Достапни линкови

Прво проценка на имотот, па продажба на акциите на Славија?


Седиштето на Славија во Скопје
Седиштето на Славија во Скопје

Акциите на Славија ќе се продаваат по почетна цена од 51 евро без да се направи проценка на имотот. Од Агенцијата за управување со одземен имот очекуваат цената да расте. Акционери велат цената е смешна, а аналитичари дека е потребна проценка на имотот, па потоа да се утврди вредноста на акциите.

Извесно е дека акциите на Славија ќе бидат ставени на продажба бидејќи Агенцијата за управување со одземен имот не се откажува од намерата. Но, прашањето кое се наметнува не е продажбата, туку вредноста на акциите од 51 евро без претходно да се направи проценка на имотот на акционерското друштво. На продажба треба да одат 4285 акции со вкупен износ од околу 218 илјади евра. На располагање на новиот сопственик ќе биде и имотот, но и долговите, рече директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Фатон Асани на брифинг со новинари.

„Ние како агенција сме должни да вршиме продажба на акциите затоа што доколку некоја компанија пропадне тогаш агенцијата ќе биде главен виновник за оштета на државен буџет. Објавени се акции на 11 компании и најмалку на секои 12 месеци треба да бидат објавена продажба на акции. Што ќе биде ако утре Славија прогласи стечај а ние не сме ги ставиле акциите на продажба, кој ќе биде одговорен. Јас ќе бидам одговорен“, вели Асани.

Продажбата е привремено запрена поради барање за времена мерка доставено до Судот од страна на Кирил Кочевски поранешен директор на Славија и сопственик на акциите. Во 2010 година државата му ги одзема, бидејќи Кочевски во 2007 година е осуден на 6 години затвор поради измама и злоупотреба на службена должност.

Номиналната вредност на 51 евро е утврдена кога Славија во 2012 се трансформирала во акционерско друштво. Но, и покрај тоа акциите истата година се ставени на продажба по далеку повисока цена, откако било направеното судско вештачење на имотот. Факт е дека вредноста на имотот на Славија тогаш била поголема и процената на 25 милиони евра, а долгот изнесувал околу 17 милиони, а затоа информирал тогашниот владин портпарол Александар Ѓорѓиев.

„Управниот одобр на „Славија“ во идниот период треба да направи финална проценка на вредноста на капиталот на фирмата, при која Владата ги задолжи да се земе проценката на Бирото за судски вештачења, долговите, побарувањата, спорните капитали, судските процедури, и особено потпишаните договори за изнајмување на деловен простор кои се со клаузули и не може да се раскинат. Потоа врз основа на финалната проценка треба да се определи поединечната цена на акциите, да се изработи информативен проспект и портфолио за продажба на акциите“, изјавил Ѓорѓиев во ноември 2012 година.

По што акциите биле понудени на продажба по 1715 евра, односно за вкупно 7,3 милиони евра, но не се нашол заинтересиран купувач.

После неколку години за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ се врши продажба на 32 објекти на Славија, по двојно или тројно пониски цени, како што рече Асани. Имотната состојба сега се состои од 16 нелегализирани продавници, управната зграда која се наоѓа на земјиште кое не е во сопственост на Славија, магацински простори и земјиште под истите во Кисела Вода. Но, и сега вредноста на имотот е поголема од почетната сума за лицитација.

Самиот Асани потврди дека во 2015 година управната зграда и магацинскиот простор се проценети на 7 милиони евра. Во моментов, според Асани, Славија должи речиси 2, 2 милиони евра без пресметаните камати. Колкав е вкупниот долг, како што рече, не е должност на агенцијата да знае, а потенцијалниот купувач треба да си праша во Славија. Се обидовме да стапиме во контакт со менаџментот на Славија и телефонски и преку електронска пошта, но, безуспешно.

Два проценти од акциите на Славије се на други физички лица. Еден од акционерите, кој сакаше да остане анонимен за да не биде ставен, како што рече на тапет на јавноста, вели дека треба најпрвин да се направи процена на имотот, да се утврдат обврските и потоа да се утврди вредноста на акциите.

„Акција по 51 евро е смешно. Значи тоа е номиналната вредност. Таа што е запишана во Централниот регистер како основачки влог. Треба да се стават акциите на продажба по проценета цена. Моето лично мислење е дека не треба да бидат под 1000 евра“, вели акционерот.

И финансиските аналитичари кои ги консултираше РСЕ велат дека логично е најпрвин треба да се направи проценка на имотот за да се определи вредноста на акциите. Особено според нив, во случај кога се купуваат мнозински дел од акциите или во случајот со Славија 98 отсто.

„Треба да се земе овластен проценител да направи длабинска анализа на компанијата за да може да утврди колку вреди и да се знае колку пари обезбедува. Не можеш ниту да ја продаваш и да купуваш без да знаеш“, велат тие.

Асани информира дека правилникот на агенцијата од 2013 предвидува дека во случај кога нема тргување со акции 12 месеци, почетната цена се утврдува во висина на номиналната вредност на акциите.

„Сумата од над 200 илјади евра е почетна сума за лицитација, за која Агенцијата очекува да расте преку надавање“, рече Асани.

Тој претходно на прес-конференција призна дека нема извршена нова проценка на имотот и вели дека проценката се прави во моментов.

Опозицијата тврди дека имотот на Славија вреди 20 милиони евра, а долгот изнесува од 4 до 5 милиони евра. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски изјави дека проблемот е во тоа што не е направена реална проценка на имотот.

„Реалната проценка во таков случај ќе направи и реална проценка на акциите на АД Славија која ќе биде неколкукратно поголема од тие 200.000 евра колку што беше дадена цената за целокупниот имот. Сето ова од страна на власта беше направено за да по нереално ниска сума обезвреднет имот заврши во рацете на олигарси на СДСМ и ништо друго“, потенцираше Стоилковски.

Од СДСМ реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ во своето владеење распродал 70 отсто од имотот на АД Славија и сега продолжува „да изнесува тешки лаги и дезинформации во врска со најавената продажба на акциите“.

Приходите на Славија на годишно ниво, според Агенцијата за управување со одземен имот се над 700 илјади евра кои се користат за плати и режимски трошоци. Асани тврди дека Славија не остварува профит, а во 2020 година била во минус од околу 11 илјади евра.

Поранешниот директор на агенцијата за управување со одземен имот Ванчо Шехтански вели дека во 2010 година имотот на Славија кога акциите преминале во државна сопственост, а тој бил на функцијата, изнесувал 34 милиони евра. Со отуѓувањето, како што наведува, се намалува цената. Но, според него, 200 илјади евра е прениска сума.

„Првичната проценка во 2010 беше 34 милиони евра и од тогаш почнуваат да го крадат имотот. Да се продаваат акции за 200 илјади евра е бандитска работа. Славија годишно зема 800 илјади евра од кирии. Некој друг да бил директор сега 200 години затвор ќе добиел. Тоа е крупен државен имот кој не може да се продава пред нова година за еден џип“, вели Шехтански.

Тој додава дека треба да се испита и начинот на продажба на имотот на Славија во минатото.

Фирмата Славија е основана од Општина Кисела Вода во 1953, а почнува со работа во 1954 година. Од 70-тите до првата половина од 80-тите години од минатиот век компанијата доживува експанзија, кога поседува мрежа на околу 200 продавници и 8 супермаркети, со над 1380 вработени, со што е една од најголемите фирми на пазарот за продажбата на прехранбени и други продукти за домаќинствата во Македонија.

Фирмата почнува да пропаѓа по отворањето на приватни продавници на прехранбени производи на почетокот на 90-тите години. Во 1996 година е почната стечајна постапка, но три години подоцна е прекината.





  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG