Околу 150 илјади деца бегалци од Украина одат на училиште во Полска, каде побегнале откако Русија ја нападна нивната земја. Украинските бегалци во Полска се третираат како полска државјани, па може да бараат работа, да користат здравствени услуги, да одат на училиште, вели амбасадорот на Република Полска, Војчех Тичињски во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Во Македонија, пак, има околу педесетина бегалци од Украина, но никој нема статус на бегалец, со што би ползувале повеќе можности што ги нуди државата.
Над четири милиони Украинци ја напуштиле земјава по инвазијата од страна на Русија која започна пред пет недели. Половина од бегалците побегнале во Полска со која Украина дели граница од 535 километри. Во Украина, на територијата што ја контролира Киев пред руската инвазија живееја околу 37 милиони жители, што значи дека од почетокот на војната Украина ја напуштило 10 проценти од населението.
Две-третини од бегалците ќе останат во Полска
Амбасадорот Тичињски вели дека околу два милиони и 400 илјади Украинци ја преминале границата и влегле во Полска. Но не сите остануваат во земјата. Според проценките на полските власти, вели амбасадорот, две-третини од овие луѓе ќе останат во Полска. Тој вели дека им било потребно време да се адаптираат на новонастанатата ситуација, но дека сега Парламентот усвоил закон со кој се регулира статусот на украинските бегалци и според него сега украинските деца можат да одат во полски училишта.
„Сега имаме 150.000 украински деца кои одат во полски училишта. Исто така Украинските граѓани се здобија со право да работат во Полска, се третираат како полски државјани, но ако не најдат работа што се случува бидејќи се работи за голема група граѓани и на почетокот на тој процес сме, тогаш може да добијат социјална помош од полската држава. Многу важно е здравственото осигурување бидејќи имаме различни ситуации со толку големи групи луѓе, некои имаат потреба од итна медицинска помош, па овој закон ни овозможи полскиот здравствен систем да ги третира како полски државјани и да имаат право на лекување“, вели амбасадорот Тичињски за РСЕ.
Многу бегалци има и во Романија, Молдавија, Унгарија
Втора земја која примила најмногу украински беглаци е Романија во која влегле над 623 илјади луѓе, покажуваат податоците на телото на ОН за бегaлци, УНХЦР. Потоа следуваат Молдавија, Унгарија, Русија, Словачка итн. Во земјите членки на ЕУ децата од Украина се интегрирани во образованиот систем. Според УНХЦР половина од бегалците од оваа земја се деца.
Македонија не е на прва линија на земји кои граничат со Украина и каде заминале најмногу од бегалците. Луѓето кои доаѓаат од земјата во која има војна, главно се сместени кај свои роднини и пријатели, а доколку им треба помош се пријавуваат во Црвен крст. Досега никој не добил статус на бегалец, рекоа пред неколку денови од Владата.
Во Македонија луѓето од Украина сместени во „приватна режија“
Според информациите од Македонскиот Црвен крст најголемиот дел од бегалците се сместени во Скопје, Прилеп и Гевгелија. Во Црвен крст треба да се регистрираат за да добијат првична психо-социјална помош, но и храна, облека, хигиенски материјали. Како што појаснува Александра Ристевски од скопското одделение на организацијата, повеќето се жени со деца кои целиот живот го спакувале во еден куфер со најосновни работи. Пред да добијат помош од Црвениот крст мора да пријават престој во полиција. Во меѓувреме треба да решат дали ќе побараат азил, односно статус на меѓународна заштита во Македонија.
„Црвен крст секако дека дава поддршка во овој процес, и на државата и на државните власти, кажува, дојавува дека бројките се зголемуваат, дека треба да има олеснувања во целиот процес во делот на нивната регистрација којашто треба да ја добијат, нивната заштита и слично и тоа е многу важно бидејќи се работи за здравствена заштита, можности и услови за образовниот систем, градинките за децата и сето друго што им е загарантирано со една ваква заштита“, вели Ристовски.
Од Министерството за образование и наука не одговорија на прашањата на РСЕ за тоа под кои услови децата на украинските бегалци би можеле да се вклучат во редовното образование. Во однос на здравствената заштита за бегалци од Украина, од Министерството за здравство посочија ќе им биде обезбедена на сите кои имаат потреба од неа.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека во земјава има околу 50 бегалци, во, како што рече, приватна режија. Владата го задолжи Министерството за финансии да обезбеди 2 милиони евра за организирање и обезбедување на хотелско сместување и дополнителни услуги за граѓаните од Украина кои како бегалци од воените жаришта би пристигнале во нашата земја. Министерот за надворешни работи Бујар Османи минатата недела рече дека ќе побара од Владата поактивно да се вклучи во однос на бегалците, односно да побара да згрижи одредена бројка на бегалци од земјите кои се преоптоварени, како што е на пример од Молдавија.
Хотелската асоцијација на Македонија и приватните издавачи на станови нудат 10 илјади легла за бегалци од Украина по значително пониски цени од вообичаените. Тие доставиле листа до владата со понудени места за евентуален бегалски бран од Украина.
Безбедносни предизвици
Амбасадорот на Полска во Македонија, вели дека неговата земја на почетокот стравувала од евентуално проширување на конфликтот на нејзина територија и дека ситуацијата е опасна и за Романија, која исто така се граничи со Украина и за Балтичките земји. Тој вели дека на почетокот на конфликтот, песимизмот бил поголем, но дека сега ситуацијата е повеќе или помалку стабилна.
„Тоа е важно, но најважниот фактор е нашето членство во НАТО со познатиот член 5, кој вели дека доколку една членка е нападната од друга сите членки на Алијансата треба да преземат соодветни акции за да ја одбранат нападната земја“, вели амбасадорот.
Амбасадорот вели дека полските власти многу сериозно ја сфаќаат иднината на своите војници и со политичка одлука на парламентарно ниво Полска ќе ги зголеми парите за воени цели и за одбрана, па почнувајќи од следната година ќе се издвојува околу 3 проценти од буџетот за одбранбени цели, што значи дека ќе ги дуплира трошоците за одбрана.
НАТО најави зајакнување на источното крило во Полска, Романија и Балтичките земји, а Киев побара помош во противвоздушно оружје за да одговори на нападите на руските сили. НАТО не ја прифати таквата идеја стравувајќи дека тоа би можело да испровоцира воени акции од страна на Руската Федерација.
Министерката за одбрана на Македонија, Славјанка Петровска, пред два дена изјави дека безбедносна состојба во земјава е стабилна и дека во моментот нема индиции за директни закани. Таа изјави дека досега не е донесена одлука за испраќање на припадници на нашата Армија на територија на источниот блок на НАТО.
Русија ја нападна Украина на 24 февруари, по што многу западни земји воведоа санкции кон Москва.