Гневни реакции на социјалните мрежи по владината одлука да воведе полициски час за продолжениот викенд во половина Македонија. Ние што два месеци не се дружиме со никого, се тргаме на страна кога се разминуваме со луѓе и носиме маска ќе одиме во притвор поради некој што ни почитува полициски час, ни забрана за групирање, се најчестите реакции на социјалните мрежи. Немавте храброст да ги затворите верските објекти, дозволивте литии, собирање за ифтари, се уплашивте од ИВЗ, па направивте полициски час „со пауза“ за Бајрам, па ајде сега затворете нè сите, коментираат граѓаните.
Во вжештена атмосфера, прстот веднаш се вперува во „другите“.
Но, други не се согласуваат со тоа.
Дел од граѓаните се загрижени дека продолжениот полициски час е поголема шанса за ширење на болеста.
Дел од граѓаните ја обвинуваат владејачката партија дека со инсистирањето на брзи избори испратила сигнал до граѓаните дека најстрашното помина и затоа се опуштија. Позитивен на коронавирус е потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, е поради средби со нив, во домашна самоизолација се неколку министри и високи функционери на СДСМ.
Во времето на Шарената револуција имаше десетици пародии на германскиот филм „Хитлер, последните денови“ за да се исмева поранешниот премиер Никола Груевски. На удар сега дојде и неговиот наследник Зоран Заев.
Некои сметаат дека додворувањето кон верските заедници поради политички поени во пресрет на изборите, ќе им се удри од глава.
Некои, пак, го опишуваат држењето на ситуацијата под контрола со ТВ серијата Чернобил, за нуклеарната катастрофа во поранешниот СССР.
Во меѓувреме, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски бил во кафеана во Дебар Маало, а вработените не ги пуштиле инспекторите во објектот за да проверат дали се почитуваат мерките. Мицкоски бил во внатрешниот дел на кафеаната, а на угостителските објекти им е дозволено да работат само на терасите. Мицкоски призна дека згрешил, но дека власта го дефокусира вниманието на јавноста од катастрофалното справување со коронавирусот.
Дел од медиумите објавија дека поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева се соблекла по долна облека, кога била одведена на работен состанок во Државниот завод за ревизија, во знак на револт зашто не ѝ било дозволено да повика адвокат. Ревизорите ѝ ги претставувале наодите од ревизијата на финансиското работење на СЈО. МВР објави дека таа недолично се однесувала, но не потврди дали се соблекла по гаќи. Тоа, сепак, не ги спречи коментарите на социјалните мрежи.
Додека траеше сето ова, во кратовското село Куклица биле уапсени седум полицајци кои правеле домашна забава и се групирале. Оние кои треба да ги спроведуваат владините мерки за заштита од коронавирусот, веројатно сметаат дека тие не се однесуваат на нив.
Вкупната бројка на дијагностицирани со коронавирус во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2492, бројката на оздравени пациенти е 1605, на починати е 145, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 742. Бројот на заразени драстично се зголеми во изминатите неколку дена.