Достапни линкови

Судот во Хаг ѝ наложи на Русија да ги запре воените операции, бомбардирањата продолжуваат


Пожарникар пред уништена станбена зграда по бомбашкиот напад во област во Киев, Украина. 15 март 2022 година.
Пожарникар пред уништена станбена зграда по бомбашкиот напад во област во Киев, Украина. 15 март 2022 година.

Русија мора да ја прекине воената операција во Украина, одлучи Меѓународниот суд на правдата. Украинскиот претседател Зеленски изјави дека со тоа Украина извојувала целосна победа во случајот против Русија. Во меѓувреме продолжува руското гранатирање на земјата.

Меѓународниот суд на правдата (МСП) денеска ѝ наложи на Руската Федерација да ги прекине воените операции во Украина. Иако судските одлуки се обврзувачки, судот нема директни средства за нивно извршување, a во ретки случаи во минатото некои земји ги игнорирале.

„Руската Федерација веднаш да ги прекине воените операции кои започнаа на 24 февруари на територијата на Украина до конечната одлука во случајот“, изјави судијката Џоан Доногју од Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Украина тужбата ја поднесе веднаш по почетокот на руската инвазија на 24 февруари, велејќи дека е неосновано руското оправдување дека дејствува за да спречи геноцид во источна Украина.

По објавувањето на одлуката, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ова е победа за Украина.

„Украина извојува целосна победа во спорот против Русија пред Меѓународниот суд на правдата. МСП нареди итно запирање на инвазијата. Наредбата е обврзувачка според меѓународното право. Русија мора веднаш да послуша. Игнорирањето на наредбата дополнително ќе ја изолира Русија“, напиша Зеленски на Твитер.

Украински деца бегалци сведочат за воениот масакар
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:52 0:00

Русија ги прескокна сослушувањата на Судот кои беа закажани на 7 март, „поради очигледната апсурдност на тужбата“, соопштија руските власти. Москва сепак до Судот достави писмен документ во кој се вели дека МСП не треба да изрекува никакви мерки.

Рускиот претседател Владимир Путин инвазијата врз Украина ја опиша како „специјална воена акција“ потребна „за заштита на луѓето кои биле подложени на малтретирање и геноцид“, што значи оние на кои прв или единствен јазик им е рускиот, во источна Украина.

Русија тврди дека употребата на зборот „геноцид“ од страна на Путин не значи автоматски дека неговите постапки се засноваат на Конвенцијата за геноцид. Без спор околу толкувањето на договорот, судот нема јурисдикција, тврди Русија.

Во итни ситуации судот може да одреди итни мерки за неколку дена, дури и пред да одлучи дали е надлежен за предметот. Ова обично трае повеќе месеци, додека одлуките за основаноста на случајот може да траат со години.

Продолжува руското гранатирање на Украина

На 21-от ден од руската инвазија врз Украина, продолжи гранатирањето на Киев и другите градови, а повеќе од три милиони луѓе ја напуштија Украина од почетокот на војната.

Според денешните извештаи, во рускиот напад над Киев рано утринава погодени биле две станбени згради, при што две лица се повредени, додека две лица загинале во напад на вториот по големина украинска град Харкив.

Руските сили наводно земале пациенти и медицински персонал за заложници, во болница во опколениот украински град Мариупол. Заменик градоначалникот на Мариупол Сергеј Орлов изјави дека 400 луѓе се во болницата и дека руската армија „користи пациенти и лекари како заложници“, пренесува Би-Би-Си.

Според локалните власти, околу 2.000 автомобили успеале да го напуштат Мариупол.

Повторно одбиено барањето за зона на забранети летови

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се обрати пред американскиот Конгрес, додека Вашингтон се подготвува да одобри нов пакет помош за Украина. Се очекува американскиот претседател Џо Бајден да објави дополнителна воена помош од 800 милиони долари.

Во денешното видео обраќање на состанокот на американскиот Претставнички дом и Сенатот, Зеленски ги повика Конгресот на САД и американскиот претседател Џо Бајден да обезбедат дополнителна воена помош за да се заштити небото над Украина, но и да воведат дополнителни санкции против Русија.

По обраќањето на украински јазик, Зеленски се префрли на англиски јазик и директно му се обрати на Бајден, велејќи:

„Вие сте лидер на нацијата, на вашата голема нација. Ви посакувам да бидете лидер на светот. Да се биде лидер на светот, значи да се биде лидер на мирот“, рече Зеленски додавајќи дека на Украина „веднаш“ и е потребна помош од САД.

Претседателот на САД Бајден создавањето на „зона за забранети летови“ над Украина го нарече „Трета светска војна“, а Пентагон ги отфрли барањата за испраќање борбени авиони МиГ-29 во Украина.

И генералниот секретар на НАТО исто така потврди дека НАТО нема намера да воведе зона на забранети летови над украинското небо, ниту пак да испрати војници на Алијансата на украинска територија.

Претходно, советник на украинскиот претседател рече дека Русија дала предлог за неутралност на Украина според австрискиот модел и наведе дека предлогот е неприфатлив за земјата.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија е отворена за мировен договор во кој Украина ќе биде неутрална, но дека ќе има своја војска и морнарица како Австрија и Шведска.

Сенатот на САД синоќа едногласно усвои резолуција со која се осудува рускиот претседател Владимир Путин како воен злосторник.

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека „нема шанси Украина наскоро да влезе во НАТО“.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG