Достапни линкови

Министерствата инертни по препораките на Народниот правобранител


Зибери: Најчести прекршители на човековите права се обвинителствата и судовите
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:47 0:00

Зибери: Најчести прекршители на човековите права се обвинителствата и судовите

Министерствата за здравство, за транспорт и врски, за труд и социјална политика, за образование, дел од судовите и обвинителствата се инертни кога станува збор за претставки на Народниот правобранител со што не овозможуваат ефикасна заштита на правата на граѓаните, покажува анализата на Омбудсманот. Омбудсманот Насер Зибери вели дека министерствата се често инертни и не соработуваат доволно со Народниот правобранител.

Господине Зибери, според податоците од вашата анализа граѓаните најмногу се жалат на прекршување на човекови права во правосудство, обвинителство и полицијата. За какви проблеми со овие институции најчесто поднесуваат претставки до вас?

За жал оваа област подолго време, односно перманентно е на врвот на поплаките на граѓаните, правосудство во кое се вклучени судовите, обвинителствата, нотарите, извршителите и така натака. Воглавно поплаките на граѓаните се насочени кон работата на судовите, тука мислам пред се на неажурното постапување на судовите, недонесување на одлуки во разумен рок. Се жалат на непостапување односно не покренување на постапки од страна на обвинителствата, и како една од централните теми за кои се поднесуваат најмногу претставки се работата на извршителите и тоа по сите основи. Со еден збор голем број на претставки доаѓаат на адреса на Народниот правобранител за областите за кои зборував.

Каков е односот на овие институции кон вас кога вие до нив поднесувате претставки или препораки како да се однесуваат кога станува збор за прекршување на некое човеково право ?

Тука имаме коректна соработка со извршителите, нотарите, адвокатите и нивните комори во кои се организирани. Но, ваквата оценка не може да се даде кога се во прашање обвинителствата. За жал овие институции малку покажуваат сенс за соработка и навремено давање на навремен одговор, но не само одговор, туку квалитетен одговор за прашањата кои ние ги покренуваме. А поготово се инертни во однос на постапување по препораките кои ние ги даваме кога ќе утврдиме дека има прекршување на човековите права. Затоа во нашата анализа се нотирани сериозни забелешки во оваа насока со чесни исклучоци за одредени основно јавни обвинителства и основни судови, но воглавно како институции кои треба да се на врвот на листата на заштита за човекови права се јавуваат токму како прекршители, односно не почитувачи на правата на граѓаните.

Од кои институции сте незадоволни во соработката со оглед на тоа што 60 проценти од вашите претставки се одговорени по истек на рокот или по дополнителна ургенција?

Воглавно институциите кои не одговараат на време, а за жал мора да истакнам дека има институции кои воопшто не одговараат, околу 10 проценти од институциите не одговараат на нашите барања, тука спаѓаат органите на управа од највисок ранг, мислам на министерствата, како министерство за здравство, за образование, за труд и социјална политика, потоа еден сегмент од министерството за внатрешни работи, поконкретно одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди. Но, како што ви истакнав и обвинителствата, Врховниот суд и така натака.

Кога станува збор за правата на децата, слично негативно искуство имате и со Министерството за образование и наука, труд и социјална политика, здравство, Управата за водење на матичните книги. Какви права на децата се нарушуваат или за какви нарушени детски права овие институции не постапуваат ?

Претставките се однесуваат од чинот на запишување на новородените деца од матичната евиденција кога е во надлежност на Управата за водење на матични книги, па се до реализација на правата кои произлегуваат од областа на образованието, социјалната заштита. Тука доминираат овие две години претставки во областа на квалитетот на образованието, бидејќи како резултат на пандемијата имаше промена на начинот на извршување на воспитно образовниот процес, условите во кој се одвиваше таа настава, условите во смисла на и здравствени и хигиенски, но и техничкото управување на училиштата. Има сериозни поплаки за користење на додатокот за трето дете, потоа на образовниот додаток. Има повреди и големи барања на реализација на законско гарантираното право на лицата со попреченост, на други прашања кои министерството за образование бавно реагира. И тука секако има еден корпус на претставки во однос на преминот и начинот на одржување на наставата во прво и четврто одделени во преминот на дигитални учебници, односно изведување на настава со дигитално образование.

Тие не одговараат на вашите барања?

Да се разбира, овие институции кои ги спомнав се многу инертни тоа се значи министерството за труд и социјална политика, образование и здравство. А за разлика од нив органите во нивниот состав, како што се центрите за социјална работа, просветниот инспекторат и други институции се навистина ажурни и даваат квалитетни одговори во нашите поставени прашања. Тоа ни олеснува да ги надминеме проблемите, односно да се елиминираат повредите кои ги утврдуваме.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG