Достапни линкови

Попуштање на мерките – грижа за економиите или за здравјето на граѓаните


Банкнота од еден долар со заштитна маска на лицето на Џорџ Вашингтон
Банкнота од еден долар со заштитна маска на лицето на Џорџ Вашингтон

Некои земји преземаат чекори за попуштање на рестриктивните мерки за справување со коронавирусот со цел рестартирање на нивните економии. Сепак, и здравствените и економските експетри предупредуваат дека овие мерки не можат да бидат заеднички за секоја земја.

Кризата со коронавирусот покрај врз здравствените и економските системи почна да се прелева и на улиците во светот. Во некои земји луѓето бараат попуштање на мерките за заштита од вирусот и намалување на рестрикциите со цел да можат да преживеат. Но сепак поголем дел од земјите се согласни дека е сè уште многу рано за да се направат такви чекори.

Притисокот е најочигледен во САД, анализира Асошиеjтед прес. Администрацијата на претседателот Доналд Трамп вели дека делови од земјата се подготвени за постепено враќање на нормалноста. Но неколку гувернери на држави во САД велат дека нивните напори за справување на пандемијата биле спречени поради несоодветниот федерален одговор на кризата со коронавирусот.

Поддржувачи на Трамп ги игнорираа мерките за физичко дистанцирање и за седење дома, и од улица побараа гувернерите во нивните држави да го запрат ограничувањето на јавните активности. Трамп ги повика гувернерите кои се Демократи да ги „ослободат“ граѓаните затоа што тие си ја сакаат земјата и сакаат да се вратат назад на работа.

Гувернерот на Вашингтон, демократот Џеј Инсли го обвини претседателот Трамп за поттикнување на нелегални активности.

„Американскиот претседател ги охрабрува луѓето да го прекршуваат законот. Не можам да се сетам дека сме биле сведоци на нешто вакво во Америка“, изјави Инсли за Еј-Би-Си Њуз.

„Ова е опасно и може да ги инспирира луѓето да го игнорираат она што всушност може да им го спаси животот“, додава Инсли.

Попуштање на мерките, но постепено

Воведувањето на строги мерки за заштита од коронавирусот, како целосен карантин, предизвикаа поместувања во економскиот, социјалниот, културниот и религиозниот живот во светот и ги „фрли“ економиите во поголема криза од Големата депресија. Десетици милиони луѓе останаа без работа, а уште милиони стравуваат дека тие ќе бидат следни.

Но поради разликата во подготвеноста на секоја земја за справување со коронавирусот постојат и разлики во чекорите кои секоја земја поединечно ги презема за попуштање на мерките за ограничување.

Кина, каде што започна пандемијата, ја тргна забраната за патување како и другите забрани, но сепак враќањето во нормала се одвива полека.

Германија и понатаму препорачува одржување на социјална дистанца, но од оваа недела ќе им биде дозволено на помалите продавници кои продаваат мебел како и продавниците за бебиња да отворат. Австрија започна со отворање на продавниците уште минатата недела.

Во Шпанија, една од најпогодените земји во Европа, децата ќе може да излезат од домовите на 27 април.

Глобалната економија се очекува да се намали за 3 проценти во 2020 година, како резултат на колапсот после пандемија со коронавирусот, со што ќе се забележи најостар пад од Големата депресија од 1930-тите, соопшти и Меѓународниот монетарен фонд.

Но и покрај ваквите предвидувања, многу земји не се согласни за брзо попуштање на мерките за заштита од вирусот.

„Не смее да попуштиме додека не добиеме потврда дека и последниот пациент е излекуван“, вели претседателот на Јужна Кореа Мун Џае-ин.

И Велика Британија, во која постојано расте бројот на лица починати од Ковид-19, властите велат дека не се подготвени да ги попуштат мерките за справување со коронавирусот. Министерот Мајкл Гов во изјава за Би-Би-Си вели дека „рестораните и пабовите последни ќе бидат отворени“ по завршување на карантинот кој е на сила до 7 мај.

Агенцијата за здравство во Франција и понатаму апелира до јавноста за одржување на мерките за социјално дистанцирање кои ќе траат до 11 мај. Премиерот Едуар Филип пак најави дека можеби ќе се воведе мерка за задолжително носење на маски во јавниот превоз и ги повика граѓаните да не планираат летен одмор.

Трамп врши притисок да започне со олеснување на мерките во САД во некои држави дури и предкрајниот рок1 мај, план кој за да се спроведе потребно е зголемување на капацитетите за тестирање, сметаатздравствените експерти и гувернери од обете страни. Но, потпретседателот Мајк Пенстврди дека во земјата има „доволно тестирање“ и декадржавите треба да започнат да работат за спроведување на почетните фази на повторно отворање на нивните економии.

СЗО: Попуштање на мерките не значи крај на пандемијата

Директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, ги предупреди земјите што планираат да ги ублажат мерките за борба против пандемијата на новиот коронавирус да бидат подготвени да реагираат брзо во случај на нова епидемија на Ковид-19.

„Укинувањето на рестриктивните мерки не значи крај на епидемијата во ниту една земја, туку само почеток на следната фаза“, рече Гебрејесус.

Подготви Марија Севриева

XS
SM
MD
LG