАТАР во изминатава недела пулсираат во ритамот на својата нова претстава „Жени“. Овојпат фокусот во вашиот „документарен театар“ го насочувате кон две животни теми – пензионирањето и ракот на дојка. Како настана проектот?
Проектот е резултат на нашата желба да го продолжиме циклусот на документарни претстави, што го започнавме во 2019 година, со првата претстава „Жени“, којашто беше базирана само врз документарни истории на жени болни од рак на дојка. Оваа година добивме финансии од Министерството за култура и од Општина Битола и на 20ти ноември, беше премиерата на продолжението на циклусот „Жени“, но сега освен за ракот, решивме присутна да биде и темата за пензионирањето и како се гледа на овој животен период. Интересно за нашата најнова претстава е тоа што во неа играат три жени што не се актери. Што никогаш до сега не се бавеле професионално со театар. Две од нив се веќе во пензија а третата е медицинска сестра. Во процесот на создавање на претставата, можевме многу јасно видиме како театарот влијае позитивно врз квалитетот на живот на овие жени. Видовме како во ова време на пандемија и психолошки притисоци, театарот значително го подобрува и го стабилизира во целост менталното здравје на сите учесници.
Колку тие со нивното искуство, нивната храброст и отвореност можат да ги мотивираат луѓето од партерот полесно да се справуваат со она што сите нас не тишти?
Споделувањето во јавност на сечија животна приказна може многу да инспирира и да мотивира. Ние им пристапивме на повеќе од десет жени за да учествуваат во нашата претстава, но не сите ја имаа потребата храброст и сила да застанат отворено пред публиката и да зборуваат за себе. Само три жени се нафатија да одговорат на овој предизвик и нивното влијание врз публиката навистина е огромно. Секоја изведба е нова комуникација помеѓу претставата и публиката и со ваков тип на документарни претстави, кадешто обични граѓани ја заземаат театарската сцена, се дава надеж дека никој не е сам во своите проблеми, и дека секогаш има надеж и помош.
Режисерката Софија Ристевска Петрушева
И во оваа претстава како во последниве неколку години наново се исправате зад една актуелна платформа – учеството на локалното население во современ театар. Како овој европски тренд е примен во вашата творечка и животна средина? Колку тој отвора простор за артикулација на мислењето на граѓаните? Станува ли театарот орудие за промена на состојбите во општеството?
Дефинитивно. Театарот е и отсекогаш бил алатка за промена. За потенцирање и критикување на состојбите во општеството. ИНТИМЕН ТЕАТАР веќе подолго време ја развива својата платформа за учество на граѓани од локалната заедница во нашите театарски продукции затоа што на тој начин театарот навлегува и во социјално општественото живеење на граѓаните. Така давајќи им од една страна простор за активно граѓанско, активистичко делување, а од друга страна овозможувајќи им квалитетно збогатување на нивното секојдневие. Овој принцип на обединување на уметноста и граѓанскиот активизам, во Европа е многу распространет и многу активно користен во многу локални заедници.
Дали овој тип на ангажираност, на отвореност... е суштината на вашето актуелно творечко писмо ? На вашето поимање на современиот театар. Конечно може ли театарот поинаку во времево во кое живееме и каде на сите ни е загрозен опстанокот?
Да, овој тип на ангажираност се повеќе и повеќе станува суштина на мојот театарски израз. Театарот неможе и несмее да остане изолиран од актуелните општествено, социјални и политички процеси што се случуваат во една средина. Во било кое време. Мојот театар се занимава пред се со личноста на поединецот, а секоја личност има свои истории и свои убедувања, и има право да ги изговори гласно во јавниот социјален простор. Граѓаните имаат свои граѓански права и ние го користиме театарот како алатка во реализирањето на тие права, во изговарањето на проблемите што не засегаат, во дефинирањето и борбата за светот во којшто веруваме. Документарниот принцип во театарот, посебно кога се работи со граѓани, со луѓе кои одбрале и ги живеат другите професии, за мене е можеби еден од малкуте современи и актуелни правци за развиток на театарот како уметност, и за негово современо и актуелно интерпретирање.
Јасмина Костадинова - една од трите учеснички во претставата „Жени“
Ќе има ли според вас како вработен режисер во институција, во Велешкиот театар, некоја хибридна форма која ќе биде потребниот уметнички одговор на денешнината нападната од пандемии, немаштија, затвореност, недостаток на вредности за кои човек како сламка на спасот би се фатил, општествена негрижа...и така со ред?
Па, да. Секогаш може да се создаде хибридна форма на театар што во себе би ги содржела и темите и проблемите на конкретната локална заедница. Со современи интерпретации на текстовите од страна на режисерите и со похрабар пристап во режисерките интервенции, театарот може да се претвори во моќна алатка што навистина дирекно би влијаел врз подобрувањето на квалитетот на живот на цели поколенија на граѓани. Јас искрено и длабоко верувам во тоа.
Што по „Жени“ во ИНТИМЕН ТЕАТАР? Повторно некоја претстава која ќе го извади ваквиот приод кон театарот или... можеби нешто друго? Поинакво.
После „Жени“, во ИНТИМЕН ТЕАТАР, започнуваме со работа на детска претстава со многу танци и акробации. Во ова време на светска пандемија и на изолации, сакаме да им донесеме радост и на најмладите. Потоа едно време ќе живееме во очекување на резултатите од годишниот Конкурс за проекти од национален интерес на Министерството за култура, кадешто имаме предложено политичко сатиричен проект. Повторно ќе разработуваме актуелни теми и ќе зборуваме за проблемите на нашата локална заедница.