Не се знае колку јавни објекти имаат неисправна инсталација за противпожарна заштита, па затоа приоритет во годинашниот план на Дирекцијата за заштита и спасување е контрола на јавните објекти, школи и градинки на територијата на Град Скопје, зашто во главниот град е најголемата фреквенција на луѓе, вели директорот на Дирекцијата, Аднан Џафероски. Пандемијата на коронавирус ја забавила нивната работа годинава, но тој посочува дека веројатно има јавни објекти во коишто ваквите системи се неисправни.
„Ние одиме, правиме инспекции, има и совесни луѓе каде што се во одлична состојба и функционираат системите. Но, има и такви каде што последните 30 години ништо не е ни чепнато, опљачкани се цревата, уништено е, не функционира, не ги интересирало. Поради тоа дадов приоритет за контрола на јавните институции за да не ги доведуваме луѓето во опасност“, вели тој.
Минатата недела изгореа просториите на Инспекторатот за животна средина, а пожарникарите се пожалија дека хидрантите во зградата не работеле. Во истиот објект, кој порано беше седиште на Комерцијална банка, се сместени и државната новинска агенција МИА и Секретаријатот за европски прашања.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, рече дека неисправните противпожарни инсталации им ја отежнале работата.
„Можевте и самите да видите дека станува збор за сложена интервенција. Внатре е преградено со секакви ходници, со секакви гипс-картони и стаклени врати. Во моментов внатре не работи ниеден хидрант, ниедна хидрантска мрежа. Тоа ни претставуваше поголем проблем, затоа што не можевме да го затворивме пожарот од внатрешна страна, моравме со кршење на прозорци од оваа страна да влеземе“, рече тогаш Симоновски.
Според Законот за заштита и спасување, ваквите објекти „се должни да имаат соодветни уреди и инсталации за заштита од пожари, друга противпожарна опрема, средства за гасење на пожари и противпожарни апарати“. Директорот на Инспекторатот вели дека не знаел дека не работат хидрантите оти претходните раководства не му кажале.
Секоја приватна или државна институција е должна да ангажира лиценцирана фирма која еднаш или два пати годишно врши проверка на противпожарните системи, ги одржува и ги сервисира. Инспекторите од Дирекцијата за заштита и спасување, пак, вршат контрола и посочуваат што треба да се исправи, а во спротивно изрекуваат казни. Во случај ако има опасност, тие имаат овластување и привремено да забранат користење на објектите до отстранување на неправилностите.
Директорот Џафероски вели дека допрва треба да се утврди дали хидрантите не работеле, зошто не работеле, дали биле редовно сервисирани и кој ги сервисирал.
Тој посочува дека кога ја презел функцијата пред три години затекнал околу 200 „фантомски“ компании за сервисирање противпожарна опрема и оти тој проблем сега е решен. Тој посочува и дека секоја преградба и доградба треба да биде одобрена од Дирекцијата, како и дека мора да има пристап за противпожарни возила.