Достапни линкови

СДСМ избира, ВМРО - ДПМНЕ реизбира


СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Социјалдемократите денеска ќе изгласаат еден од трите кандидати за нов партиски лидер. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се очекува денеска да се освежи со уште еден мандат на партиската претседателска функција.

Денеска двете најголеми македонски политички партии ќе избираат нови лидери. Во владејачката партија секој член има право на глас, а во опозициската гласаат делегати. Во владејачката СДСМ членовите на партијата на втори непосредни избори ќе гласаат за нов лидер од понудените тројца кандидати Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Јован Деспотовски.

Право на глас ,според последната активна регистрација на членови во владејачката СДСМ, ќе имаат над 50 илјади членови, соопшти централната партиска изборна комисија. Во нејзиното соопштение е наведено дека поради краткиот временски рок за активна регистрација, Централната изборна комисија донела одлука да им се овозможи на сите членови кои поседуваат електронска членска картичка да може да се регистрираат на самото гласачко место и да гласаат на вонредните внатрепартиските избори.

Во соопштението на СДСМ е наведено дека гласањето на вонредните избори во партијата ќе се одвиваат на 194 избирачки места низ општинските организации ширум државата, почнувајќи од 08:00 часот наутро, се до 19:00 часот попладне.

„Гласањето е тајно, со заокружување на редниот број на еден од тројцата кандидати за претседатал на СДСМ кои се наоѓаат на гласачкото ливче, согласно жрепка за утврден редослед“, се додава во соопштението од СДСМ.

За нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучуваат над 500 делегати на 17- тиот конгрес на ВМРО- ДПМНЕ кој ќе се одржи во спортската сала Јане Сандански. Единствен кандидат за лидер на опозициската партија е досегашниот актуелен лидер Христијан Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ на Конгресот за избор на нов партиски лидер најавува нова доктрина и кадровски промени на партијата. Потпретседателот на партијата Александар Николовски во интервју за „Фокус “ најави дека на Конгресот ќе биде објавен новиот концепт на партијата според кој ќе биде опфаќа цел спектар на гледишта кои се и десно, ценар-десно и на центарот.

„А зошто да не бидат дел и центар-лево, во еден збор – сите што се против криминал и корупција, а за подобар животен стандард и економија, да се видат себе во новата доктрина“, вели за Фокус Николоски.

Кој се трка за партиското лидерско столче во СДСМ ?

Изборот на нов лидер на владејачката СДСМ доаѓа по оставката на досегашниот претседател на партијата Зоран Заев по загубата на локалните избори од ВМРО-ДПМНЕ.Во мај пак кога Заев беше резибран за партиски лидер со нов четиригодишен мандат немаше противкандидати. Новиот лидер ќе треба да ја преземе партијата по осумгодишното управување на Заев.

Прва кандидатура поднесе поранешната потпретседателка на СДСМ и поранешна техничка министерка за труд и социјала Фросина Ременски. Таа беше и пратеник во претходниот парламентарен состав, а партијата не ја кандидира на ланските избори.

„Да го вратиме СДСМ на победнички шини“, ова е пораката од програмата на Ременски, единствената жена која на овие избори се кандидираше за лидерската функција.

Ременски е обвинета во случајот Меѓународен сојуз. Според обвинението таа со својот углед и авторитет го поддржувала првообвинетиот Бојан Јовановски -Боки 13 на средби со оштетените бизнисмени, кои потоа биле измамени и оштетени. Судскиот процес за овој случај е во тек.

По неа во партијата се пријави и актуелниот заменик министер за финансии Димитар Ковачевски кој се смета за избор на досегашниот лидер Заев кој и на преговорите со Алтернатива за влегување во владата беше придружуван од него. Неговата програма се базира на три столба, социјалдемократската визија, економски раст и правичен систем во кој најдобрите ја добиваат одговорноста.

Тој е актуелен заменик-министер за финансии, а во неговата биографија стои дека магистрирал на економски науки на УКИМ, а докторирал на Универзитетот во Подгорица.

Јован Деспотовски актуелен директор на Дирекцијата за развојни технолошки зони, пак, одамна е присутен на политичката сцена, а од ВМРО-ДПМНЕ од порано му го доделија епитетот најблизок соработник на Радмила Шекеринска, доскорашната заменик претседателка на СДСМ која годинава одлучи да се повлече од партиските функции. Тој довербата од сопартиците ќе ја бара со програмата „Концепт 28“. Во својата програма нуди нов пристап во одговорноста, наместо кон лидерот, воведување на систем на одговорност на функционерите кон членството, кон граѓаните.

Деспотовски е дипломиран економист на УКИМ и постдипломец по меѓународни односи и дипломатија на Универзитетот „Американ колеџ“. Работел во Секретаријатот за европски прашања, како и во Фондот за иновации и технолошки развој.

Иницијативата за вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ веќе не постои

ВМРО-ДПМНЕ, кои пред СДСМ го закажаа изборниот конгрес за 12 декември, гласањето овојпат за разлика од пред четири години кога првпат беше избран Христијан Мицкоски го дочекуваат во помирна атмосфера. Право на глас имаат 518 делегати.

Мицкоски досега немаше толку мирен мандат. До пролетва поранешни партиски функционери и градоначаници како Ивица Коневски и Борче Стамов стоеа зад иницијатива за свикување вонреден конгрес, кој не помина во партиските тела на ВМРО-ДПМНЕ. Сега тие немаат никаква иницијатива за редовниот конгрес, а член на одборот за РСЕ неодамна кратко изјави дека „иницијативата веќе не постои“.

Јанчев, во 2018 година беше исклучен од партијата поради несогласување со политиките на раководството, а на овие локални избори повторно беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Но и конгресот во 2017 година во Валандово, на кој првпат беше избран Мицкоски не помина без турбуленции. Тогашните пратеници и истакнати партиски лица Антонијо Милошоски и Илија Димовски не отидоа на конгресот, бидејќи како што наведоа тогаш се сомневале во неговиот демократски капацитет. Милошоски е се уште пратеник, а од септември лани повторно е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Изборите на СДСМ ќе му го донесат петтиот претседател во партиската историја додека Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ ќе го означи стартот на вториот мандат на Мицкоски на чело на партијата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG