Достапни линкови

Ребаланс во време кога треба да се крои наредниот буџет


Кога не се трошат парите од буџетот како што треба и кога не се собираат приходите според предвиденото, поарно е кога ребалансот на буџетот би се направил порано, за да се остварат економските политики, велат економисти. Владата го планира ребалансот за наесен.

Најавениот ребаланс на буџетот наесен е задоцнет, велат економистите, оти тогаш веќе започнуваат и подготовки за буџетот за следната година. Податоците за првата половина од годината покажуваат дека малку се потрошило од парите предвидени за капитални инвестиции, а потфрла и полнењето на буџетот од даноци.

Економистот Зоран Ивановски вели дека никогаш со сигурност не може да се предвиди реализацијата на расходите и приходите, но што се однесува до тајмингот, поарно би било кога ребалансот би се направил порано.

„Доколку интензитетот на трошењето на парите за инвестициите и динамиката на прибирањето на приходите не се во согласност на планираните проекции, подобро е тоа да се прави колку е можно порано за да имаме дефинитивно остварување на оние економски политики кои секоја влада ги планира“, вели професор Ивановски.

Тој смета дека современите економски техники и искуството може да помогнат проекциите да бидат попрецизни и посоодветни на политиките кои се планираат.

„Досега немавме транспарентно објавување на политики и методи кои се користат за проекциите“, вели тој.

Власта пак пред ребалансот прави проценки на трошоците и приходите.

„Ребалансот на Буџетот е редовна пракса што се случува во текот на фискалната година. Се прави преоценување на сите стапки во расходната и приходната страна. Веќе сме во фаза на анализа во овој дел. Ребалансот на Буџетот ќе се лансира најдоцна во последната недела од септември или почетокот на октомври“, изјави заменик-министерката за финансии Ширет Елези.

За половина година се реализирани само 20 отсто од капиталните инвестиции предвидени за целата година, односно инвестирани се само 86 милиони евра од предвидените 422 милиони евра. И минатата година беа испланирани повеќе пари за капитални проекти, но потоа со ребаланс на буџетот беа скратени, а парите пренаменети за да се вратат долговите на општините.

Дел од парите од прекројувањето на овој буџет ќе одат за гасификацијата, барем така неодамна најави премиерот Зоран Заев, кој времено е и министер за финансии.

„Знам дека одредени буџетски ставки мора да ги промениме. Најголем дел е заради максимализација на капиталните инвестиции. Имаме милијарда и пол денари предвидени за гасификација и ако не проектираме дополнителни средства, до октомври-декември, ќе останеме без пари за реализација на гасификацијата. А сакаме, бидејќи гасификацијата е важен проект во државата“, рече Заев.

Пред два дена на владина седница е донесена одлука да се бараат странски кредити за изградба на гасоводите Гостивар - Кичево и Свети Николе-Велес.

Освен слабата реализација на капитални инвестиции, потфрла и полнењето на буџетот од даноци. Од данок на добивка во првата половина од годинава биле наплатени скоро 30 милиони евра помалку отколку истиот период лани, иако владата проектирала раст. Планиран е раст и во наплатата на нето ДДВ, но тоа е на исто ниво како лани.

Во првата половина од годинава во буџетот биле собрани над 96 милијарди денари, односно скоро 46 отсто од планираното. Тоа е за скоро 6 милијарди денари повеќе од истиот период минатата година.

За годинава државната каса е проектирана на историски највисоко ниво, од 3,7 милијарди евра.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG