Достапни линкови

Постарите невработени најтешко до вработување


На пазарот на труд во Македонија недостигаат заварувачи
На пазарот на труд во Македонија недостигаат заварувачи

Повеќе од половина од невработените имаат над 45 години. Според Агенцијата за вработување, во земјава има околу 126 илјади баратели на работа, а 64 илјади од нив се постари од 45 години. Упатените велат дека нивните вештини помалку се бараат на пазарот на труд и затоа е потребна преквалификација.

Луѓето коишто би требало да имаат најголемо животно и работно искуство најтешко наоѓаат работа. Од една страна, вештините што ги имаат веќе не се бараат, а од друга пак, информациите дека се бараат работници потешко стигнуваат до постарите.

Повеќе од половина од невработените во Македонија имаат над 45 години. Според податоците на Агенцијата за вработување, во земјава има околу 126 илјади активни баратели на работа, а 64 илјади од нив се постари од 45 години. Според возрасни групи, најмногу невработени има над 55 години.

Основачот на софтверот за вработување Тривити, Поликарп Арсеновски, вели дека потешко се вработуваат оние коишто не држат чекор со новите технологии и модернизацијата на работните процеси.

„Во Македонија по завршувањето на формалното образование само 2,3 проценти од луѓето продолжуваат со неформален процес на дообука и дообразование, додека во Европа таа бројка е 10 проценти. Значи четири пати помалку, според истражувањето од 2019 година“, вели тој.

Квалификациите се проблем

Со сличен став е и сопственикот на Агенцијата за посредување при вработување Кариера, Норик Селими.

„Нивните квалификации најчесто не се совпаѓаат со квалификациите што пазарот ги бара во смисла на едукација, во смисла на работно искуство, работни квалификации, занает итн. Другата причина што ние најчесто ја среќаваме е дека до нив потешко стига информацијата за потенцијалите за вработување. Во последно време повеќе се користат социјалните мрежи, се користат повеќе канали на динамична интернет комуникација и на тој начин таа информација побавно патува до постарата популација“, вели тој.

Селими вели дека поразвиените пазари го решаваат тој проблем со преквалификација.

„Треба да се контактираат тие луѓе и да им се понудат можности за преквалификација. Сега пазарот бара работници коишто ги немаме. Фалат заварувачи, фалат лакери, фалат лимари. Тие се такви работни позиции каде што луѓе со преквалификација може да добијат таков занает и да се вработат“, вели тој.

Директорот на Агенцијата за вработување Беким Мурати, во интревјуто кое ќе го емитуваме во недела, вели дека тие постојано нудат преквалификации, а повозрасните луѓе се една од категориите кои имаат предност при аплицирањето за мерката самовработување.

„За оваа година се предвидени 2000 лица да може да отворат свој бизнис и во тој дел секако дека повозрасните лица имаат предност. Со оперативните упатства што се предвидени со Агенцијата за вработување, точно се определени луѓето коишто имаат приоритет при аплицирање на мерката самовработување“, вели Мурати во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела.

Со оваа мерка, невработените може да добијат финансиска помош од 5 до 10 илјади евра за отворање свој бизнис.

Според Агенцијата за вработување, во земјава има околу 126 илјади баратели на работа, а 64 илјади од нив се постари од 45 години. Упатените велат дека нивните вештини помалку се бараат на пазарот на труд и затоа е потребна преквалификација.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG