Скапата струја почнува да го затвора големиот бизнис. Поради кризата загрозени скоро сите комбинати кои набавуваат струја на слободниот пазар. Компанијата „Еуроникел Индустри“, која управува со фабриката за преработка на никел во Кавадарци (ФЕНИ), веќе ја угаси печката и голем дел од вработените се пратени на принуден одмор.
Вработените во „Еуроникел Индустри“ официјално пред еден месец биле испратени на принуден одмор до 15 декември и дотогаш ќе добиваат 70 отсто од платата, според Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР).
Поради високата цена на струјата, од почетокот на месецов и рудникот за бакар „Боров Дол“, поранешен Бучим од Радовиш, е во застој каде исто така работниците се пратени на принуден одмор со 70 отсто од платите.
Работата во компанијата Mакстил (Железарница Скопје) засега не е запрена, но за месец август платила огромна сметка за струја. Во слична ситуација се наоѓа компанијата „Либерти Скопје“ која произведува челични производи во скопска железара, вели претседателот на СИЕР Игор Ѓерасов. Рудникот САСА е во подобра состојба, вели тој, бидејќи навреме обезбедил струја до 2023 година по стара цена и може да работи непрекинато.
„Сите (други) комбинати каде што сме синдикално застапени се загрозени, меѓутоа до овој момент не најавуваат затворања на погони или отпуштања на работници и засега можат да го издржат ова темпо на зголемување на струјата, но не знаеме до кога ќе биде така“, вели Ѓерасов.
Тој предупредува дека од големата индустрија доаѓаат најмногу пари за државата и доколку запрат со работа, тоа ќе биде погубно за македонската економија.
Но, каков вид на помош треба да добијат големите компании во услови на тешка енергетска криза засега се уште е неизвесно. Дел економски експерти велат дека ќе биде тешко да се најде вистинското решение.
Универзитетскиот Професор Трајко Славески, кој е преседател на Совет на град Скопје од редовите на ВМРО ДПМНЕ вели дека во ситуација кога од сите страни доаѓаат повици до Владата за поддршка на претпријатијата и на граѓаните, треба да се одбере најмалото зло.
„Состојбата е прилично сложена и треба, како одејќи по жица, да се бара најмалото зло во ваква ситуација“, вели Славески во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитување в недела.
Во моментов во големите компании кои се загрозени вработени се од 2.500 до 3.000 луѓе: во „Еуроникел Индустри“ (ФЕНИ), во Боров Дол (Бучим) околу 700, Макстил околу 550 и Ладна валавница („Либерти Скопје“) околу 450 вработени.
Од СИЕР велат дека следната среда имаат закажано социјално-економски совет во Владата, каде ќе ја разгледуваат моменталната ситуација во комбинатите и можностите на Владата да помогне да не дојде до целосно запирање на процесот во овие компании.
Власта вели дека во моментов дискутираат со земји од регионот за две работи: за електрична енергија која државата ќе ја увезе, вклучително и за стопанството кое струја добива на отворениот пазар, по цена која би била пониска од берзанската.
„Преговараме со Турција, Бугарија за електрична енергија. Со Грција веќе се договоривме за енергенски кои ни се потребни за производство на електрична енергија за регулираниот пазар и ако имаме вишоци тие ќе ги продаваме на слободниот пазар. Со Србија преговараме за енергенс којшто би го користеле за производство на електрична енергија во нашиот капацитет којшто ќе биде на располагање на приватниот сектор, и со Турција исто така преговараме за енергенс кој би ни требал за производство на електрична енергија којшто би ни требал за приватниот сектор“, изјави вицепремиерот за економски прашња Фармир Битиќи.
Синдикатите уште на крајот на минатата година најави дека работници ќе бидат испраќани на принуден одмор поради енергетската криза.
Но, компаниите кои набавуваат струја на слободниот пазар не беа вклучени во пакетот помош кој пред неколку дена го најави претседателот на Владата Димитар Ковачевски.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески во изјава за државната телевизија МРТ рече дека токму од тоа стравуваат најголемите компании.
Фирмите се наоѓаат во многу тешка ситуација која секојдневно се продлабочува, вели тој, особено оние околу 2.000 компании кои струја добиваат на слободниот пазар, за да можат да ги намалат трошоците и да станат конкурентни во регионот.
„Големите потрошувачи најмногу стравуваат од тоа дека ќе бидат исфрлени од пакетот и они сакаат на организиран начин преку Стопанската комора, да покажат и докажат што значат за македонската економија и дека не смее тоа да се случи. Неколку од нив веќе се во фаза на затворање на производството, така што тоа би повлекло една ситуација во која 5 до 6 илјади луѓе би останале без работа и би се намалила економската и инвестициската активност“, вели Азески.
Тој додава дека уште во текот на летото Македонската енергетска асоцијација доставила барања кои биле разгледани и за кои Владата подготвува одговор, а дека тие во најголем дел се однесуваат на преземање на дејствија кои ќе поттикнат брза изградба на фотоволтаичните централи за сопствена употреба, коишто во моментов ги градат компаниите справувајќи се со кризата.
Азески вели дека на почетокот на следната недела очекуваат да го добијат одговорот од Владата, по одржување на најавените средби.
Лани „Либерти Скопје“ направила обрт од околу 170 милиони евра, слично како и Макстил, а обртот на ФЕНИ е двојно поголем, според податоците на синдикатот, со што заедно со другите компании бројката достигнува до милијарда евра.
Министерот за економија Крешник Бектеши минатата недела додека најавуваше дека државата преговара со соседните држави за да обезбеди поевтина електрична енергија, рече дека бизнис секторот има максимални барања, односно дека првите десет потрошувачи на струја бараат директна субвенција на државата од 20 милиони евра.
„Не може овие десет компании да очекуваат 20 милиони субвенција за еден месец, а претходната година да оствариле над 100 милиони евра“, рече Бектеши.
Бектеши рече дека ваквите барања на стопанството се нелогични, бидејќи како што рече тие 10 најголеми потрошувачи на струја минатите години направиле огромни профити.