Во рок од неколку месеци полицијата повторно заплени големи количества марихуана, а овој пат со асистенција на американската агенција ДЕА, и како и претходно, така и сега во целиот случај инволвирани се и компании за производство на канабис за медицински цели.
Во декември стануваше збор за околу 280 килограми марихана запленети во две акции од две компании. Сега се работи за 200 килограми во вредност од околу 800 000 евра, а шест лица завршија во притвор и сега се чека на јавното обвинителство да даде одговори на отворените прашања.
Акцијата во петокот беше спроведена на патниот правец Прилеп-Росоман во близина на селото Раец. Осомничените биле со два автомобила, ауди и дачија дастер и едно комбе каде спакувана во 40 картонски кутии била дрогата. Поднесени се кривични пријави против лица од Струмица, Скопје, Куманово, Битола и Прилеп.
Во нивните домови полицијата пронашла пари, марихуана и оружје, а извршена е контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола со кои, како што наведоа од МВР, соработувало едно од осомничените лица со иницијали А.У.
Со тоа што ДЕА беше вклучена во акцијата, треба да стане јасно дека во земјава работите во борбата против трговијата со наркотици не се добри, вели поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчески. Според него, има основани сомненија дека МВР било тргнато на страна посебно после силната реакцијата на шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска за пропадната оперативна акција „Планина“ која беше пробиена и шест наркобосови се во бегство.
„Таа оперативна акција кога пропадна некому му стана јасно дека блискоста на политичарите од власта со криминалните групи, особено во делот на организираниот криминал е на такво ниво што дури го загрозува и безбедносниот систем. Тоа по сите овие работи што излегоа во последниве десетина дена од моментот на акцијата Планина, па завршувајќи со оваа акција каде беа приведени лица со повисок статус во рамки на безбедносниот систем или на политиката. Не е наивна работа кога ви приведуваат командир од полициска станица од поголем град како Прилеп или Битола“, вели Ѓурчески.
Обвинувања за поврзаност со СДСМ
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека лицето кое е осомничено и соработувало со компаниите е Александар Ушликовски, личен возач на Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев, а според опозициската партија марихуана тргнала од фирмата Медицал 420 од Битола која се поврзувала директно со фамилијата на премиерот. Портпаролот на партијата Димче Арсовски вели дека Трајче и Бобан Заеви се сопственици на фирма основана во 2019 година во Петрич, Бугарија со име “Медикал 420 БГ”. Тој праша дали и комбето во кое е фатена дрогата е во сопственост на фирма на Заеви?
Трајче Заев на профил на социјалната мрежа Фејсбук на кој стои неговото име, пак, наведе дека ниту еден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. Од СДСМ реагираа дека „ниту комбето, ниту било кој од приведените во акцијата имаат каква било поврзаност со семејството на претседателот Зоран Заев“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, меѓу осомничените е и Кире Спиркоски кој е близок до СДСМ и до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и е командир на ПС Прилеп.
Акцијата која се одвивала неколку месеци ја обелодени токму Спасовски и соопшти дека е во координација со американската агенција ДЕА. Од американската амбасада во Скопје потврдија дека работеле заедно со МВР и дале техничка поддршка за акцијата.
Фирмата Медицал 420 чие име опозицијата го поврза со случајот е регистрирана на 25 септември 2017 година. Основачи се Тони Гашовски и Петар Прчков од Битола и српскиот државјанин Слаѓан Икониќ, а содружник е Саде-Селективно земјоделие, Развој и претприемништво ЛТД од Израел. Управител е Амит Саде од Израел, а овластено лице на македонската компанија е Гашовски.
Според податоците на Министерството за здравство, само една фирма која е регистрирана за одгледување медицински канабис има седиште во Прилеп. Во регистарот има и други фирми со седиште во Битола кои одгледуваат медицински канабис, како и фирми кои не се со седиште во Прилеп, но локацијата за одгледување им се наоѓа во Прилеп.
Од каде е марихуаната?
Од МВР велат дека се уште се истражува дали марихуаната потекнува од фирмите во кои беше извршен претрес.
„По наредба на Јавен обвинител и добиена наредба од Судија на претходна постапка во соработка со Комисијата за оценување на исполнетост на условите и контрола за производство на медицински канабис, во текот на ноќта беше извршена контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола, и во тек е вештачење од таа контрола, кое ќе покаже дали имало недоследности, односно дали запленетата дрога потекнува од некоја од фабриките“, велат од МВР за РСЕ.
Запленетата марихуана, според извештајот од нејзиното вештачење, како што наведуваат од МВР, преставува марихуана која се добива со сушење, дробење или ситнење на врвни делови-врхушки и лисја од растението канабис.
Дали оваа акција е поврзна со претходните гражби и требало да се изнесе вреден производ во странство е прашање кое треба да се одговори вели Ѓурчески. Исклученоста на МВР во поголем дел од случајот треба да не загрижи, додава тој.
„На нашите странски партнери довербата во нашите институции ни е пониска отколку на граѓани на Македонија, која исто така навистина имаа ниска доверба спрема правосудните органи и полицијата“, смета Ѓурчески.
Таргет произведувачи на марихуана?
Во декември беше украдена марихуана во сопственост на две фирми лиценцирани за производство на медицински канабис. Всушност за прв пат полицијата трагаше по легално произведена марихуана во земјава, а крадците се сомничат за недозволена трговија и шверц со дрога.
На 7 декември беше спроведената акција во Арачиново откако во селото Јосифово кое се наоѓа во општина Валандово биле украдени близу два тони марихуана во сопственост на фирмата „Херб индустри“. Во акцијата беа пронајдени само 231 килограм марихуана, а подоцна јавноста дозна дека останатиот дел завршил во Косово.
Во истиот месец во викенд куќа во селото Вробец во близина на Крушево беа пронајдени и одземени вреќи со околу 60 килограми марихуана, за која постои сомнение, како што соопшти МВР, дека е одземена од простории на фирмата „5 летерс“. Еден од осомничените е роднина на заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши.