Достапни линкови

Владата донесе антикризни мерки, помош за социјалците, пензионерите, невработените


Маркет во Скопје.
Маркет во Скопје.

Сет на мерки од 350 милиони евра, кој вклучува парична помош за социјални случаи, невработени, пензионери со ниски пензии, најави Владата за справување со последиците од енергетската и економска криза. Помош ќе има и за бизнисот. За овие пари да стигнат до ранливите категории, потребни се законски измени, односно поддршка од пратениците.

Нов сет на мерки со кои ќе им се помогне на најранливите категории граѓани најави на прес-конференција на 9 октомври, премиерот Димитар Ковачевски.

Мерките вредни над 350 милиони евра за справување со енергетската и ценовната криза се донесени на владината седница одржана на 9 октомври.

Дел од овие мерки мора да поминат и собраниски филтер, односно да бидат изгласани од пратениците.

По 3000 денари месечно во наредните четири месеци, или вкупно 12 илјади денари ќе добијат околу 42 илјади граѓани кои користат право на социјална сигурност, луѓе со попреченост, родители на деца со попреченост кои имаат до 26 години, оние кои земаат помош за нега на друго лице, луѓе со потешки трајни промени во здравствената состојба, самохрани родители корисници на минимална помош и невработени лица. За оваа цел се одвоени над осум милиони евра.

Вкупно 6000 денари за четири месеци, или по 1500 месечно ќе има за пензионерите кои земаат околу 11 илјади денари пензија, а тие се 91 илјада. Помош од 1000 денари месечно во следните четири месеци ќе добијат и пензионерите што земаат од 11 до 14 илјади денари пензија. Во таа група има околу 66 илјади пензионери. За оваа мерка за пензионерите се издвоени над 12 милиони евра.

Прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски на која го презентираше новиот пакет антикризни мерки во вредност од над 350 милиони евра.
Прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски на која го презентираше новиот пакет антикризни мерки во вредност од над 350 милиони евра.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на 7 октомври соопшти дека синдикалната минимална кошница за септември изнесува 50.224 денари или 816 евра. Просечната плата во земјава е 500 евра.

Државниот завод за статистика објави дека трошоците на животот во септември годинава во однос на септември лани се зголемени за 18,7, а цените на мало за 14,7 проценти.

Владата ќе обезбеди и помош за образовните и јавните здравствени установи. Школите ќе бидат на регулиран пазар на струја, за што се обезбедени милион евра. Со ова мерка се опфатени 365 основни и 109 средни училишта. А јавните здравствени претпријатија ќе набавуваат струја од ЕСМ по далеку пониска цена од берзанската. Досега здравствените установи плаќаа берзанска цена за струја.

Ќе има и струја за мерни станици на пумпи за вода, по поволна цена од берзанската, за да не останат без вода граѓаните кои се снабдуваат со пумпи.

Најавена е и помош за приватниот сектор, со поповолни кредити, субвенционирање на проекти за енергетска ефикасност и забрзан поврат на ДДВ.

„Никого нема да заборавиме и да оставиме сам да се справува со последиците од кризата. Кризата ќе ја пребродиме сите заедно, рече Ковачевски на прес-конференција по редовната 88. владина седница.

Ако ФЕНИ работи би трошело 40 илјади евра струја на час
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:11 0:00

На прес-конференцијата, која започна 40 минути подоцна од најавеното, премиерот рече дека очекува пратениците да ги изгласаат законите со кои ќе се овозможи овие антикризни мерки да стигнат од најранливите категории. Премиерот вели дека во неделата што е пред нас ќе ги достават предлог мерките до Собранието.

„Очекувам и верувам дека сите пратеници ќе бидат на ниво на задачата и ќе ги усвојат измените што значат помош за пензионерите и ранливите категории граѓани. За Левица не можам да потврдам, не сум сигурен, зашто ним соседните земји и ЕУ не им се партнери, истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата.

На прес-конференцијата во Владата присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министрите за економија и за финансии, Крешник Бектеши и Фатмир Бесими, како и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Прес-конференција претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски.
Прес-конференција претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски.

Бектеши бил на средби со контактите на Мицкоски, се очекуваат конкретни понуди за набавка на енергенси

Министерот за економија Крешник Бектеши одговарајќи на прашања, рече дека бил на средба во Белград, со контактите што ги даде лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Мицкоски и неговиот економски тим понудија контакти преку кои може да се обезбедат енергенси за земјава.

За набавката на гас, Бектеши рече дека станува збор за фирма регистрирана во Швајцарија, а се работи за претприемачи од Србија, од Босна и Херцеговина и Словенија и се работи за гас кој доаѓа од Руската Федерација или директно од Гаспром.

За набавка на мазут, пак, се работи за компанија од Босна и Херцеговина и ги очекувам нивните понуди, рече министерот.

„Ние бараме, за државата да биде сигурна, да се достават контра банкарски гаранции за испорака и за цена и секако дека се почитуваат законските одредби на нашата држава. Кога ќе ги имаме понудите, ќе ја известиме јавноста дали ќе бидат прифатливи или зошто не се“, изјави Бектеши.

Тој најави дека од 1 декември ќе има посебна мерка за помош на производителите на леб, масло и други основни прехранбени производи.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG