Достапни линкови

Противпожарните авиони приземјени, сервисот чини ѓавол ипол


Авиони за гаснење пожар на Дирекцијата за заштита и спасување
Авиони за гаснење пожар на Дирекцијата за заштита и спасување

Дирекцијата за заштита и спасување поседува три противпожарни авиони, но тие не се во функција оти прво треба да се сервисираат, а сервисирањето е скапо. Доколку има потреба на располагање се ставаат уште три летала на АРМ оспособени за гаснење пожар.

Три противпожарни авиони поседува Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), но тие ниту ланската, ниту годинава не се сервисирани. Првиот човек на оваа институција Бесим Максути за РСЕ вели дека постапката за избор на фирма која ќе ги сервисира е во тек и се надева дека до критичните месеци, кога има најмногу пожари, авионите ќе бидат ставени во функција.

„Тие не се сервисираат во земјата, а би сакал да споделам дека уште пострашно е што во досегашната пракса се појавува само еден оператор кој од година во година ни ги зголемува побарувањата, кои се надвор од буџетските средства кои Дирекцијата ги има. Ние секоја година од операторот добиваме поголемо побарување за 30 до 40 отсто. Ни одат премногу средства, а не добиваме навреме сервисирани и готови авиони за гаснење пожар“, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Бесим Максути.

Авионите досега се сервисирани во компанија во Шпанија.

Дирекцијата во април годинава распишала тендер за поправка и сервисирање на авионите. Проценета вредност за реализација на оваа набавка изнесува 25 милиони денари (околу 400 илјади евра) со вклучен ДДВ, за период од една година. Буџетот на ДЗС за оваа година изнесува 4,5 милиони евра.

Максути вели дека на тендерот се јавиле две фирми, но дека има жалба во постапката. Според тендерската документација сервисирањето треба да се заврши за 60 дена по авион.

Владата на 68-та седница, одржана на 4 мај, донесе заклучок од Бирото за јавни набавки да се побараат насоки за најдобро и применливо решение за спроведување јавна набавка во скратени рокови во интерес на спроведувањето на сервисирањето на овие авиони, соопштија од Владата

Првиот човек на Дирекцијата се залага сервисирање на авионите да се прави во земјава, за да може да се добие на време. Максути вели дека во авионското одделение на ДЗС има и техничари, кои секоја година одат на проверки во странство, во овластени оператори и сервиси од каде што добиваат сертификати.

„Кога тој техничар добил сертификати дека може да сработи што било на нашите авиони, затоа што одржувањето не паѓа само на сервисирање еднаш годишно, туку одржувањето е и пред и после полетувањето и слетувањето на авионите“, вели Максути.

Авиони за гаснење пожар на Дирекцијата за заштита и спасување
Авиони за гаснење пожар на Дирекцијата за заштита и спасување

Трите мини авиони се од фирмата „Ер трактор“ и се особено погодни за гаснење на шумски пожари, со кои земјата се соочува секое лето. Досега во неколку наврати авионите беа приземјени поради техничка неисправност, или пак затоа што пилотите немаа сертификати.

Три авиони на АРМ оспособени за гаснење пожари

Освен авионите на ДЗС, при гаснење на пожари може да се вклучат и летала на Армијата.

„АРМ има три летала оспособени за гаснење пожари“, ни одговорија од Министерството за одбрана.

Во акциите за гаснење пожари своите ресурси може да ги стави и Министерство за внатрешни работи, односно со хеликоптерите за воздушно извидување да се координираат институциите кои го гаснат пожарот.

Според процедурата, ако пожарникарите не можат да го изгаснат пожарот, се бара помош од Дирекцијата за заштита и спасување, која одлучува дали да се вклучат и противпожарните авиони. Авионите се само за непристапни места или доколку пожарот излезе од контрола и ситуацијата ескалира.

Според ланското истражување на Центарот за граѓански комуникации, пак, во земјава има вкупно 241 противпожарно возило, со просечна старост на возилата од 28 години.

Во неделата се запали шума над селото Галичник. Поради непристапниот терен, за гаснење на пожарот беше испратен и хеликоптер на АРМ, но леталото беше приземјено поради лошото време.

Државата пред повеќе од 10 години набави три противпожарни авиони од американскиот производител „Ер трактор“, а обуката на пилотите ја спроведуваа шпански инструктори. Првите два авиони беа набавени во ноември 2009, а третиот пристигна во земјава во март 2010 година. Тие имаат носивост од по три илјади литри вода во резервоарите.

Од ДЗС пред неколку години во анализа доставена до Владата укажале дека им треба уште еден авион за гаснење на пожари.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG