Достапни линкови

Половина пензионери со пензии до 14 илјади денари


Најголем дел или 71 отсто од пензионерите земаат пензија до 18 илјади денари. Пензионерите се жалат дека не им стигнува пензијата, а трошоците за живот растат. Според нив, пензиите треба да растат согласно минималната и просечната плата.

Половина од пензионерите во земјава земаат пензија до 14 илјади денари. Просечната пензија пак, е малку повисока и изнесува 15.854 денари, според последните податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ). Околу 21 процент од пензионерите земаат пензија од 14 до 18 илјади, а над оваа сума речиси 29 отсто од нив. Пензионерите кои ги анкетиравме се жалат дека примањата им се ниски.

„Цените се многу повисоко отидени, а пензиите би рекла пола посто не се покачени во последниве 12 месеци. Никој пат не е на одмет покачување, меѓутоа цените многу помолскавично одат нагоре, отколку што се примањата, трошоците за живот се значително зголемени. Покачувањето на струјата, тивко и нечујно што се покажуваат одредени комуналии кои што не се афирмираат, а прилично влијаат на семејниот буџет“, вели пензионерката Драгица од Скопје.

„Мајка ми е пензионер значи жално е да ги гледаш како се мачат. Она ако отиде да купи во поевтините маркети, може три пати да купи, не повеќе од тоа“, вели помлада граѓанка.

„Пензиите се нула. Пензија кога ќе примите сте веќе возрасни и стари и секој од нас е болен и нешто треба да купуваме. Еве како јас сега што купувам. Пензијата ни за јадење на стигнува, а камоли за нешто друго. Да се размисли малку тие што не водат дека пензиите се премали, а некој има преголеми за ништо“, вели пензионерката Елена.

„Што се однесува до мене имам релативно добра пензија. Мене ми стигнува ама за фамилијата како што помагам, малку е“, додава уште една пензионерка од Скопје.

Пензиите се зголемуваат согласно трошоците за живот. Последното зголемување беше за 1,2 проценти, односно за речиси 100 денари. Според видот има семејна, инвалидска, старосна, земјоделска и воена пензија. Во просек најниска е земјоделската, а највисока воената пензија.

Поранешниот прв човек на Здружението на пензионерите Драги Аргировски вели дека најголемиот дел од пензионери живеат на работ на егзистенција.
„Замислите тој пензионер или пензионерка кој има 10 илјади пензија, а ги имаме 70 илјади такви. Најмалку 50 отсто треба да дадат само за лекови ако е болен и во услови на зголемени трошоци за живот и за зголемени трошоци поради пандемијата. Три до четири илјади денари одат на комунални трошоци. Што ќе им остане. Се живее ли со 1000, 2000 денари. Кој може да живее со толку мал износ на средства“, вели Аргировски.

Според него, се покажало дека зголемувањето на пензиите во согласно со трошоците не е доволно. Потребни, е како што вели тој, пензиите да растат во согласност со просечната и минималната плата.

„Тие треба по сите европски норми да имаат најмалку 60 отсто од висината на просечната плата. Значи паднато е нивото на стандардот на пензионерите, а трошоците се зголемени“, додава Аргировски.

Просечната нето плата е 28.540 денари. Доколку најниската пензија би била 60 отсто од просечната плата, тогаш би изнесувала околу 17.000 денари.

Премиерот Зоран Заев пред некој ден изјави дека е донесена одлука за измена на методологијата за пресметка на пензиите. Според него, од 1 јануари пензиите ќе растат согласно растот на цените на мало и согласно растот на просечните плати, односно секој 1 јануари и секој 1 јули ќе има раст на пензиите.

Вкупниот број на пензионери во август изнесувал 325 637. Во тој месец бројот на нови пензионери се зголемил за 2 168. Додека пак бројот на починати пензионери е 1 491.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG