Достапни линкови

Вести

Дебелината, епидемија

Над половина милијарди луѓе во светот имаат прекумерна телесна тежина. Тоа е за два пати повеќе од бројот забележан во 1980 година. Во најновото американско истражување се наведува дека со прекумерна тежина се почесто се соочуваат и луѓето во посиромашните земји. Бројот на луѓето во светот со покачен крвен притисок изнесува околу милијарда.

види ги сите денешни вести

Генерален штрајк во Белгија против најавените реформи на владата

Брисел, Белгија
Брисел, Белгија

Во Белгија денеска (13 феврауари) се одржува генерален штрајк, поради што се откажани сите летови од белгиските аеродроми, редуциран е јавниот превоз и не работат јавната администрација, државната пошта, училиштата и комуналните служби, како затворските чувари.

Штрајкот е во организација на неколку белгиски синдикати, како резултат на незадоволство од најавените реформи и економска политика на новата Федерална влада на Белгија.

Согласно Коалицискиот договор за формирање на Владата, постигнат на 31 јануари, меѓу другото се предвидува намалување на буџетските трошоци за 23 милијарди евра во следните пет години, како и реформи во даночната политика, зголемување на старосната граница за пензионирање и намалување на средствата за социјалната заштита.

Во рамки на штрајкот се најавени и протестни маршеви на кои се очекува учество на неколку десетици илјади лица. Само на протестот во Брисел се очекуваат околу 60000 демонстранти.

Кон генералниот штрајк се приклучија и контролорите на летање, поради што воздушниот простор над Белгија е затворен од 06:45 до 22:15 часот. Откажани се сите летови кон и од бриселските аеродроми „Брисел-Завентем“ и „Брисел Југ-Шарлроа“, како и од аеродромите во Антверпен, Остенде и Лиеж.

Бриселското градско сообраќајно претпријатие СТИБ соопшти дека очекува „сериозни нарушувања“ на јавниот превоз во Брисел, поради целосен прекин на сообраќањето на некои метро, трамвајски и автобуски линии и редуцирање на останатите. Редуцирање на автобуските и трамвајските услуги се најавени и во Фландрија, додека во Валонија целосно се откажани неколку линии на јавниот превоз.

За разлика од патниот превоз, возовите ќе сообраќаат нормално, бидејќи железничарите решија да не прекинат со работа за да им овозможат на штрајкувачите од целата земја да допатуваат на протестот во Брисел. Белгиската железница СНЦБ соопшти дека се очекува зголемен обем на патници на линиите од и кон Брисел, па најави можност и за зголемување на бројот на возови што ќе сообраќаат.

Покрај поради штрајкот, ограничувања на движењето во Брисел има и поради состанокот на министрите за одбрана на НАТО, почетокот на фестивалот „Брајт“ и фудбалскиот натпревар во рамките на Лига Европа.

Одлука за ограничување на маржите на седница на Влада

илустрација
илустрација

Владата денеска (13 феврауари) на седница треба да ја донесе одлуката за 10-процентно ограничување на маржите во трговијата на мало и големо. Одлуката, според најавите, ќе важи до 30 април и ќе опфаќа над 100 групи производи.

Како што информира Владата покрај основните прехранбени производи одлуката ќе вклучува и средства за хигиена, бебешка храна и непрехранбени производи кои имаат многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.

Одлуката ќе биде донесена врз основа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало е утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците дистрибутери се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.

До утре, како што најави владината портпаролка, треба да се изврши и контрола кај производители на млеко, месо, млечни и месни производи.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера појасни дека веќе има работна верзија на предлогот и дека очекува денеска на итна седница на Влада да биде донесен. Мицкоски посочи дека на претходната седница бил донесен заклучок Министерот за економија и труд да свика работна средба и координација со сите институции како Комисијата за заштита на конкурентноста и Државниот пазарен инспекторат и да излезе повторно на терен да ја прошират акцијата и на други трговски хипермаркети во делот на белата техника.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, вчера одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, рече дека наскоро очекува средба помеѓу ресорните министерства и претставници на институции и да се дојде долгорочното решение за стабилни цени.

По порастот на цените на основните прехранбени производи и граѓанските бојкоти што беа организирани во изминатите две недели, Владата го задолжи Министерството за економија да донесе одлука за 10-процентно ограничување на маржата во трговија на мало и за 10 проценти на трговија на големо на основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но истата да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите, како и со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните.

Специјалниот пратеник на САД за Украина, Келог почнува европска турнеја

Специјалниот пратеник на САД за Украина Кит Келог
Специјалниот пратеник на САД за Украина Кит Келог

Специјалниот пратеник на САД за Украина Кит Келог денеска (13 февруари) ја започнува европската турнеја што ќе трае до 22 февруари и ги вклучува Германија, Белгија и Украина.

Целта на турнејата е да се поддржи идејата на претседателот Доналд Трамп за обезбедување мир во Украина, како и американските интереси во областа на националната безбедност, објави американскиот Стејт департмент на својата веб-страница.

Специјалниот пратеник на претседателот ќе учествува на конференцијата за безбедност во Минхен и ќе го посети седиштето на НАТО и Европската унија во Брисел, каде што ќе се сретне со сојузниците и партнерите од цела Европа кои се подготвени да соработуваат со САД за ставање крај на руската војна против Украина и враќање на стабилноста во Европа.

Во Украина, Келог ќе се сретне со владини претставници .

„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека борбите мора да престанат и дека САД се подготвени да поддржат трајно решение. Специјалниот пратеник е посветен на извршување на тешката дипломатија што ќе биде неопходна за да се постигне целта на претседателот“, соопшти Стејт департментот.

update

Трамп: Имавме „долг и продуктивен“ разговор со Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека имал „долг и многу продуктивен“ телефонски разговор со неговиот руски колега Владимир Путин.

„Разговаравме за Украина, Блискиот Исток, енергијата, вештачката интелигенција, моќта на доларот и разни други теми“, рече Трамп во објава на неговата социјална мрежа Вистина.

„Договоривме тесна соработка, вклучително и меѓудржавни посети. Исто така, се согласивме нашите тимови веднаш да почнат со преговори, а ќе почнеме така што ќе го повикаме украинскиот претседател Зеленски за да го известиме за разговорот, а тоа ќе го направам токму сега“, стои во објавата на Трамп.

Кремљ објави дека Русија е подготвена да прими американски претставници на разговори за Украина.

Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, Трамп „изразил поддршка за итен прекин на непријателствата и мирно решавање на проблемот“.

„Претседателот Путин, од своја страна, ја спомена потребата да се елиминираат причините за конфликтот и се согласи со Трамп дека долгорочно решение може да се постигне со мирни преговори“, рече Песков.

Песков рече дека Путин го поканил Трамп да ја посети Москва и дека Русија е подготвена да прими американски претставници на разговори.

Засега нема коментар од кабинетот на Зеленски.

Американскиот претседател додава и дека задолжил тим предводен од државниот секретар Марко Рубио да ги води преговорите.

„Сакам да му се заблагодарам на претседателот Путин за неговото време и труд за време на овој повик, како и за вчерашното ослободување на Марк Фогел, прекрасен човек кој лично го пречекав во Белата куќа синоќа. Верувам дека овој напор ќе доведе до успешен крај, се надевам наскоро!“, заклучи Трамп.

Трамп и Путин разговарале речиси час и половина, изјави портпаролот на Кремљ, според извештајот на државната новинска агенција ТАСС.

Новинската агенција Ројтерс објави дека ова е прв познат директен контакт меѓу Путин и американскиот претседател од пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Разговорите доаѓаат во време кога се приближува третата годишнина од инвазијата, на крајот на овој месец, а дипломатијата се интензивира во пресрет на Минхенската безбедносна конференција од 14-16 февруари, на која Зеленски и високи американски претставници планираат да присуствуваат.

Во Киев, Зеленски се состана со американскиот секретар за финансии Скот Бесент за да разговара за потенцијалниот договор за критичните минерали во Украина и рече дека се надева оти двете земји ќе постигнат договор за ова прашање на конференцијата во Минхен.

Зеленски зборуваше на заедничката прес-конференција со Бесент, кој му го претстави првичниот нацрт на договорот за време на состанокот и рече дека договорот за минерали може да и обезбеди на Украина „безбедносен штит“ по завршувањето на војната со Русија.

Трамп рече дека САД сакаат пристап до ретките минерали во Украина. Зеленски истакна дека силните западни безбедносни гаранции за Украина, со учество на Соединетите држави, се клучни за секој договор за прекин на војната.

Бесент рече дека неговата посета покажува дека администрацијата на Трамп е решена да стави крај на војната и дека САД стојат со Украина против руската агресија.

Враќање на предвоените граници на Украина е нереално за американскиот секретар за одбрана

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет на состанокот на воените сојузници на Украина во седиштето на НАТО во Брисел на 12 февруари 2025 година.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет на состанокот на воените сојузници на Украина во седиштето на НАТО во Брисел на 12 февруари 2025 година.

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет вели дека е „нереално“ да се очекува украинските граници да се вратат на предвоените позиции, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Киев може да и понуди на Москва територија заземена од украинските сили во рускиот регион Курск во замена за територијата окупирана од Русија, јави агенцијата Ројтерс.

Хегсет, на своето прво патување во странство откако беше потврден за функцијата, на состанокот на воените сојузници на Украина во седиштето на НАТО во Брисел денеска (12 февруари) изјави дека Вашингтон нема да распореди војници во Украина во ниту еден мировен договор што е склучен и дека Белата куќа не го гледа членството во НАТО како дел од решението на конфликтот.

Тој додаде дека американските сили нема да бидат дел од какви било безбедносни гаранции во мировниот договор.

„Ние сакаме, како и вие, суверена и просперитетна Украина. Но, мора да почнеме со признавање дека враќањето на границите на Украина од 2014 година е нереална цел“, рече Хегсет во најдиректната јавна изјава од американски функционер досега, за тоа како претседателот Доналд Трамп ќе пристапи кон завршување на речиси тригодишната војна.

„Да бидеме јасни, како дел од каква било безбедносна гаранција, нема да има американски војници распоредени во Украина“, рече Хегсет пред групата од околу 50 земји-членки кои ја поддржуваат Украина откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.

Коментарите на Хегсет дојдоа откако Зеленски во интервју за Гардијан рече дека Украина е подготвена да „размени една територија за друга“, иако не знаеше каква територија Киев би побарал од Москва во замена за дел од регионот Курск кој моментално е под контрола на украинските сили.

„Не знам, ќе видиме. Но, сите наши територии се важни, тука нема приоритети“, рече Зеленски во интервјуто објавено на 11 февруари. Тој досега одбиваше да се откаже од која било територија што Русија ја зазеде од почетокот на нејзината инвазија во 2022 година.

Запрашан за коментарите на Зеленски, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека таков потег е „невозможен“.

„Русија никогаш не разговарала и нема да разговара за размена на нејзината територија“, рече тој.

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека неговите војници ќе ги потиснат украинските сили од Курск, но одби да даде временска рамка кога очекува тоа да се случи.

Република Српска да се откаже од „законот за странски агенти“, повика германскиот амбасадор

Томас Фитшен, германски амбасадор во Босна и Херцеговина
Томас Фитшен, германски амбасадор во Босна и Херцеговина

Германскиот амбасадор во Босна и Херцеговина (БиХ) Томас Фитшен ги повика властите на Република Српска (РС) да се откажат од најавеното усвојување на таканаречениот закон за странски агенти.

Законот беше повлечен од собраниска процедура во мај минатата година, по големиот притисок од домашната јавност, но и од странство. Сепак, најавено е дека повторно ќе се најде пред пратениците следната недела.

„Предложениот закон за регистрација на невладини организации, кој е реконструиран од Владата на Република Српска, како што претходно заклучи Делегацијата на ЕУ, ќе претставува сериозно назадување на патот на пристапот на Босна и Херцеговина во Европската унија“, рече амбасадорот во денешната (12 февруари) изјава.

Амбасадорот Фитшен наведува дека „ограничувањата што се планира да се воведат за граѓанското општество во Република Српска се спротивни на основните права и демократските вредности како што се гарантирани во Европската унија“.

„Отворениот и слободен простор на граѓанското општество е од суштинско значење за демократскиот напредок и ЕУ перспективата на оваа земја. Затоа ги повикувам Владата на Република Српска и Народното собрание на Република Српска да престанат да го следат овој план“, напиша германскиот амбасадор.

Предлог-законот за посебен регистар и транспарентност на работата на непрофитните организации, кој во јавноста е познат и како закон за странски агенти, треба да се најде во процедура на следната седница на Народното собрание на Република Српска.

Владата на Република Српска на седницата на 6 февруари го одобри Предлог-законот.

Според најавите, во рок од шест месеци од донесувањето на законот треба да се формира регистар на непрофитни организации основани во Република Српска кои даваат финансиска помош на странски субјекти.

Усвојувањето на овој закон на крајот на јануари го најави Милорад Додик, претседателот на ентитетот Република Српска.

Ден по неговото обраќање, предлог-законот беше објавен на веб-страницата на Владата на Република Србија.

Тој потоа посочи „дека ќе се утврди статусот на странски агенти за сите оние кои добиваат пари од странски влади за да ја поткопаат РС“.

Законот, меѓу другото, предвидува надзор над невладините организации финансирани од странство, забрана за широко дефинирани политички активности, потреба од дополнителна регистрација и известување до Министерството за прием на финансиски средства од странство.

Во случај на прекршување на законот, надлежното министерство може да му предложи на судот забрана за работа.

Пратениците не си ги скратија патните трошоци

Илустрација - Македонското Собрание
Илустрација - Македонското Собрание

Предлогот на Левица за дополнување на Законот за пратеници, по скратена постапка, со кој оваа пратеничка група бара ограничување на патните трошоци на пратениците не доби поддршка на денешната (12 февруари) 34-та собраниска седница. Предлогот не беше ставен ниту на Дневен ред.

„ДПМНЕ не го изгласа предлог-законот на Левица за намалување на патните трошоци на пратениците! Честито нови милиони евра, колеги патриоти. Со здравје да си ги трошите“, напиша лидерот на Левица, Димитар Апасиев на Фејсбук, откако предлогот не доби поддршка.

Опозициската СДСМ ја поддржа иницијативата, подвлекувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН не се откажуваат од патните трошоци, „додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај“.

„Ќе ги игнорираме сите предлози чија единствена цел е популизам и креирање театар на секоја тема“, истакна на денешната прес-конференција, Даниела Белимова, пратеничка на Движењето ЗНАМ додавајќи дека ниту досега наплаќале, ниту од сега ќе наплаќаат патни трошоци.

Според пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, тие нудат „рационална и конструктивна равенка“, според која пресметката на патните трошоци ќе биде јасно дефинирана односно 6,5 литри гориво на поминати 100 километри.

Тој рече дека ваков закон е „насушно потребен бидејќи јавноста долго го артикулира овој проблем и тој директно влијае врз достоинството на Собранието, пратениците и политичкиот систем“.

Уставен суд: Собранието има шест месеци да ги корегира измените во КЗ

Дарко Костадиновски, претседател на Уставен суд
Дарко Костадиновски, претседател на Уставен суд

Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на измените на Кривичниот законик.

Судот изразил сериозен сомнеж за уставноста на оспорениот закон во целина и донел одлука да му наложи на Собранието во рок од шест месеци да ги направи неопходните измени и да се усогласи со аргументите на Судот, изјави денеска (12 февруари) претседателот на Судот, Дарко Костадиновски.

Доколку Собранието не го стори тоа, ќе следува укинувачка или поништувачка одлука од Уставниот суд, најави тој.

Одлуката следува по денешната седница на која Уставниот суд расправаше за иницијативата за измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, кои вклучуваа намалување на казните за функционерите, што предизвика реакции и спротивставени мислења за уставноста на законот.

Мнозинството од судиите на седницата посочија дека треба да се поведе постапка бидејќи законот е штетен и има далекусежни последици, но дел од нив тврдеа дека не е во надлежност на Уставниот суд да одлучува за постапката на донесувањето на законот во Собранието.

Судијата известител, Елизабета Дуковска, образложувајќи го рефератот на почетокот од втората седница на Уставен суд, денеска посочи дека наводите на подносителот се неосновани и предложи судот да ја отфрли иницијативата, поднесена од претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

Во иницијативата е наведено дека со измените една категорија граѓани се привилегирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните.

Измените и дополнувањата донесени во септември 2023 предизвикаа реакции во јавноста, кај правната фела и Европската комисија, бидејќи се однесуваат на членови што ги „ублажуваат“ казните кои тангираат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, а беа донесени за два дена, односно по скратена постапка и со европско знаменце.

Предложените законски измени беа изгласани во Парламентот со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан, по што беа потпишани од тогашниот претседател Стево Пендаровски.

Негативни реакции во јавноста предизвикаа измените на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничкото здружување.

Пратениците со изгласувањето на измените ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а укинаа и еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања, со тоа предвидоа и порано застарување на делата.

Од власта, донесувањето на измените и дополнувањата на Кривичниот законик со европско знаменце го правдаа дека е заради усогласување со директивите на Европската Унија, додека за опозицијата, тоа беше обид за амнестија на актуелните функционери во случај на промена на власта.

Во меѓувреме, Министерството за правда работи на нови измени за отстранување на штетните последици од измените од 2023 година и очекува новиот Кривичен законик да биде донесен во 2025 година. Новиот закон ќе се фокусира на унапредување на санкциите за тежок криминал и корупција, како и на заштита на човековите права.

ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ разговараат за промена на државниот грб

Државниот грб на Северна Македонија
Државниот грб на Северна Македонија

Партиите од владејачката коалиција, ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, го отвориле прашањето за промена на државниот грб, потврди денеска (12 февруари) Претседателот на Владата Христијан Мицкоски

„Ние ова прашање го отворивме. Ние сме една од двете постсоцијалистички држави што се уште го имаат стариот државен грб, со некои мали модификации“, рече Мицкоски.

Премиерот потсети дека договор за менување на државниот грб имало и меѓу ВМРО-ДМПНЕ и ДУИ кога тие беа во иста влада.

Македонската влада предводена од Никола Груевски во 2014 усвои нацрт- закон за нов државен грб. Предлогот содржеше црвен разгневен лав во златно – жолт штит со мурална круна во форма на тврдина во горниот дел. ДУИ се изјаснија дека предлогот е прифатлив за нив, но за поддршка немаше двотретинско мнозинство.

Над 150 килограми марихуана запленети на граничниот премин Богородица

Запленета марихуана на граничниот премин Богородица, 12 февруари 2025
Запленета марихуана на граничниот премин Богородица, 12 февруари 2025

Над 150 килограми марихуана е пронајдена и запленета на граничниот премин Богородица, при контрола на камион со скопски регистарски ознаки.

Министерството за внатрешни работи (МВР) дополнително ќе прави форензичка анализа и вештачење.

Според првичните информации, како што соопштија денеска (12 февруари) од МВР, камионот влегол од Косово, а преку Македонија требало да транзитира кон Грција, со крајна дестинација Турција.

Истрагата, велат, продолжува со цел утврдување на сите инволвирани лица и начинот на организирање на транспортот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG