Достапни линкови

Со години политики за младите, без младите


Илустрација - Прв академски час на Универзитетот Св. Кирил и Методиј
Илустрација - Прв академски час на Универзитетот Св. Кирил и Методиј

Анализи за младинско учество и младинско политичко претставување покажуваат дека со години партиите создаваат младински политики без учество на младите.

„Младите во голем дел отсуствуваа од политичките процеси поврзани со парламентарните избори 2020, како од аспект на нивно учество на самите листи за пратеници, така и од аспект на нивното претставување во изборните програми. И покрај тоа што политичките партии често се повикуваат на младината како двигател на општествените текови, нашата студија покажува дека во практиката тоа не се поттикнува и не се овозможува“, стои во заклучокот на анализата „Младинско политичко отсуство“ на Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Сличен заклучок се рефлектира и за парламентарните избори во 2014 година.

„Најголем дел од политичките партии во своите изборни програми, младите и младинските политики ги третираат површно и не обрнуваат внимание на голем дел од потребите и приоритетите на младите“, стои во заклучокот од „Анализата на застапеноста на младинските политики во програмите на политичките партии за време на парламентарните избори 2014 година“ од Националниот младински совет на Македонија.

Според последната анализа на Фондацијата Вестминстер, речиси половина од програмите на политичките партии нудат многу малку или ниту една мерка за млади. Дополнително, „изборните програми малку се разликуваат по својата суштина, без разлика од која партија доаѓаат, областа или идеолошката гледна точка, што укажува на потенцијален простор за политичка соработка, во интерес на младите и нивната иднина во земјата“.

„Младите имаат потенцијал и заслужуваат поголем простор во политиката“, е пораката од дискусијата меѓу подмладоците на политичките партии на која Фондацијата за демократија на Вестминстер ја промовираше анализата.

Во анализата заклучуваат дека во програмите на партиите „на младите им се придава пасивна улога, што е евидентно не само според начинот на артикулација на самите политики, туку и според самата нивна природа“. Истакнуваат дека повеќето од партиите не нудат прецизни решенија за најкрупните младински проблеми.

Стефани Спировска, претседателка на Младински образовен форум
Стефани Спировска, претседателка на Младински образовен форум

„Партиите честопати испуштаат важни прашања за младите да спомнат во своите програми (како младите и животната средина или младите и Европската Унија – кои знаеме дека им се значајни на младите). Па оттука, сметам дека е многу битно младите да се вклучуваат во целиот процес на креирање на политики и предлози за политики, тоа би значело дека младите во политичките подмладоци ќе имаат удел во одлуката за тоа какви политики за млади ќе се носат, но уште побитно – ќе креираат начини за консултирање на младите кои не се во овие структури. Само кога политичките партии ќе го имаат интересот на младите при креирање на предлози, но и ќе си земат за обврска да ги исполнат ветувањата, младите ќе се чуствуваат како да имаат простор во политиката“, вели претседателката на Младински образовен форум, Стефани Спировска.

Од Фондацијата истакнуваат дека политичките партии треба да ја поттикнуваат вклученоста на младите и нивната улога во самите партии и нивните раководни органи. Тие препорачуваат политичките партии да дискутираат на заедничките прифатливи мерки во областите каде се преклопуваат, за поголема соработка во интерес на младите. Еден механизам за тоа, истакнуваат од Фондацијата, може да биде интерпартискиот Клуб за младински прашања и политики во Собранието.

Младата пратеничка од Либерално демократска партија, Моника Зајкова вели дека целта на Клубот е да ги вклучи младите во процесот на креирање политики.

„Идејата е младите да можат на секои шест месеци да присуствуваат во Собранието и да постават прашања до народните избраници и извршната власт. Ова е институт кој е нов и за кој треба да го разговараме и со Претседателот и Генералната секретарка на Собранието во делот на начинот на негово имплементирање. Сепак сметам дека младинските прашања, дебатите и јавните расправи на актуелни теми и законски можности или предности, отвореноста на Собранието за младите и тоа како ќе овозможи нивно вклучување во процесот на креирање политики. Ние имаме позитивен пример на вклученост на младите во дебатата која Клубот за млади ја организираше по однос на изнаоѓање решенија за проблемот на матурантите. Ова е еден позитивен пример на дебата“, вели Зајкова.

За заклучокот на анализата дека „во програмите (на партиите) постои и тенденција на младите да се гледа примарно како на реципиенти на политики, а многу помалку како актери во нивното создавање и имплементација“, Зајкова смета дека треба да се престане да се наметнуваат политики и повеќе да се слушаат младите што им е потребно.

Моника Зајкова, пратеничка од ЛДП
Моника Зајкова, пратеничка од ЛДП

„Така што состојбата и гледањето на младите како реципиенти на политики, а помалку актери во нивно создавање и имплементација треба да се менува во секоја политичка партија поединечно и тука многу голема улога по однос на ова прашање можат да одиграат политичките подмладоци и нивната активност, па и дури и внатрепартиска борба за подобро позиционирање на младите“, истакна Зајкова.

Покрај анализа на програмите на политичките партии, Фондацијата ја анализира и возраста на кандидатите за пратеници, односно колку младите се вклучени во овие листи.

„Просечната возраст на кандидатите на парламентарните избори била 42,5 години. Иако младите се застапени со висок процент (19 отсто од сите кандидати имаат под 29 години), тие почесто се наоѓаат на позиции со пониски шанси за успех. Кандидатите на возраст од 40 до 49 години се најчесто на добитничките места“, стои во заклучокот на анализата.

Графикон од анализа „Младинско политичко отсуство“ на Фондацијата за демократија на Вестминстер
Графикон од анализа „Младинско политичко отсуство“ на Фондацијата за демократија на Вестминстер

Партиите треба да се погрижат младите да бидат застапени на листите, за избраните претставници да ги одразуваат различните групи во општеството и нивните потреби, посочуваат Фондацијата.

Андреа Угриноска Заседавач со Европскиот Комитет за Млади при Советот на Европа
Андреа Угриноска Заседавач со Европскиот Комитет за Млади при Советот на Европа

„Често пати знаеме да наидеме на критика кон младинската група на гласачи како неактивна, група која ретко излегува на избори. Доколку тоа е навистина така, сме се запрашале ли зошто ни се случува овој феномен? Дали можеби една од причините е фактот дека младите немаат кандидат со кој можат да се идентифиукваат, кандидат кој го говори нивниот јазик и нивните приоритети?“, пишува во младинската колумна на РСЕ, Андреа Угриноска, заседавач со Европскиот комитет за млади при Советот на Европа.

Младата пратеничка Зајкова истакна дека не гледа интерес кај младите, а според неа тоа веројатно се должи на „бројните политички кризи, постојаното присуство на истите политички партии и политики на македонската политичка сцена“.

„Младите не треба да дозволат тоа да ги демотивира и секој млад човек треба да биде заинтересиран за политичките случувања и да се вклучи во креирање на промени. Не мора тоа да е со членство во политичка партија, но ние знаеме колку моќни креатори на политики можат да бидат и младинските движења. Затоа ги охрабрувам младите да бидат активни чинители во процесите, да бидат погласни кога станува збор за нивните барања. Не треба да има изговор, јас не можам да променам ништо. Тоа го велам така затоа што сметам дека секој од нас може да биде носител на промена, а сите заедно и да ги имплементираме тие промени“, рече Зајкова.

Отсуството на младинско учество во носење на политики кои ги засегаат се покажа и во актуелната пандемиска криза, а за ова говорат резултатите од неодамнешното истражување на младинските организации. При презентирањето на резултатите, истражувачите напоменаа дека Владата не се консултирала со младински организации и младински здруженија. Затоа, според нив, осумте младински антикризни мерки од вкупно 99, не се целисходни.

XS
SM
MD
LG