Достапни линкови

Замрзнати цени - Празни рафтови или намалени профити за бизнисите


Илустрација
Илустрација

Ако цената на храната е пониска од суровината, фирмите нема воопшто да ја произведуваат, предупредуваат бизнисмените. До тоа нема да дојде, вели економистот Бранимир Јовановиќ, кој посочува дека Македонија е една од ретките земји каде што фирмите се во многу подобра состојба од граѓаните.

Замрзнувањето на цените може да предизвика празни рафтови во продавниците, односно месото можеби ќе биде 200 денари, ама нема да има каде да се купи, предупредуваат бизнисмените по владината одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи. Од друга страна, економистот Бранимир Јовановиќ вели дека до тоа нема да дојде. Само ќе се намалат и онака големите профити на фирмите. Во владата смируваат дека замрзнувањето на цените ќе трае до крајот на јануари и уверуваат дека недостиг на производи нема да има.

Владата пред неколку дена донесе одлука за замрзнување на цените на лебот, шеќерот, брашното, зејтинот, млекото, свежото месо и сувомеснати производи и сирењето и урдата. Тие ќе мора да ги задржат цените по кои се продавале на 1 декември најмалку до крајот на јануари. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека листата може да се прошири и со други производи.

Повозрасните тоа ги потсети на ситуацијата во Југославија во 80-тите години од минатиот век кога цените на основните животни производи во неколку наврати замрзнуваа, но нив ги немаше во продавниците или се продаваа со бонови.

Дополнителен проблем е што Македонија е увозник на храна, па нема големо влијание врз увозните цени. Тоа ги зголемува стравувањата дека ако продажната цена е прениска, бизнисмените воопшто нема да се трудат да ги увезат или произведат тие производи.

Арбен Халили од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека владината мерка е добра, но не е целосна, зашто цените на храната за граѓаните замрзнуваат, но не замрзнуваат цените на суровините од кои се произведува таа храна. Тој вели дека ќе треба да има и мерка за поддршка на прехранбените компании.

„Може да се дојде до ситуација кога цената на производство на одреден производ, на пример на лебот, да дојде до тоа да биде поголема или еднаква на продажната. Во таква ситуација несомнено дека секој производител или бизнисмен нема да произведува нешто што чини повеќе од цената по која може да го продаде“, вели тој.

Од друга страна, економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски истражувања вели дека мерката е оправдана, па дури и задоцнети. Тој вели дека недостиг на производи нема да има, затоа што фирмите и онака имаат огромни профити. Нивното негодување е разбирливо, зашто сакаат да ги задржат тие профити, вели тој.

„Де факто ова е мерка којашто ќе ги намали профитите на фирмите на краток рок, ама тоа се прави со цел да се задржи социјалната компонента, односно граѓаните да не бидат погодени од растот на цените. Значи ова е де факто мерка којашто е своевиден данок за фирмите. Сметам дека мерката е оправдана, затоа што фирмите во Македонија генерално се во многу подобра состојба отколку што се граѓаните. Дури, макроекономски гледано, профитите на фирмите се поголеми од платите што граѓаните ги земаат. Македонија е една од ретките европски земји каде што е тоа така. Така што, со ова лимитирање, дел од профитот на фирмите ќе се редистрибуира кон граѓаните“, вели тој.

И во владата смируваат дека мерката нема да предизвика недостиг.

„Веќе одредени компании се изјаснија дека имаат залихи на нивните производи до периодот кога ќе важи одлуката за замрзнување на цените, односно до 31 јануари 2022 година. Не се очекуваат турбуленции на пазарот односно недостиг на производи на домашниот пазар“, ни одговорија во владата.

Според Државниот завод за статистика, трошоците за живот во изминатата година се зголемени за 4 проценти, а храната е поскапена за 4,6 отсто.

Од Нова година се очекува и зголемување на цената на струјата. Во владата велат дека порастот на цените на примарните производи и на енергијата се очекува да се стабилизираат најдоцна до средината на наредната година.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG