Достапни линкови

Што значи кризна состојба во снабдувањето со парно и струја?


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Владата бара кризна состојба за струјата и парното од 7 месеци, за што мора да добие одобрување од пратениците. Собраниската седница за ова прашање, според Претседателот на Парламентот Талат Џафери, ќе се случи утре. Во кризни состојби, може да има рестрикции, а Владата сама смее да носи одлуки и користи државни, но и приватни ресурси за надминување на проблемите.

Прогласување нова кризна состојба од 7 месеци за струјата во целата држава и парното во Скопје бара владата од пратениците. Законски, Владата ваква состојба може да донесе на само 30 дена, а тоа веќе го стори на 1 септември. Сега за да ја продолжи, мора да добие согласност и во Собранието.

Но што всушност значи кризна состојба за граѓаните и за државата?

Во Законот за управување со кризи, стои „кризна состојба е состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на Републиката, за чија превенција и/или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси“.
Или, поедноставено, граѓаните и државата перидов се загрозени од недостигот на струја на европскиот пазар, нејзината превисока цена на берзите и недоволното домашно производство.

Во земјава третина од струјата се увезува, а во домашните капацитети не е вложувано со децении, па и тие се соочуваат со големи проблеми. Како честите дефекти и откажување на блокови во РЕК Битола, што носи сериозен ризик земјава да остане без струја.

Дополнително, проблем има и со снабдувањето со парно во Скопје, каде поради скапата цена и стравувањето за недостиг на гас, се појави опасност стотици илјади жители да останат без парно. А ова е директно поврзано и со струјата, бидејќи ако сите овие граѓани почнат да се греат на струја, експертите предупредуваат дека може да дојде до колапс на системот.

Па така, двете кризни состојби беа донесени заедно на 1 септември, за Владата да може сама, без да има потреба од гласање во Собранието, да носи одлуки и да користи државни, но и приватни ресурси согласно законските одредби- главно оние во Законите за енергетика и за управување со кризи.

Кризната состојба дозволува Владата да донесува одлука за употреба на ресурсите на органите на државната управа, општините и Градот Скопје, како и за управување со нив во криза. Исто така можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, но и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба.

Рестрикции на струја, исклучени излози

Кризната состојба се прогласува со цел да се обезбеди повеќе струја, да се штеди и да се преземат мерки со кои системот ќе функционира, се наведува во последната владина Уредба за прогласување кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија. Таа стапи на сила лани во ноември, кога беше прогласена едномесечна кризна состојба за струјата, откако стана јасно дека нејзината набавка ќе биде голем проблем.

Па така, како што е наведено во оваа Уредба, при прогласување кризна состојба во снабдувањето со струја, парите за мерките се обезбедуваат од носителите на лиценци за вршење на енергетските дејности и од Буџетот на државата.

Интересно е и тоа што ако се воведат мерки за ограничување на потрошувачката, попознати како рестрикции, нема да има одговорност за штетите што ќе настанат како последица од нив.

Кризната состојба со струјата, според оваа уредба, бара и поголема соработка меѓу сите учесници во системот за производство и пренос на струја, кои имаат обврска да ги известуваат потрошувачите за сите промени најмалку два часа пред започнувањето на мерките, за тоа какви ќе бидат и колу време ќе траат.

Сето ова директно ќе зависи и од степенот на недостиг на струја, па мерките би биле најтешки штом недостигот на електрична енергија помине 40% од потребите.

Во време кога има активна кризна состојба и мерки, зависно од степенот на недостиг на струја, локалните власти може да се задолжат да ги исклучат сите светлечки реклами, да го редуцират јавното осветлување и светлото на излозите. Исто така се предвидува и забрана за употреба на електрична енергија за додатно загревање на деловни и службени простории.

Кризата -можност за два часа помаку парно дневно за скопјани

И во однос на парното пак, за кризната состојба важаат слични правила како и за струјата. Уредбата од владата за кризна состојба со парното беше донесена годинава, среде грејната сезона, кога снабдувачот со парно за скопјани БЕГ, снема пари гас. Оваа уредба предвидува плановите за мерки во ресорното министерство да ги доставуваат операторите на дистрибутивните системи, кои се повикуваат на поголема соработка. И тука се споменуваат рестрикции, односно ограничување на потрошувачката на топлинска енергија.

Доколку има рестрикции, потрошувачите треба да се известат преку медиумите. Има два вида мерки кои може да се применат. Едните се намалување на испораката на греење за два часа дневно, а другите се намалување на испорачаното греење на деловни објекти и органи на државната и локалната власт за 30% во однос на потребната топлинска енергија.

Што беше направено во овој месец кризна состојба

Откако Владата пред речиси еден месец прогласи кризна состојба за струјата и парното, државниот врв се растрча по соседството да обезбеди повеќе струја, а најави и поголемо домашно производство. Во Грција било договорено купување мазут и јаглен, од Софија била ветена поевтина струја за стопанството, а од Србија гас. Сепак досега во пракса нема реализација за она што наводно било договорено со соседите.

Во однос на парното, вчера од Влада објавија дека Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) наскоро ќе добие лиценца за управување со топланите во Скопје, откако на БЕГ му беше одземена пред неколку месеци. Ова се случи откако претходната грејна сезона поради прескапиот гас, БЕГ имаше проблем да обезбеди греење за жителите на главниот град, па системот тогаш времено го презеде Владата.

Синоќа премиерот Димитар Ковачевски ги повика Град Скопје, Регулаторната комисија за енергетика и Комисијата за заштита на конкурентност набрзо да дадат позитивно мислење за лиценцата со што ќе се створат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите. Ковачевски рече дека, според член 6 од Законот за енергетика,државата ќе плаќа закуп за топланите, кои се во сопственост на фирмата Адора, која не сакаше да ги изнајмува, туку да ѝ ги продаде на државата.

Во однос на гласањето во Собранието за кризната состојба, власта засега има поддршка од опозицијата. Вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека неговата партија ќе биде конструктивна и ќе поддржи продолжување на рокот на кризната состојба во државата.

Собранискиот спикер Талат Џафери пак, денеска најави дека кризната состојба утре, на последниот ден пред да истече нејзиното важење, ќе биде ставена како точка на дневен пред пратениците во Собранието.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG