Оставката на Драги Рашковски е најкоментирана тема на социјалните мрежи, но и пред оставката Рашковски веќе цел месец е во фокусот на интересот на јавноста, прво со набавката на софтверот за МВР, па со одморот во Мексико, со џипот што го вози, а на крај и со хациендата што ја гради во скопското село Побожје.
Во оставката на функцијата Секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализацијата на владината програма што Рашковски вчера ја објави на Фејсбук, а носи датум 12 април, се наведува дека тој се повлекува за да си ги зачува „достоинството и интегритетот“. Во објавата на Фејсбук тој тврди дека е жртва на лажни вести.
Премиерот Зоран Заев веднаш му ја прифати оставката.
Телевизијата Алсат-М претходно објави дека Рашковски гради супер-хациенда од 800 квадратни метри во скопското село Побожје, каде што поседува земјиште од 11 илјади квадратни метри. Според тоа што го објави телевизијата, ќе се гради објект за домување, базен, фитнес-сала, соба за билјард и разни други погодности.
Како што објави Алсат, инвеститори на објектот се две малолетни деца на Рашковски.
Според телевизијата, изградбата на таква карабина според планот во кој имале увид, може да чини 400 илјади евра.
Претходно, емисијата „360 степени“ објави дека Рашковски се подновил со џип Волво од 74 илјади евра, кој го нема пријавено во анкетниот лист. Некои свештеници духовито забележаа на тоа.
Антикорупциската комисија истражува колку заработува Рашковски и дали со таа заработка може да си го дозволи тоа што го поседува.
Прифаќањето на оставката за едни е обид за намалување на штетите врз владата.
Други, пак, иронизираат дека СДСМ можеле да смислат некоја неубедлува приказна за оправдување, алудирајќи на сообраќајката на поранешниот министер за труд и социјала Диме Спасов од 2016 година. Тој тогаш избега од местото на настанот, а се правдаше дека избегал зашто го бркале Албанци од Серава.
Поранешната пратеничка на СДСМ Софија Куновска во аферата со Рашковски гледа внатрепартиска пресметка во СДСМ.
Рашковски беше главна тема на социјалните мрежи и минатиот месец, кога со семејството замина на одмор во Мексико.
Неговото име до сега се поврзуваше со проектот за хеликоптерската единица за брза помош, случајот со италијанската фирма „Леонардо“ за набавка на нов софтвер за М-НАВ, проектот за јавно приватно партнерство за наплата на акцизните стоки... Најактулен е случајот со набавката на софтвер за контрола во сообраќајот кој Рашковски како генерален секретар на Владата го распишал без знаење на МВР, за кој Обвинителството покрена истрага, а под мониторинг е и неговиот анкетен лист откако Антикорупциската комисија реагираше на пишувањата во медиумите дека вози луксузно возило кое го нема пријавено како државен функционер и по информациите во медиумите дека гради вила од 800 квадрати во Побожје.