Достапни линкови

Пензионирање подоцна - Непопуларно за работниците, неопходно за фондот


илустрација
илустрација

Заминувањето во пензија подоцна станува реалност во повеќето европски земји. Преку масовни протести Французите остро одговорија на зголемувањето на старосната граница за пензионирање за две години. Во Македонија нема такви најави, иако од Пензискиот фонд велат дека препораките на Светската Банка и Меѓународниот Монетарен Фонд се во таа насока. Сојузот на Синдикатите е категорично против, а од бизнис заедницата велат дека реформата е добра само доколку не се скратат веќе стекнатите права на работниците.

Повеќе од триесет години Елена Ивкова работи како фризерка во еден козметички салон во Скопје. Иако до пензија има уште неколку години, таа веќе се чувствува уморно. Пред микрофонот на Радио Слободна Европа признава дека сака да замине во пензија порано, оти физичката работа и стоењето на нозе со часови, си го направиле своето.

„За македонската жена, особено за тие кои работиме физичка работа, мислам дека е подобро да се намали, а не да се зголеми возрасната граница за пензионирање. Јас се чувствувам истрошена, стоење на нозе, цело време во движење, дури и таа граница од 62 години за жена, мене ми е висока. Од друга страна пак јас сум свесна дека ако има повеќе пензионери отколку вработени тоа нема да може да го издржи нашиот буџет и ќе дојде до банкрот,“ вели Ивкова.

И Митко П. сака што побрзо да се пензионира. Си ја сака работата како инструктор за возење во автошкола, ама вели дека не би сакал да ја работи и после 64-тата година.

„Работата со млади е прилично напорна. Морам да внимавам на секое движење и потег што ќе го направи ученикот во возилото, а сообраќајната култура е за никаде. Толку многу стрес имам акумулирано со мојата работа, што едвај чекам да заминам во пензија“, вели Митко.

Нашите соговорници се дел од македонските работници кои се категорично против заминување во пензија после 62, односно 64 година. Зголемувањето на старосната граница за пензионирање, деновиве предизвика големо незадоволство и кај француските работници, кои излегоа масовно на протести поради револт што ќе треба да работат две години повеќе.

Пензиските реформи во Франција: „потребните напори не се особено фер“

Французите треба да работат две години подолго, односно до 64-годишна возраст пред да се пензионираат. Ова е најновата непопуларна реформа на пензискиот систем што поттикна штрајкови и ќе ја тестира способноста на претседателот Емануел Макрон да ги испорача овие промени. Долго одложуваниот ремонт сега мора да биде одобрен од парламентот. На возраста за пензионирање од 64 години се противат четворица на секои пет граѓани, според анкетите, во време кога многумина веќе се борат со криза на трошоците за живот.

„Владата малку отстапи со одење од 65 на 64 години и на тој начин ја направи помалку неправедна, но ќе има тешко време да укаже дека оваа пензиска реформа е најправедно можната. Потребните напори, а тоа е главната поента на реформата, не се особено фер бидејќи многу повеќе ќе тежат на нискоквалификуваните вработени кои почнале да работат на 19, 20, 21 година. Тие се оние кои конечно ќе треба да вложат најголеми напори, додека оние кои почнаа да работат на 23 години, на пример директори, ќе имаат многу малку да придонесат за време на оваа реформа“, вели економскиот аналитичар Ерик Хејер.

Сите главни синдикати во Франција ги свикаа првите прекини и собири во знак на протест против владиниот план да ја зголеми старосната граница за пензионирање на 64 години од сегашното ниво од 62 години, промена која е многу непопуларна меѓу јавноста. Многу набљудувачи очекуваат жестока битка во текот на следниот месец што може да доведе до прекин на транспортот и јавните услуги.

Шефовите на водечките синдикати во Франција кажаа дека се против зголемување на старосната граница за пензионирање и најавија големи штрајкови. За синдикатите, дури и оние кои се најреформски, не прави разлика фактот што владата го омекна првичниот план за зголемување на старосната граница за пензионирање на 65 години. Тоа ќе биде прв пат во 12 години од последните промени на пензиите, сите француски синдикати да се обединат.

„Од претходните реформи можеме да видиме дека кога се зголемува старосната граница за пензионирање, има позитивна страна, се зголемува стапката на вработеност на постарите лица, што е добра вест. Но, од друга страна, стапката на невработеност на постарите лица или пошироко, стапката на неактивност на постарите луѓе исто така се зголемува. Така што тоа е темната страна“, заклучува Хејер.

ССМ: Треба повеќе модели за пензионирање, а не зголемување на границата

За синдикатите во Македонија несериозно е дури да се размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање. Наместо зголемување на границата, Слободан Трендафилов од ССМ укажува на потребата од воведување повеќе модели за поволни услови за пензионирање. Нивните конкретни предлози се доставени уште од 2020 година, а се однесуваа на следните предлози: воведување на пензионирање врз основа на стаж без оглед на нивната старосна возраст, можност за се докупи стажот при предвремено пензионирање и воведување бенифициран стаж за одредени категории граѓани. Социјалниот дијалог во поглед на овие модели за пензионирање е прекинат во 2021 година, но Трендафилов вели дека идејата на ССМ и тогаш и сега е иста.

Работната сила во Македонија треба да се обнови. Треба да ги задржиме младите работници во Македонија. Не треба да ги испраќаме во странство да градат туѓи бизниси и на начинот на кој ќе ги ослободиме работните места, без разлика дали се работи за приватниот или јавниот сектор, преку воведување на новите модели за пензионирање, ќе овоможиме овие млади работници побрзо да се вработат и поефикасно да ги извршуваат своите работни задачи, да добиеме поефикасен јавен и приватен сектор, што ќе придонесе за целосно заздравување на економијата во државата“, вели Трендафилов.

Од бизнис заедницата пак апелираат на недостигот на работна сила во земјава, па оттука сметаат дека поместувањето на старосната граница би било добро. Сепак Mиле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи вели дека таквата реформа не би смеело да им ги скрати веќе стекнатите права на работниците.

„Сметаме дека би било добро но би морале да направиме легислатива која ќе понуди решенија за трудоинтензивните дејности, за оние кои би сакале да одат в пензија да одат во пензија и за оние кои се неопходни да останат на пазарот на трудот, да останат. Не да се скратат стекнатите права на работниците кои ги очекуваат низ својот професионален живот“, вели Бошков.

Од Конфедерацијата на работодавачи велат дека во моментот се соочуваме со сериозен недостаток на работна сила. Премиерот Димитар Ковачевски најави либерализација на пазарот на трудот за да може да доаѓаат работници од странство, зошто ние како цела бизнис заедница испративме апел дека имаме сериозен недостаток на вешта сила, која поради економски причини, поради животниот стандард или др. причини напуштат да оприходуваат и заминуваат да си го направат животот подобар на некое друго место.

„Сите ние повторно треба да ја плаќаме фактурата од буџетот кој го полниме, дека одредени дотации повторно ќе треба да одат за пензионерите, односно за ПИОМ, кој според пазарната логика треба да биде самоодржлив, а не секогаш да се зголемува сумата на пари кои ќе одат како трансфер од државниот буџет кој пензискиот фонд“, вели Бошков.

Што можат да купат пензионерите со зголемувањето на пензијата?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:24 0:00

Мршиќ: Реформата е неопходна, но не може да се направи генерално продолжување на старосната граница

Професорката Јадранка Мршиќ од Американ колеџ Скопје вели дека оваа реформа е на некој начин веќе направена во Македонија, односно дека ние спаѓаме во категоријата со средна старост за пензионирање. Сепак таа додава дека зголемувањето на старосната граница ќе мора да се спроведе во иднина, бидејќи е неопходна за заштита на државните пензиски системи. Но, Мршиќ укажува дека доколку дојде до тоа, неопходно е да се почитуваат разликите во условите на работење, бидејќи не во сите области вработените се способни да продолжат да работат после сегашната граница, поради потешките услови во кои работат.

