Достапни линкови

МВР за акцијата со ДЕА - разбиена организирана група наркодилери, приведени шест лица


Скопје- акција на македонската полиција за заплена на 200 килограни канабис,10.04.2021
Скопје- акција на македонската полиција за заплена на 200 килограни канабис,10.04.2021

Шест лица се приведени, а запленета е 200 килограми марихуана во вредност од над 800 000 евра, инфомираа денеска од Министерството за внатрешни работи за вчерашната акција на македонската полиција заедно со Американската служба за борба против дрога - ДЕА

Од МВР наведуваат дека до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесени се кривични пријави за организирана криминална група против Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје.

Прво акцијата, како што наведуваат од МВР, се одвивала на патниот правец Прилеп-Росоман во близина на селото Раец. Таму биле запрени автомобил „ауди А8“, со скопски регистарски ознаки, во кој биле пријавените К.С. и М.З., а потоа е запрено возило „дачија дастер“, со скопски регистраски ознаки, управувано од А.У, каде како сопатник бил Г.К., а зад нив и товарно возило „комбе“, во кое се наоѓала поголема количина дрога, спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога.

„Во Прилеп, во исто време, е лишен од слобода и М.С., кој управувал товарно возило „ивеко“, со битолски регистарски ознаки, додека во Гевгелија, на бензинска пумпа, бил лишен и организаторот на криминалната група Д.Ј., кој управувал патничко возило „опел астра“, со скопски регистарски ознаки“, наведуваат од МВР.

Претресите продолжиле и во становите на приведените, па како што информира МВР кај А.У. во стан во Скопје пронајдено е поголемо количество оружје, муниција, гранати, барут и делови за оружје, а при претрес извршен во стан во Битола, кај него се пронајдени 13.600 евра и 50 илјади денари, колекција луксузни часовници, како и документација за фабрики за производство на марихуана во медицински цели.

Скопје- акција на македонската полиција за заплена на 200 килограни канабис,10.04.2021
Скопје- акција на македонската полиција за заплена на 200 килограни канабис,10.04.2021

При претрес кај М.З. во Куманово, пронајдени се два пиштола и куршуми. Поголема количина пари се пронајдени и при претрес кај полицискиот службеник К.С. во Прилеп.

Претреси и во фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола

При претресот кај Д.Ј. од Струмица пронајдени и одземени се мобилни телефони и сим картички, парични средства,а при негов личен претрес е пронајдена марихуана. Претрес бил извршен и кај М.С. во Битола, при што биле пронајдени парични средства и обоени банкноти од евра кои потекнуваат од кражба на банкомат.

„По наредба на Јавен обвинител и добиена наредба од Судија на претходна постапка во соработка со Комисијата за оценување на исполнетост на условите и контрола за производство на медицински канабис при Министерството за здравство, во текот на ноќта е извршена контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола, со кои соработувал А.У.“, наведуваат од МВР.

Од таму додаваат дека акцијата била повеќемесчна, а ја извршиле Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, во соработка со Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, со поддршка на Американската служба за борба против дрога - ДЕА и по насоки на Јавен обвинител.

ВМРО-ДПМНЕ- дали комбето во кое е фатена дрогата е во сопственост на фирма на Заеви?

ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека оваа заплена е поврзана со фирми блиски на премиерот Зоран Заев. Тие прашаа дали комбето во кое е запленета дрогата е во сопственост на фирма која е партнер во битолската фирма за канабис „Медикал 420”.

„Пратечки возила на дрогата биле управувани од возачот на Трајче Заев (прв и најблизок братучед на премиерот Заев) и Кире Спиркоски кој е близок до СДСМ и Оливер Спасовски и е командир на ПС Прилеп. Дали е уапсен шоферот на Трајче Заев токму во оваа акција? Дали во фирмата „Медикал 420” со чие возило се возела дрогата од блиските луѓе на Заеви, сопственички удел преку своја фирма имаат Трајче Заев и Бобан Заев?“, прашуваат од опозицијата.

Инаку акцијата вчера ја обелодени министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и наведе дека е во координација со американската агенција ДЕА. Од американската амбасада во Скопје денеска за порталот СДК.МК потврдија дека работеле заедно со Министерството за внатрешни работи и дале техничка поддршка за акцијата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG