Неколку проектили го погодиле објектот за поправка на авиони во близина на аеродромот во Лвив, соопшти денеска градоначалникот Андриј Садовиј. Од погодениот објект се крева чад. Во нападот е оштетен и објект за поправка на автобуси. Засега нема информации за жртви.
Советникот на украинското Министерство за внатрешни работи, Антон Херашченко, претходно изјави дека рано утрото имало неколку експлозии во Лвив.
„Експлозии одекнаа во Лвив утрово околу 6:30 часот. Пожари може да се забележат на периферијата на градот“, објави Харашченко на Телеграм.
Руските сили вршат притисок и врз други украински градови, вклучително и врз главниот град Киев, каде беше забележано гранатирање во предградијата.
Проектилите кои го погодиле Лвив биле лансирани од Црното Море, објави западната команда на украинските воздухопловни сили на Фејсбук, додавајќи дека два од шесте лансирани проектили биле соборени.
Светските лидери вршат притисок да се истражат руските напади врз цивилни цели, меѓу кои и на училишта, болници и станбени области.
Спасувачките служби во Мариупол продолжија со потрагата по преживеани во урнатините на театарот кој беше цел на напади на 16 март. Зградата на театарот служела како засолниште на цивили.
Извештаите на украинските власти велат дека стотици цивили биле засолнети во театарот кога тој бил погоден. Сè уште нема извештаи за загинати и има спротивставени извештаи за тоа дали некој излегол од урнатините.
Во меѓувреме, вчера четврти ден по ред траеја преговорите меѓу руската и украинската страна преку видеоврска, но сè уште не е постигнат договор.
Нови санкции против Русија
Јапонија и Австралија денеска соопштија дека воведуваат посебни мерки со кои се санкционираат руски поединци и организации како казна за инвазијата на Украина.
Јапонија ќе воведе санкции против 15 руски поединци и девет организации, вклучително и претставници на одбраната и државниот извозник на оружје Рособоронекспорт.
Санкциите, кои вклучуваат замрзнување на имотот, се најнови во серијата мерки на Јапонија по руската инвазија на Украина.
Јапонија сега воведува санкции за 76 поединци, седум банки и 12 други организации во Русија, соопшти јапонското Министерството за финансии.
Австралија воведе санкции за двајца руски милијардери, Олег Дерипаска и Виктор Векселберг, кои се поврзани со рударската индустрија во Австралија.
Министерката за надворешни работи на Австралија, Марис Пејн, рече дека Австралија е во тесна соработка со меѓународните партнери за да го зголеми притисокот од санкции врз олигарсите блиски до рускиот претседател Владимир Путин.
Австралиските мерки се насочени кон 41 руски олигарси и членовите на нивните потесни семејства кои веќе се соочуваат со финансиски санкции и забрана за патување, рече Пејн.
Бајден ќе разговара со Џинпинг за Украина
Американскиот претседател Џо Бајден ќе разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг за загриженоста на САД дека Пекинг „размислува директно да ѝ помогне на Русија со воена опрема што ќе ја користи во Украина“, рече државниот секретар на САД, Антони Блинкен.
„Бајден јасно ќе му стави до знаење на Си Џинпинг дека Пекинг ќе сноси одговорност за какви било активности што ќе ги преземе за да ја поддржи руската агресија“, им изјави Блинкен на новинарите.
Кина не ги осуди акциите на Русија во Украина и одбива да ги нарече инвазија. Кинеските власти велат дека го признаваат суверенитетот на Украина, но дека Русија има легитимни безбедносни грижи што треба да се решат.
Двајцата претседатели треба да зборуваат во 14 часот, според средноевропско време.
Канцеларијата на ОН за човекови права во Женева соопшти дека регистрирала 2.032 цивилни жртви во Украина, од кои 780 загинати и 1.252 повредени.
Околу 3,2 милиони цивили побегнале во соседните земји, соопштија Обединетите нации.
Полска примила повеќе од два милиони беглаци од Украина
Повеќе од два милиони бегалци од Украина примила Полска, соопшти полската гранична служба. Тоа е повеќе од населението колку што има главниот град на Полска, Варшава.
Од полската граничната служба денеска на Твитер објавија дека бројот на луѓе кои преминуваат во земјата продолжува да се намалува. Изминатите 24 часа во земјата влегле нешто повеќе од 52 илјади луѓе, соопшти Службата. Се додава дека уште 7.100 влегле во земјата од 7 часот утринава.
„Тоа се претежно жени со деца. Стражарите се првите Полјаци кои им помагаат по преминувањето на границата. Честопати, само зборовите на поддршка значат најмногу“, велат од Граничната служба.
Повеќе од три милиони луѓе досега ја напуштиле Украина од почетокот на војната, откако Русија ја нападна земјата на 24 февруари, покажуваат податоците на Обединетите нации.
Не е јасно колку бегалци останале во Полска, бидејќи се смета дека многу од нив отпатувале во трети земји.