Тоа што во некои општини една третина од испитаниците не го знаат името на својот градоначалник, а во ниту една од единиците на локалната самоуправа кои биле вклучени во истражувањето на ИРИ граѓаните не знаеле да ги набројат имињата на пет советници, зборува за потребата од промена на партиските стратегии за комуникација со граѓаните, посочуваат домашните аналитичари.
Ако локалната самоуправа е една од најважните власти и таа е должна да ги решава секојдневните проблеми на граѓаните, тогаш партиите треба да водат грижа за тоа какви луѓе поставуваат за тие позиции, вели аналитичарот Сефер Селими од невладината организација „Демокраси Лаб“. Тој вели дека токму резултатите од анкетата покажуваат дека изборот не бил добар, бидејќи одредени градоначалници не ја завршиле својата работа како што треба.
„Секако дека треба да има драстична промена во начинот на комуникација на општините со граѓаните, но тоа најмногу зависи од човекот кој е на чело на таа општина, која на еден начин е независна од централната власт. Има многу начини како граѓаните да бидат вклучени во донесувањето на заеднички одлуки, алатките се безбројни и има секакви примери и практики во светот, но тоа најмногу зависи од сериозноста и квалитетот на градоначалникот и неговиот тим, вели Селими.
Во анкетата ,меѓу другото, се посочува дека само една петина од испитаниците е задоволна од работата на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, а дури 90 отсто од прашаните во Тетово одговориле дека се незадоволни од работата на градоначалничката Теута Арифи.
Директните средби со граѓаните во секој град и село со лидерот на партијата и неколку луѓе околу него, имаат ефект само во делот на јакнење на партиската база, а не во однос на тоа да е слушнат вистинските барања и потреби на жителите на конкретната општина, посочува Александар Кржалоски, извршен директор на Македонскиот Центар за меѓуетничка соработка. Тој додава дека на партиите им одговора тоа што не постои директна одговорност кон граѓаните кои ве избираат и ним им одговара да остане истиот изборен модел.
„Мислам дека тоа партиите намерно го прават и тоа е една од стратегиите за јакнење на партиите, за сметка на нивните претставници во локалните самоуправи. За жал тоа има два лоши ефекти, ги засилува партиите на сметка на поединците и се намалува одговорноста од директната врска на граѓаните со луѓето кои ги избрале. Кај нас повеќе луѓе гласаат за партијата, отколку за конкретни поединци и затоа мислам дека идејата со отворени листи е подобра, иако не верувам дека ќе се смени нешто повеќе во делот на одговорноста“, вели Кржалоски.
Токму тоа го покажува и истражувањето во кое колку и да звучи нелогично граѓаните кои одговориле дека не се задоволни од работата на својот градоначалник, сепак одговориле дека повторно би гласале за партијата што ги предложила.
Неисполнетите ветувања на градоначалниците актуелни и оваа предизборна година
Тоа што граѓаните не ги знаат своите општински советници според Селими не е резултат на апатијата која постои кај народот, туку како што вели тоа значи дека советниците не си ја вршат добро својата работа.
„Јас сум сигурен дека граѓаните не би можеле ни повеќе од 10 пратеници да набројат, поради тоа што на еве на пример од целокупната бројка на советници вие имате само еден или двајца активни во работата на советите, а другите се машинерија за гласање која само ги одобрува политиките на градоначалникот пред да даваат некој значителен придонес во креирањето на политиките“, заклучува Селими.
Ова предизборно лето аналитичарите очекуваат да биде исполнето со веќе видената сценографија на политичките партии. Партиски активисти растрчани од една општина до друга, екипирање на тимовите, ќе се прават последните напори да се завршат ветените, а нереализирани проекти, ќе се слуша веќе познатата реторика и старо-новите ветувања на партиите.
За разлика од Македонија, последните локални избори во Хрватска на пример, покажаа дека граѓаните можат да ја стават личноста пред партијата. Па така во најголемите хрватски градови Загреб и Сплит не победија избраниците на најголемите партии. Кандидатот на зелените и левата опција Мирослав Томашевиќ ја доби довербата на Загрепчани, а во Сплит победи кандидатот на партијата Центар, Ивица Пуљак, со 59,82 насто од гласовите.