ЕУ е најдобрата опција за нас, но патот кон Унијата е неправедно блокиран. Ако цената на евроинтеграциите е нашиот идентитет, тогаш нема политичар што тоа може да го прифати, порача претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците во Парламентот.
„Немаме дилема околу тоа дека европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но тие секако имаат своја цена. Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции“, рече Пендаровски.
Тој побара внимателен и обмислен пристап во преговорите со Бугарија, која ги блокира македонските евроинтеграции и порача дека „брзањето не е секогаш најдобриот сојузник“.
„Во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани“, рече Пендаровски.
Тој рече дека дека загрижува реториката во Бугарија „која ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет“.
„Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација што е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста. Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји-членки на Европската унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои, би бил рамен на геноцид“, рече Пендаровски.
Тој не се согласува дека статус-квото со ЕУ ќе предизвика безбедносна дестабилизација на државата, но имајќи го предвид искуството со грчката блокада, нагласи дека е можно демократско назадување.
Во обраќањето пред пратениците, кое го почна со едноминутно молчење во знак на почит за жртвите од автобуската несреќа во Бугарија, пожарот во модуларната болница во Тетово и починатите од коронавирус, Пендаровски рече дека владеењето на правото треба да биде приоритет, без разлика на приближувањето до ЕУ.
„Единствениот начин да ја вратиме довербата во институциите е да имаме правна завршница во секој случај каде што постои сомневање за сторени кривични дела. Големата автобуска несреќа во која загинаа 45 наши граѓани е само последниот во низата вакви случаи. Доколку овој, како и некои претходни случаи не добијат судска завршница во разумен рок, недовербата на граѓаните само ќе расте. Општество со такви тенденции е плодна почва за појавата на авторитарни и популистички лидери кои наместо квалитетен процес ветуваат „брза и ефикасна“ правда. Неселективноста во владеењето на правото и одговорноста е најдобриот начин да ја надминеме општествената апатија која се шири и разочарувањето, особено меѓу помладите, кои не веруваат дека некогаш во оваа држава може да има правда“, рече Пендаровски.
Тој повика да продолжат вложувањата во одбраната и безбедноста, потсетувајќи дека Армијата беше ангажирана и во гаснењето на пожарите летоска, како и во справувањето со пандемијата. Исклучително е важна департизација на институциите во сферата на одбраната и безбедноста, посочи тој.
Пендаровски рече дека следната голема реформа во одбраната треба да биде соочувањето со сајбер заканите и дезинформациите. Безбедносен предизвик може да бидат и големите инвестиции во инфраструктурни проекти, рече тој.
„Државата има обврска сите најави за големи странски вложувања да ги проверува и од безбедносен и од стратешки аспект, независно колку тие изгледаат економски атрактивно на прв поглед“, рече Пендаровски.
Тој рече дека наспроти сите проценки и очекувања дека регионот е неповратно поставен на западната патека, тенденциите во последниве години покажуваат значителен пад на поддршката за европските интеграции и отворање на просторот за екстра регионалните играчи со вредности кои не се компатибилни со евро-атлантските. Тоа го отвора просторот за националисти и популисти кои ветуваат инстант решенија за клучните проблеми, рече Пендаровски.
Претседателот повика и на зголемени инвестиции во културата.
Во однос на повлекувањето на премиерот Зоран Заев, претседателот Пендаровски рече дека се работи за чин што треба да се поздрави.
Левица бојкотира, за ВМРО-ДПМНЕ Пендаровски одржал невпечатлив говор
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски оцени дека обраќањето на претседателот Пендаровски било „предвидливо, невпечатливо и без изненадувања“.
„Пендаровски не направи ниту еден потег со кој ќе одигра за интересите на Македонија, тој игра само на страната на Заев. Пендаровски не направи ниту еден чекор со кој ќе покаже дека е претседател на сите граѓани. Пендаровски е спореден актер во театарот на заевизмот“, рече Мисајловски.
Пратеникот Фадиљ Зендели од Беса рече дека Претседателот само ја констатирал ситуацијата со неказнивоста, но оти ништо не се менува.
Опозициската Левица го бојкотира обраќањето на претседателот, зашто тој досега ги одмолчил „испадите на балкански соседи со кои се негира постоењето на македонската нација и на македонскиот јазик“.
Арбер Адеми од ДУИ рече дека се согласува дека патот кон ЕУ е неправедно блокиран, но оти треба да останеме посветени на реформите.
Јован Митревски од СДСМ оцени дека говорот на Пендаровски бил таков како што доликува на државник и покрај несогласувањата за сите теми.