„Не може да се најде некое генерално продолжување, мора да се испитаат условите на работење во различни сектори и да се носат одлуки и мерки зависно од тоа, за да не се предизвикаат други негативни последици, решавајќи го проблемот за одржување на финансиската стабилност на пензискиот систем. Од друга страна се соочуваме со забрзано стареење на населението, а тоа значи поголеми трошоци за државните пензиски фондови. И кај нас нема позитивен прираст, тоа ја загрозува понудата на нова работна сила и создава опасност дека работните места што ќе се ослободат заради пензионирање на лицата нема да можат да се пополнат со млада работна сила, а тоа уште повеќе се забрзува со иселувањето на младите“, изјави Мршиќ.

Професорката вели дека зависноста на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од буџетски пари најверојатно ќе попушта после 2040 година, за кога се прогнозира дека пензионерите нема да користат пензии само од првиот (државниот) фонд, туку ќе може да користат пензиите и од приватните фондови во кои инвестирале за време на работниот век.

Според актуелниот закон за пензиско и инвалидско осигурување, во Македонија мажот заминува во пензија со наполнети 64 години, а жената со 62 години и најмалку 15 години работен стаж.

На прашањето дали кај нас се размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) велат дека препораките од Светската банка и од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) се за зголемување на старосната граница за пензионирање во Република Северна Македонија, со цел следење на европските држави и за задржување на стабилноста на пензискиот систем, како и намалување на зависноста од централниот буџет.

Државниот пензиски фонд е стабилен, врши редовна исплата на пензиските примања, додека пензиските реформи придонесуваат на подобрување на животниот стандард на сегашните и идните корисниците на пензија“, одговорија од ПИОМ.

Во Македонија социјалниот дијалог за пензиските реформи е на пауза, а оваа непопуларна реформа на пензискиот систем во Франција, ќе ја тестира способноста на претседателот Емануел Макрон да ги испорача ветените промени од реформската агенда што ја вети кога влезе во Елисејската палата во 2017 година.

Инаку старосната пензија во земјава се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година. За определување на пензиска основица, покрај месечниот просек на плати, се зема и надоместокот на плати, односно паричниот надоместок во случај на невработеност.

Продолжувањето на старосната граница е само една од мерките на ригорозно штедење на државните трошоци. Во настојувањето да се изборат со дефицитите во буџетите членките на Европската Унија ги намалуваат платите или воведуваат нови даноци со цел полесно да се справат со глобалната економска криза.

Каква е старосната граница во европските земји?

Според податоците од 2020 година, просечната старосна граница во Европската Унија е 64 години за мажите и 63 години за жените. Во Европа, највисоката старосна граница за мажите и жените е 67 години, а таа се практикува во Норвешка и во Исланд. Во Холандија старосната граница за двата пола е 66 години, во Обединетото Кралство и Ирска е 66, а во Германија 65 години.

Во земјите од регионот Хрватска ја има највисоката старосна граница за мажите 65, додека за жените таа е 62 години.

Најниска старосна граница за пензионирање има Турција, каде што мажите се пензионираат на 52 години, а жените на 49 години. Следуваат Грција, Италија, Луксембург и Словенија со 62 години за двата пола. Поголемиот дел од овие земји нудат и опција за рано пензионирање.

Според процени од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), нормалната старосна граница за пензионирање ќе се зголемува во иднина. До 2060 година се проценува дека Данска ќе има највисока старосна граница за пензионирање од 74 години. Потоа ќе следуваат Италија и Естонија со 71 година за двата пола. Се проценува дека Луксембург и Словенија ќе ја имаат најниската старосна граница за пензионирање од 62 години за двата пола до 2060 година.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG