Госпоѓо Јовановска одржливоста на касата на пензискиот фонд е континуиран проблем години наназад. Госпоѓо Јовановска во каква кондиција е пензискиот фонд во моментот?
Пензионерите може да бидат сосема спокојни, Пензискиот фонд е во стабилна состојба, пензиите како и досега ќе си продолжат со тековна, редовна, навремена исплата. Имајќи предвид дека во корона-кризата Владата донесе одлука пензиите се уште ги исплаќаме и предвреме, односно еве и сега на крајот на месецот ќе бидат исплатени јулските пензии. Во делот на планираните приходи и расходи се сè одвива онака како што беше предвидено, како што беше планирано. Во првите пет месеци приходите остварени во споредба со првите пет месеци од 2020 година се зголемени за 6,5 проценти. А во делот на она што беше планирано за првите пет месеци имаме зголемување за два проценти. Што значи дека овие показатели упатуваат дека Пензискиот фонд е стабилен, пензиите ќе се исплаќаат навремено, редовно и нема никаков проблем во врска со одржливоста на буџетот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Како последица на кризата предизвикана од вирусот ковид- 19, голем број вработени беа отпуштени од работа. Какви последици ќе има тоа врз Фондот?
Согласно планираното и согласно податоците споредени со 2020 година и во бројот на осигуреници и во буџетски средства како наплата на придонес по основ на пензиско и инвалидско осигурување се движиме во нагорна линија. Во 2020 година или сега ние знаеме дека во одредени дејности има отпуштања, но има многу дејности кои имаат потреба од вработувања, па знаете како е тоа на пазарот на труд, некој баланс се постигнува. Одредени дејности имаа проблем, можеби се затвораат, го намалуваат бројот на вработени, но знаме дека имаше дејности кои ја зголемија потребата од вработување на нови луѓе, го зголемија и својот профит, обемот на работење, бидејќи некои дејности тоа го бараат, меѓутоа некои се адаптираат и се прилагодија, односно ја сменија својата основна дејност, но во моментов и според податоците на Фондот, бројот на осигуреници е зголемен во споредба со истиот период 2020, исто така и приходот по основ на придонес за пензиско и инвалидско осигурување е зголемен како што кажав за некаде 6, 5 проценти во првите пет месеци од 2021 во споредба со истиот период 2020.
Што треба граѓаните да направат за да бидат сигурни дека ќе добијат решение за пензија, особено ако недостасуваат такви информации во Фондот или пак доколку фирмата не плаќала придонеси за одреден период? Дали тоа електронски може да се направи, за да се одбегне одењето по шалтери?
Многу едноставна е постапката за секој граѓанин да може да го утврди својот стаж согласно листата од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. На шалтерите во сите подрачни единици на Фондот за пензиско и инвалидско веднаш се вади листинг. Во истиот момент доколку обврзникот, граѓанинот доколку утврди дека нешто не му е регулирано, не му е впишано веднаш може да се јави во матичната служба, кај матичарите, кои системски ќе проверат што е тоа што недостасува и зошто тоа не е впишано. Заеднички ќе отпочнат постапка за утврдување на стажот, односно за лоцирање на средствата, доколку е платен придонесот. Податоците ќе се обезбедат од кај работодавачот, доколку е во стечај - од кај стечајниот управник, доколку е ликвидирана или стечајот е затворен – преку Архивот и подрачните единици на Архивот на Република Северна Македонија и тој стаж подоцна ќе се впише и ќе се регулира.
Јас ги охрабрувам граѓаните тоа да го направат, не дента кога ќе го остварат правото за пензија, односно кога ќе наполнат години возраст, и ќе поднесат барање за остварување право, туку тоа може да го направат низ годините пред да се стекнат со остварување на правото, односно додека се уште се во работен однос. Исто така листингот за стаж тие може да го извадат преку нашиот веб портал, но може да го извадат и преку националниот портал uslugi. gov.mk Каде што како и за останатите институции, така и за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување има простор каде што се закачени документи кои граѓаниот може да ги добие, да ги симне, да ги види, меѓу кои е и самиот листинг каде е впишан стажот.
Во однос на дигитализацијата, знаете тоа е во моментот предизвик и е насока од страна на Владата сите институции своите услуги да ги дигитализираат максимално, односно нашите услуги за граѓаните да бидат брзи, лесни и ефикасни. Така и Фондот презема чекори во таа насока во скоро време да може и барањето да се поднесе електронски и да добие решение електронски, се разбира за тоа се потребни и законски измени.
Целото интервју со директорката на Фондот за пензиско осигурување Билјана Јовановска може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.