Достапни линкови

Предан - Време е конечно да испратите амбасадор во Софија


Предан - Треба да се разговара за историјата во македонските и бугарските учебници
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:09 0:00

Предан - Треба да се разговара за историјата во македонските и бугарските учебници

Мислам дека е време Северна Македонија конечно да испрати амбасадор во Софија. Мислам дека тоа секако не помогна, да се нема амбасадор и силно дипломатско претставништво во Софија, секако беше причина што можеби комуникацијата не беше како што треба, и не треба да биде кој било, вели словенечкиот амбасадор Милан Предан во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Амбасадоре Предан, Советот за општи работи на ЕУ повика на што е можно поскоро одобрување на преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија. Но, и покрај оптимизмот во Брисел, во земјава ова се доживува како уште едно одложување на македонските интеграции. Со таквата одлука се наруши ли дополнително кредибилитетот на ЕУ, а истовремено ќе се зголеми ли и евроскептицизмот?

Би почнал со попозитивната страна на неодамнешните средби во Брисел. Заклучоците за проширувањето беа усвоени. Да се потсетиме, минатата година тие заклучоци не беа усвоени, бидејќи немаше консензус меѓу сите земји членки. Овој пат тоа се случи, што значи дека процесот на проширување е сè уште жив. Сега јас мислам дека втората позитивна работа од неодамнешните средби на Советот за општи работи е отворањето на ново поглавје во преговорите со Србија. Знаете дека речиси две години ниту Србија, ниту Црна Гора отворија некои поглавја. Така што сега го отворија кластерот 4 за зелената агенда и мислам дека и ова на некој начин е сигнал дека процесот на проширување и процесот на преговори се движи напред. Сега целосно сме свесни дека има големи очекувања овде во оваа земја дека нешто позитивно може да се случи во однос на почетокот на преговори со Северна Македонија. Се сеќавате кога имавме интервју на почетокот на нашето претседателство кажав дека не може да ветиме некои политички чуда, бидејќи бевме свесни дека реалноста не работи во корист на нашиот напор да се донесе овој процес кон успешен крај. Но, ние ветивме дека ќе работиме напорно на ова прашање. Мислам дека го одржавме ова ветување. Во ред, други може ќе имаат пообјективно вреднување на нашето претседателство. Но, мислам дека направивме сè што можевме во оваа моментална ситуација со цел да ги туркаме овие работи напред. Но, како што кажав, околностите не ни беа во прилог во пронаоѓање на брзо решение. Ние практично низ нашето претседателство од 6 месеци во двете земји имавме предизборен период или избори. Немавме силна политичка влада во Софија. Имавме локални избори тука во Северна Македонија, кои всушност не ја направија актуелната влада силна, туку спротивното. Ако сакате да направите компромис на така тешко прашања ви требаат силни влади на двете страни и ова едноставно не беше случај. Но, верувам дека ние за време на нашето претседателство го подготвивме теренот за претстојното француско претседателство да оствари напредок. Претседателот Макрон веќе објави дека е подготвен да свика конференција на крајот на нивното претседателство на односите меѓу ЕУ и Западен Балкан и имавме најава од Французите дека и тие ќе занимаваат со ова прашање. И покрај ситуацијата во која ќе бидат со претседателските избори во април, мислам дека препознаа колку е важно да се направи овој процес на проширувањето сигурен и да се одржи жив.

Новиот бугарски премиер Кирил Петков постигна договор со коалициските партнери во Владата за позицијата кон Скопје кој е сочинет од 9 точки. Колку со ваквиот договор се продлабочува спорот меѓу Бугарија и Македонија?

Не сум во позиција да го коментирам коалицискиот договор на бугарската влада. Јас верувам дека ние не треба да мислиме на негативните сценарија. Мислам дека земјите од ЕУ беа сведоци на многу негативни сценарија во изминатите години и треба да се обидеме да мислиме позитивно за работите. Јас мислам дека има некои позитивни објави од бугарската страна што некако најавува попрагматичен пристап. Во ред, мора да видиме како ќе се развиваат работите. Мислам дека е многу важно овој дијалог со новата бугарска влада да започне што е можно поскоро, бидејќи за да се постигне договор на ниво на ЕУ ќе биде потребен компромис на билатерално ниво. Сега како што споменавме имаме малку несреќна ситуација повторно. Имаме влада во Софија, но, имаме ситуација во оваа земја каде премиерот ќе поднесе оставка што значи дека целата влада ќе поднесе оставка. Ќе имаме тотално нова ситуација и ќе биде потребен најмалку еден месец да се формира нова влада, што значи дека повторно ќе загубиме некое време. Ќе биде многу добро ако ова се случи за време на празниците и до крајот на јануари новата влада на Северна Македонија ќе биде поставена. Тоа секако ќе помогне. Јас мислам дека ова е едно нешто што исто така многу ќе помогне. Мислам дека е време Северна Македонија конечно да испрати амбасадор во Софија. Мислам дека тоа секако не помогна, да се нема амбасадор и силно дипломатско претставништво во Софија, секако беше причина што можеби комуникацијата не беше како што треба и не треба да биде кој било. Сега на оваа земја ѝ треба навистина искусен дипломат кој ќе биде во секојдневен контакт со новата влада, бидејќи ова е единствениот начин да се постигне договор и можеби ова е единствениот начин да се скрати времето. Новата влада на Петков зборува за 6 месеци.

Предолг ли е рокот од шест месеци кој го постави Петков?

Да. Ова е прилично долго време. Јас верувам и ние сме многу заинтересирани тоа да се случи поскоро. Јас не можам да предвидам што ќе се случи. Но, само ако овој дијалог би бил навистина многу интензивен на дневна основа, само на тој начин може да се очекува резултат.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека за првпат Бугарија не можела да најде вина во Македонија. Дали одговорноста за не отпочнувањето на преговорите сега целосно е на Бугарија?

Ние цело време зборува за дијалогот. За дијалог се потребни двајца. Мислам дека не е релевантно прашање кој е поодговорен за постигнувањето на договор или кој е помалку одговорен. Во секој случај целосно сме свесни дека ова нема да биде лесна задача, да се дојде до договор на навистина тешки прашања. Но, ние ја гледаме шансата за договор преку различен пристап кој го најави премиерот Петков. Тоа значи дека не треба да зборуваме само за историја, бидејќи ако погледнеме сега како историската комисија работи во овие изминати две години и нема многу надеж дека ќе има некаков напредок. Ако го смениме фокусот на целиот дијалог од историјата, идентитетот и јазикот до многу практичните области, инфраструктура, култура, медиуми, образование мислам дека тогаш имаме шанса. Ако има добар договор за овие области тогаш можеби ова ќе ја смени атмосферата и ќе има поголема взаемна доверба. Тогаш во ситуација со поголема взаемна доверба е исто така полесно да се решат такви праша како историјата. Можеби барем да се разговара за тие прашања во порелаксирана и попријателска атмосфера.

Кога сме кај историјата, Петков изјави дека треба да се зборува и за македонските учебници во кои се тврди дека Бугарите биле фашисти. Прифатливо ли е за земјите членки на ЕУ да се отвора прашањето за улогата на Бугарија во Втората светска војна како услов за започнување на преговори со ЕУ?

Во вашето прашање веќе има дел од одговорот. Јасно е врз кои вредности ЕУ и поствоена Европа е изградена и поделбата на историјата на Втората светска војна секако не е меѓу тие вредности. Но, од друга страна немам увид што е напишано во учебниците во Бугарија за Македонците и што е напишано во македонските учебници за Бугарија, но, претпоставувам дека не сè што е напишано е фер и го третира соседот на фер начин. Мислам дека ќе биде добро да се погледнат тие учебници и да се види дали ќе може да се обнови оваа заедничка доверба со некое взаемно прифатливо решение. И јас ќе потсетам дека имаше и други примери во Европа кога учебниците, поделбата на учебниците беше еден од многу важните делови на помирувањето меѓу Германија и Франција по Втората светска војна. Така што, ова не е нешто што ќе биде ново. Мислам дека имаше обиди да се направи нешто слично во Западен Балкан, во овој регион, што беше помалку успешно. Но, јас мислам дека оваа тема за учебниците не треба да биде политичко табу. Мислам ова е прашање за кое исто така треба да се разговара. Но, како што кажав, зборуваме за учебници на двете страни. Не само на една страна.

Од јануари Франција го презема претседателството со ЕУ од Словенија. Постои ли француска иницијатива за надминување на спорот меѓу двете земји. Македонските власти тврдат дека постои, а бугарските демантираа?

Јас не сум запознаен со тоа. Она што јас знам и што е најважното е дека француското претседателство, како што веќе споменав, ја изрази својата подготвеност да се справи со проблемот исто така за време на нивното претседателство и како тие ќе се справуваат со него е на нив.

Во заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ се потврдуваат наводите од извештајот и посебно акцент се става на реформите во судството. Дали државата најмногу потфрла во спроведување на овие реформи?

Навистина не би било фер да се каже дека ништо не е направено. Јас мислам сигурно дека имаше направено напредок, што исто така беше наведено и од Европската комисија. После сè имавте некои многу високопрофилни случаи со многу пресуди, кои на некој начин ја демонстрираа подготвеноста на државата да оди навистина подлабоко во овој процес, но вие знаете подобро од мене дека има многу повеќе да се направи во однос на независноста на судството и во однос на борбата против корупцијата и во многу области и може да додадам дека Словенија со нашата помош, техничка и развојна помош многу ги фокусираме нашите проекти во Северна Македонија на тие области, таканаречените поглавја 23 и 24. Тоа се поглавјата за владеење на право кои со новата методологија се нешто со што ЕУ ќе почне и ќе ги заврши преговорите. Така што тоа е многу важна тема.

Колку внатрешните проблеми на ЕУ со земјите членки како Полска и Унгарија ја оддалечуваат унијата од процесот на проширување бидејќи впечатокот е дека фокусот е ставен на нив?

Јас би рекол дека институциите на ЕУ се доволно силни да се справат и да надминат некои повремени недоразбирања меѓу Брисел и одредени земји членки. Се случува во секое семејство. Она што мислам дека е важно е дека ЕУ преживеа и беше сведок во последниве децении на многу кризи. Имаше финансиска криза. Имаше миграциска криза. Сега ја имаме ковид кризата и ЕУ е сè уште тука. Сè уште функционира. Сè уште е најдоброто место за живеење на земјата. Така што кога се повикувате на проблемите во тие две земји, мораме да запомниме дека тие две земји се едни од најголемите поддржувачи на проширувањето на ЕУ. Двете земји исто така многу придонесуваат за целосниот економски перформанс на ЕУ и тие прашања всушност немаат никаква врска со проширувањето, бидејќи таканаречениот замор од проширувањето дојде години наназад. Тој веќе беше таму дури и пред да се случи последното проширување во 2013 година кога Хрватска се приклучи. Така што ова не е нешто што се случи вчера. Да се вратам на вашето прашање, јас би рекол не.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG