Достапни линкови

Растеме генерации зависни од засладени пијалоци и брза храна


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Имаме причина да бидеме загрижени, велат дел од лекарите по извештајот на СЗО кој покажува дека една третина од децата имаат прекумерна телесна тежина. Предупредуваат дека дебелината е ризик за појава на многу болести, меѓу кои и дијабетот тип 2, кој се повеќе се јавува кај школските деца.

Дебелината кај децата и натаму останува сериозен здравствен проблем на кој треба да се работи, сметаат докторите за јавно здравје.

Извештајот за 2022 година кој го објави Светската здравствена организација (СЗО) покажува дека една третина од децата на седум годишна возраст во земјава се со зголемена телесна тежина, од кои 15% се соочуваат со дебелина.

Доктор Игор Спировски раководител на Одделението за исхрана и здравствено-хигиенски прегледи при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) вели дека она што загрижува е што трендот останува ист во изминативе десет години и нема никакво подобрување на ова поле.

„Откога почнавме да мериме до сега имаме само тенденција или на стагнација или на влошување, така што мојот финален заклучок е дека имаме причина да бидеме загрижени, затоа што ако се споредуваме со другите земји ние сме во горната половина на земјите во Европа кои имаат определна преваленца на зголемена телесна тежина и дебелина кај децата“, вели д-р Спироски од ИЈЗ.

Децата пијат најмногу засладени сокови

Децата во Македонија на седум годишна возраст се и меѓу првите во Европа кога станува збор за пиење засладени пијалоци. Анализата на СЗО покажала дека 38% од децата во нашава земја конзумираат сокови со шеќер, што е второ највисоко ниво во Европа.

Д-р Ирфан Амети, од Универзитетската клиника за ендоркинологија за РСЕ вели дека последните години се почесто кај децата од школска возраст се појавува дијабетот тип 2, што го поврзува со прекумерната тежина и поради што вели потребни се итни мерки и здравствени стратегии за да се спречат овие појави.

„Треба навремено да се интервенира во промената на стилот на живот и да се одбегнат лошите навики во исхраната кои се во тренд како што е брзата храна, пржената храна, која што влијае врз дебелината, второ е да ги поттикнеме да се бават што повеќе со физичка активност и движење и трето, децата да не поминуваат премногу време пред компјутери, повеќе природа и физичка активност, а помалку седење пред компјутерите“, вели ендокринологот.

Решението за епидемијата на дебелина не е само во здравството

Д-р Спироски предупредува дека ако не и се обрне внимание на дебелината како болест сама по себе, државата ќе треба да се справува со последиците што се јавуваат од неа.

Дебелината вели е ризик фактор за појава на кардиоваскуларни заболувања, дијабет, но и пореметувања во скелетот и дишењето.

Решението вели не е само во здравството, туку потребна е реакција од повеќе институции, а државата треба обезбеди услови во повеќе сегменти, од изградба на велосипедски патеки, до здрави оброци во образовните установи.

„Потребни се јавно здравствени и општествени мерки. Не може парцијално да се решава проблемот да менувате менија во градинки и училишта, а тие деца да не можат безбедно да стигнат до училиштето и до градинката и да не можат да пешачат, значи мора еден комплекс мерки кој ќе ја покаже решеноста на државата да се справи со овој проблем“, нагласува доктор Спироски.

Скопјанката Марија Димовска, која што е советник за здрава исхрана, но и родител на двегодишно дете признава дека со децата не секогаш е лесно, но вели дека родителите може да придонесат многу во навиките на децата.

„И со возрасни некогаш знае да биде тешко, а кај деца е уште потешко да се спроведе, но мислам дека родителите може многу да влијаат врз исхраната, добрите навики и здравјето на децата. Првите пет години се темел на здравјето на детето и ако родителите се потрудат децата во раното детство да стекнат здрави навики тоа ќе остане кај нив и во иднина“, вели Димовска.

Инфографика - Колку македонските 7-годишници јадат овошје и зеленчук, пијат засладени напивки, колку се физички активни... според истражување на СЗО спроведено во 2019 година
Инфографика - Колку македонските 7-годишници јадат овошје и зеленчук, пијат засладени напивки, колку се физички активни... според истражување на СЗО спроведено во 2019 година

Данок на нездравата храна за борба против дебелината?

Една од препораките на СЗО за борбата против дебелината е воведувањето на данок на засладени пијалоци. Некои земји во Европа веќе го имаат воведено овој данок.

Од СЗО велат дека оваа препорака и натаму останува како јавно здравствена политика за да се намали ризикот од прекумерна телесна тежина кај децата.

Сепак , засега се уште не може конкретно да одговорат дали оваа мерка влијаела во намалувањето на дебелината кај децата, но искуствата покажале дека потрошувачката на вакви пијалоци се намалува.

„Во однос на намалувањето на дебелината кај децата како исход, јасно е дека ова е идеална долгорочна цел. Сепак, ова не е нешто што може да се измери како директна причинско-последична врска на краткорочен или среден рок. Повеќето даноци на засладени пијалоци се релативно неодамнешни, така што веродостојни податоци за овој исход сè уште не се достапни. Наместо тоа, најдобро е да се фокусираме на потрошувачката на шеќер кај населението, која покажа дека се намалува по воведувањето на данокот, одговара д-р Кремлин Викрамасинге, привремен шеф на Европската канцеларија на СЗО за превенција и контрола на незаразни болести.

Според д-р Спироски вели дека и Македонија треба да размислува за вакви мерки.

„Имаме два добри исходи од таквата мерка, првиот е дека буџетот на државата ќе добие повеќе средства од даноци, кои што во идеална ситуација би требало да бидат обележани за да одат во здравствениот сектор и број два индустријата за храна ќе почне да ги реформулира своите производи, ќе го подобрува составот и она што потрошувачите ќе го конзумираат“, вели д-р Спироски.

Дебелината кај децата не е проблем само во Македонија. Севкупно, 29% од децата на возраст од 7–9 години во земјите учеснички во истражувањето се
соочуваат со проблемот на зголемена телесна тежина, вклучително и дебелина.

Намалување на зголемената телесна тежина и на дебелината има само во три земји: Малта, Сан Марино и Италија.

Наодите во извештајот на СЗО се засноваат на податоци собрани во периодот помеѓу 2018 и 2020 година во 33 земји во Европа, меѓу кои и Македонија, при што во истражувањето во нашата земја биле опфатени околу 2.800 деца.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG