Членовите на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање денеска, зад затворени врати, ја одржуваат седницата на која директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски ги информира за приемот на работници од поранешната Управа за безбедност во новоформираната Агенција за национална безбедност. Пред почетокот на седницата на собраниската комисија никој од нејзините членови не даде изјава.
Непосредно пред одржувањето на седницата на комисијата, пак, вчера членот на оваа и на другата комисија за селекција на кандидатите за новата агенција Трајчо Димков си поднесе оставка и го оспори процесот за кој денеска во Собранието реферира Димовски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ го извести премиерот Зоран Заев дека изборот на кадри кои од расформираната УБК ќе преминат во новата АНБ бил компромитиран од почеток и се основал, како што пишува, на субјективни па дури и политички критериуми, наместо по слово на законот. Димков тврди дека не се реализирал тестот за интегритет кој требало да се спроведе соогласно законот за АНБ, ниту се постапило согласно информацијата на Државната комисија за спречување корупција во однос на судир на интереси при вработувањето.
„Исто така, од неразјаснети причини не се реализираше ниту предвиденото полиграфско тестирање. Клучен момент при селекцијата беше и оценувањето на вработените од страна на нивните претпоставени. Тука беше спорен и кредибилитетот на оценувачите и нејасните критериуми за оценување“, наведува Димков.
Директорот Димовски, пак, го означи почеток на работата на Агенцијата за национална безбедност на први септември и тогаш рече дека била направена селекција на вработени од УБК и оние кои ја поминале ќе работат во новата Агенција, но потоа следуваа обвинувањата од опозицијата за процесот на вработувања.
Според ВМРО-ДПМНЕ „тоа што Заев го направи со СЈО, сега го прави и со Агенцијата за национална безбедност“.
„Наместо професионализација, стандарди и систем на кариера, критериумите што ги воспоставуваат за влез и распоредување во новоформираната Агенција се партиска книшка, роднинска поврзаност и по можност инволвираност во криминал за да може да бидат уценувани за извршување на партиски задачи“ рече Орце Ѓорѓиевски.
Од опозицијата прашуваат и дали меѓу селектираните лица имало и со криминални досиеја и лица кои биле предмет на опсервација на поранешната УБК.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пак, информираше дека за околу 50 вработени од поранешната УБК бил утврден т.н. безбедносен ризик за работење во безбедносните служби и ќе мора да го напуштат МВР. Спасовски тврди дека тие службеници би се распределиле во други државни институции.
Членови на собраниската комисија покрај Трајчо Димков се и претседателот на оваа комисија Трајко Вељаноски, Иван Иванов, Благица Ласовска и Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ, како и Фросина Ременски, Тања Ковачев, Мухамед Зеќири, Јован Митрески и Татијана Лалчевска од СДСМ,и Ејуп Алими од ДУИ.