Достапни линкови

Први приговори за злоупотреба на државни средства во кампања


Гордана Сиљановска - Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река
Гордана Сиљановска - Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река

До овој момент во Антикорупциската комисија има само една пријава за злоупотреба на службено возило во изборната кампања, иако дел од интернет порталите пишуваат за неколку такви случаи. Експертите велат дека за вакви злоупотреби може и кривично да се одговара.

Десет дена по официјалниот старт на изборната кампања, во Државната комисија за спречување на корупцијата се пристигнати десет приговори од ВМРО-ДПМНЕ кои се однесуваат на злоупотреба на канцелариски материјали и канцелариски простории за изборни цели, а меѓу нив има и приговори за трошење на буџетски средства за финансирање на партии. До овој момент во Антикорупциската комисија има само една пријава за злоупотреба на службено возило во изборната кампања, откако на нивната веб страница постои алатка која може да ја користи секој кој ќе забележи таква појава и да ја пријави, информираат од Комисијата.

Обвинувања за злоупотреба на службени возила во кампањите пак веќе слушнавме и во првата телевизиска дебата меѓу претседателските кандидати, кога Гордана Сиљановска - Давкова обвини дека премиерот и министрите користат државни возила за кампањата на нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски. Пендаровски истакна дека биле користени партиски возила, а дека не се смета за злоупотреба тоа што премиерот поради безбедниот аспект, патува со обезбедување кое користи државни возила.

Трошењето на државни пари за партиски активности во изборната кампања не е непозната појава за македонските изборни циклуси. Во извештаите на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР честопати можеше да се прочита дека не постои јасно разграничување на државата од партијата и дека на тоа мора да се внимава.

Во членот 8б од Изборниот законик јасно пишува дека: „за потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста. Забрането е вршење и обид за вршење притисок и заплашување на гласачи или членови на нивните семејства или ним блиски лица”.

Поранешниот антикорупционер, адвокатот Драган Малиновски нема дилеми дека постои начин за спречување за недозволено користењето на државните ресурси во изборната кампања.

„ДСКС е поприлично активна во овој поглед, но би требало малку попрецизно да им укаже на потенцијалните сторители на овие прекршувања, на одговорните лица кои располагаат со овие ресурси да им се укаже на можноста дека злоупотребата на овие ресурси претставува и кривично дело, кое е санкционирано во главата од КЗ која се однесува на кривични дела од изборите и гласањата“, вели Драган Малиновски.

Од Антикорупциската комисија соопштија дека во предизборниот период не смее да се почне било каква изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови што не се редовни месечни исплати, а не може да почне ниту постапка за вработување нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции.

Во интервју за нашето радио, претседателката на анти-корупциска, Билјана Ивановска најави дека поради досегашното искуство во кое се злоупотребувале човечките ресурси, односно вработените во јавната администрација, Комисијата ќе прави и ненајавени проверки на листите за евиденција на доаѓање и заминување од работа, и на тој начин во ризичните институции ќе се врши проверка дали некој од вработените учествувал во изборните кампањи за време на работа.

Професор Темелко Ристевски од Правниот факултет на Универзитетот ФОН вели дека политичките партии ги користат државните ресурси кога се на власт и кога сакаат да добијат одреден бенефит.

„Работата на политичките партии и државните работи не смеат да се мешаат. А , кај нас за жал го има тоа. Треба да се има поголема свест. Државното е на сите граѓани и затоа политичката гарнитура која дошла на власт и има привилегија да ја има во органите на државната власт, луѓето всушност, тие ги прават институциите, тие треба да имаат свест и јасно да го одвојат државното од партиското. Кај нас тоа недостасува и не се прави таа дистинкција и мислам дека дури и намерно се искористуваат позициите кога партијата е на власт,“ вели Темелко Ристевски.

Ристевски вели дека најдобар механизам за спречување на оваа појава е доследно придржување на одредбите на Уставот, а добар механизам на контрола се и граѓанскиот сектор и опозицијата кои треба да бидат упорни набљудувачи на тоа што се случува вo таа сфера и ако дојде до злоупотреба на позициите, да иницираат поведување на одредени постапки пред надлежните институции.

Според упатените, уште посериозен проблем кога станува збор за сраснувањето на партијата со државата и партиското влијание во изборниот процес, претставува притисокот врз вработените во државната и јавната администрација да обезбедат членови на нивните семејства, круг политички неопределени пријатели за да го дадат својот глас за владејачката партија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG