Достапни линкови

Партиски покер за уставни измени


Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Димитар Ковачевски
Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Димитар Ковачевски

Која и каква Влада ќе ги предложи уставните измени за вметнување на Бугарите во Преамбулата и дали прво ќе се донесат во Собрание уставни измени или ќе има предвремени избори се клучните прашања по вчерашната лидерска средба на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Брзиот позитивен одговор на Демократската унија за интеграција( ДУИ) на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за широка владина коалиција без ДУИ во замена за гласање на уставни измени го крена политичкиот влог на „покерската маса“ за предвремени избори.

По лидерската средба меѓу претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски на која беа разгледувани неколку предлози, може да се заклучи дека согласност за внесување на Бугарите во преамбулата има. Но, сега се отвара прашањето која и каква Влада ќе ги донесе уставните измени, како и прашањето дали прво ќе има уставни измени или предвремени избори.

За донесување на уставни измени во Собранието е потребно двотретинско мнозинство во 120- члениот Парламент кое актуелното владејачко мнозинство сега го нема.

Трите најголеми партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат секоја различно сценарио како да се одвива усвојувањето на уставните измени и нивно стапување на сила и одржувањето на избори.

Три варијанти за уставни измени и избори
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Сите согласуваат дека по лидерската средба има поместување на ставовите на двете спротивставени страни за изнаоѓање на форма со која ќе се одблокира евроинтегративниот пат, вели политичкиот аналитичар Сефер Селими.

„Мислам дека прво ќе се случат уставните измени. После тоа е дали ќе имаме одложена влада со широка коалиција со ВМРО- ДПМНЕ во таа влада минус ДУИ кои експресно ја прифати понудата, и со тоа го стави во непријатна позиција и без малку ги остави без добро образложение зошто не би подржале уставни измени кога знаеме дека еден од условите е исполнет“ вели Селими.

Ова значи дека ДУИ ја префрли „топката “ во рацете на ВМРО-ДПМНЕ кои би требало да направат измени во условите за да се изнајде некаков компромис. Според Селими во наредните неколку дена ќе стане јасно дека ова е добра отскочна рампа за ВМРО-ДПМНЕ за излез од ќорсокакот на партијата и на државата.

Професорот по уставно право и политички систем Александар Спасеновски, кој е и поранешен пратеник, вели дека неблагородно е да се прогнозира што би било прво, оти не може да се предвиди текот на настаните.

„Според мене за поздравување е преземената одговорност од клучните политички лидери на државата да разговараат и да се обидат заеднички да најдат решенија за проблемите на државата. Но, како што знаете, во политиката ништо не е готово, додека сè не е готово“, вели тој во интервју за Радио Слободна Европа кое в целост ќе биде објавено в недела.


Новинарски прогнози за можните исходи

Новинарите кои ја следа лидерската средба велат дека е тешко да се прогнозира што ќе се случи прво дали предвремени парламентарни избори или гласање на Уставни измени, затоа што сега следуваат политички калкулации во кои влегуваат и претседателските избори кои треба да се случат напролет догодина.

Каква е проценката на новинарите: Што ќе биде прво, уставни измени или избори?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:38 0:00

За Слободанка Јовановска од „Независен“ потребно е прво да се донесат уставни измени.

„Преговорите се поважни од изборите“ вели таа.

Нејзиниот колега од порталот Република Предраг Димитриевски не се согласува со неа.

„ Ако се рационални политичари, и од власта и од опозицијата мислам дека прво треба да идат на проверка кај граѓаните, па понатаму се друго да се прави“, вели тој.

Новинарката Катерина Нешкова смета дека не се исклучуваат една со друга двете опции.

„Тоа ќе зависи од политичкиот договор, можни се и прво уставни измени па предвремени избори и обратно. Навистина тешко е да се прогнозира“ додава таа.

Роковите ги „замрсуваат“ картите

За да може Македонија да продолжи преговорите со Европската Унија, потребно е по завршувањето на скринингот до ноември годинава да се вметнат Бугарите во Преамбулата со што на Втората меѓувладина конференција ќе се отвори и првиот кластер од преговорите.

СДСМ бара прво иницијатива за уставни, па широка коалиција со ВМРО- ДПМНЕ која ќе го затвори процесот со уставните до рокот од ноември па и да отворат некој кластер што го пролонгира датумот за предвремени најрано кон крајот на оваа или почеток на наредната година.

Владиниот коалиционен партнер ДУИ се согласи да оди во опозицијата ама до избори само ако опозицијата прво ги поддржи уставните измени во Собрание и истите стапат на сила пред формирањето на таа влада.

Опозицијата пак, вели прво да влезе во Владата, па ќе понуди поддршка во Собрание за уставните измени ако тие важат кога земјава ќе стане членка на ЕУ. Во спротивно ВМРО-ДПМНЕ нуди три датуми за избори на есен, без да ги прецизира кога, со што се поклопува со рокот за промена на Уставот.

Дополнителен услов на опозицијата е формирање на две влади, односно првата да биде широка коалиција, а втората да биде техничка влада, според Пржинскиот договор за излез од политичката криза во 2015 година. Лидерите тогаш се договорија 100 дена пред избори да се формира техничка влада во која ќе влезат министри од редовите на опозицијата на позициите внатрешни работи, труд и социјална политика и заменици за земјоделство, финансии и информатичко општество.

Како да се добијат политички поени пред избори од уставните измени

Но има и други услови од опозицијата. Во меѓувреме Мицкоски вели дека е подготвен да разговара и да издејствува гаранција од неколку премиери во Советот на Европа во Европскиот парламент да се изгласа потврда односно гаранција за заштита на македонскиот јазик и идентитет.

„И со тој документ да дојдеме пред македонските граѓани и да кажеме дека еве овој пат Европа застанува позади многу вековниот македонски идентитет, култура, традиција обичаи, македонски посебен јазик, и дека овој пат конечно Европа има навистина чиста и јасна цел пред себе, Македонија да биде дел од европското семејство. Потоа да побараме од претседателот на Европската Комисија определен економски пакет за македонските граѓани и бизнисот за процесот на преговори за да може да биде конкретен на европскиот пазар“, изјави вчера Мицкоски.

Аналитичарот Селими вели дека овие услови кои ги поставува ВМРО-ДПМНЕ се алатки за внатрешно добивање политички поени.

„А, од друга страна, мислам дека од самиот премиер беше најавено дека една од големите земји до крајот на јуни ќе гласа резолуција во својот Парламент. Јас претпоставувам дека тоа ќе биде Германија, дека таква резолуција ќе се изгласа во германскиот Бундестаг, со што на некој начин не само неформално од лидерите на ЕУ, туку и со резолуција ќе биде потврдено тоа што веќе е потврдено во преговарачката рамка, а тоа е посебноста на етничките Македонци и македонскиот јазик“ вели Селими.

За опозициските барања вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи праша дали Мицкоски не знае или лошо глуми, бидејќи има нов Економски план за Западен Балкан и за Северна Македонија, кој го објавила претседателката на ЕК на ГЛОБСЕК во Братислава.

Третото барање на Мицкоски е Бугарија до септември да спроведе по свој избор три од шесте правосилни пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на правата на македонското малцинство во Бугарија. Селими за овој услов вели дека е најмал проблем за Македонија затоа што тие правосилни одлуки се во склоп на Советот на Европа, со која Бугарија ќе треба да се соочи.

Во меѓувреме, партиски извори на СДСМ за дел од медиумите најавуваат за утре итни седници на Извршниот и на Централниот одбор на партијата за да дискутираат и да одлучат како ќе продолжат разговорите со Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ по ставовите и предлозите што беа изнесени на вчерашната лидерска средба. Нова лидерска средба не е закажана.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG