Достапни линкови

Преград и Мижимаков во потрага по простор за субверзија


Хрватските уметници Соња Преград и Марко Гутиќ Мижимаков, на 3 и 4 септември, ќе ги изведат своите перформанси од резиденцијална програма што ја организира Локомотива – Центар за нови инцијативи во уметноста и културата.

Во рамките на програмата „Современа кореографија и танц” на Здружението на граѓани Локомотива - Центар за нови инцијативи во уметноста и културата од Скопје, во Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и современа култура, во периодот помеѓу 31 август и 9 септември, престојуваат и своја уметничка резиденција реализираат хрватските уметници Соња Преград и Марко Гутиќ Мижимаков.

Тие е планирано да реализираат своевидно авторско истражување во рамки на една хипер-/хипо/-кореографија - точка на состанување помеѓу соматското и дигиталното - преку креирање на замислен пејзаж на комуникација помеѓу нив. Предлог за преиспитување на она што се смета за „виртуелна реалност“. Барајќи потенцијал за субверзија тие сакаат да истражат што значи сензитивноста, и што ја придвижува сензитивноста во трепкачката слика која е претставена како хипер-реална. Како уметници кои творат во два различни медиума, танцот и движењето - како домен на Преград и филмот, видеото и 3D анимацијата како домен на Гутиќ Мижимаков, за нив тие претставуваат простор со голем потенцијал за истражување, базирано на пракса преку креирање на екосистем, заснован на меѓусебната зависност на двата спротивни медиуми. Од таму уметниците веќе работат на изградба на овој хипер-/хипо-/дигитално-кореографски пејзаж од три насоки: танц, слика и колектив, а на 9 септември ќе понудат и своја јавна презентација на резултатите од истражувањето.

Но, во пресрет на ваквата презентација на сопствената потрага, во наредниве две вечери, вторник и среда, Соња Преград и Марко Гутиќ Мижимаков ќе имаат и свои перформанси на кои на публиката ќе и дарат дел од сопствените потраги.

Така кореографката и изведувач Преград на 3 септември, со почеток во 20 часот, во Отворено графичко студио на Музеј на град Скопје ќе го изведе своето дело насловен како „Carnival tent rusts in the evening breeze – un/packing of objecthood” или „Карневалски шатор кој рѓосува во вечерниот поветрец – от/пакување на предметноста”.

„Перформансот функционира истовремено и во спротивност како перформанс, и како изложба. Во него 9 „предмети“ се изложени/изведени - перформанс како објект што се состои од време, предмети позајмени од публиката, риенактмент на перформансот „Meeting Point” на хрватската уметничка Сања Ивековиќ, пишување на ѕид, тинејџерски дневник од 1991, облека купена во хрватската фабрика за текстил во банкрот - Каменско, шеќерни коцки и танцот како предмет. Изведувачот/авторот/кураторот поттикнува игра каде предметите се релации, релациите се движења и движењата се предмети“, појаснува Преград.

И, кога сме веќе тука неколку интересни информации за уметницата.

Соња Преград (Загреб/Берлин) е кореографка, изведувач и професор со завршени магистерски студии на Соло/Танц/Авторство на Универзитетот за уметност во Берлин и со диплома од оној во Арнхем. Нејзините соло дела и соработки со познатите Вили Прагер, Силвија Марчиг, Марјана Крајач и многу други се изведувани на фестивали во Германија, Хрватска и во останатиот дел од Европа. Таа, пак, како изведувачка се појавува во делата на Мег Стјуарт, Борис Шармаз, Сања Ивековиќ, Изабел Шад...

Згора на ова Преград од 2007 година е една од ко-основачите и организаторите на фестивалот „Импроспекције“ и предавач на програмата SMASH Berlin program и the Academy for Fine Arts, Department for Animated Film and New Media. Добитничка е на наградата на Хрватскиот театар за најдобар женски перформанс и најдобро дело во 2018 за претставата „In here and Out there“ и на специјално признание на 26. Биенале Славонија за делото „Carnival tent“.

Еден ден подоцна, во среда на 4 септември, овојпат во Кино Култура, со два свои авторски перформанси, насловени како „Друговање (во соработка со MarQ2)” и „Cruising the Manifold, Disoriented“, ќе се претстави визуелниот артист Марко Гутиќ Мижимаков.

За првиот тој забележува дека во него „со само една страна и една маргина вие заличувате на шише, на „мала боца“ или на мобиус-ова лента.

„Како да нема внатрешност или надворешност, вашето тело - налик на полигон танцува заедно со пикселите на LCD екранот. Станува збор за постојано преговарање и пренос на информации помеѓу GPU и CPU. Полигоните од вашата кожа наликуваат на сплет на мрежи на кои се истегнуваат и искривуваат разнолични текстури и работи кои изгледаат органски и само кога се осветлени од зрак од гледна точка на хипотетичка камера, анализирано од рендерирачки погон, кој ве процесира во фото релаистична форма. Форма во која јас ве препознавам“, забележува Мижимаков.

Од друга страна тој потсетува дека „Cruising the Manifold, Disoriented” е медитација на килим. Поетски рецитал ставен на позадина на слики од GAN прикази на квир пејзажи со понекој повремен афективен клон (3Д фигура). Тоа, како што пишува се „прикази на физички простори генерирани од упростен текстуален опис со помош на Алгоритам (GAN), кој е претходно трениран на „Дата база од слики на општи објекти во контекст“ (COCO). Затоа како што истакнува „наместо да се укаже на пристрасност на алгоритмот и неговата неспособност да понуди убедлива репрезентација во форма на веродостојна слика, неспособноста е разбрана како „квир – неуспех” („queer failure”), односно неуспех на прикажаните простори да останат флуидни, нефиксирани од скаменувачките сили на розовиот пазар“.

Роден 1992 година Марко Гутиќ Мижимаков магистрирал на Нови медиуми на Академијата за убави уметности во Загреб. Тој работи, игра, истражува и експериментира преку видео, 3D анимација, перформанс и инсталација.

Во сопственото творештво се обидува да направи разлика помеѓу дигиталното и виртуелното и е вовлечен во теми за и од телото. Негови соработници често се уметници од изведувачките уметности.

Мижимаков твори и живее во Загреб, каде штотуку го иницираше проектот Čvorište/The Hub - виртуелен изложбен простор во форма на списание, придружувано од програма на експериментални, ефемерни и хибридни уметнички практики, организирани од G-MK.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG