Речиси два месеци на располагање за да се попишат онлајн ќе имаат иселените од земјата. Македонските државјани коишто се во странство ќе може да се самопопишат преку апликација на Заводот за статистика која ќе функционира од 1 март до 21 април. Оние кои се подолго од една година надвор од државата ќе влезат во групата нерезиденти. Пописот во земјава треба да се спроведе од 1 до 21 април, а за одредени групи граѓани ќе има претпопис од 1 до 15 март. За тоа зошто ѝ е оставено толку време за самопопишување на дијаспората, директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски вели дека информациите за пописот во странство стигаат многу потешко, отколку во земјава.
„Тука можеме да ги организираме сите начини на информирање на населението, надвор е многу потешка ситуацијата, мораме да ги користиме начините на информирање преку интернет, преку нашите дипломатско конзуларни претставништва и тука веќе ни се ограничуваат можностите, затоа даваме поголем временски простор за да добијат повеќе информации. Ние сакаме да направиме што е можно поголемо покривање на овие луѓе со самопопишувањето и да собереме што е можно повеќе информации“, вели Симовски за РСЕ.
Останува опцијата да ги попише и некој близок во државата
Иселените, освен преку апликацијата, ќе може да се попишат на тој начин што за нив податоци може да даде полнолетно блиско лице, но само доколку ги знае сите податоци. Доколку, пак, одговорите се некомплетни системот нема да ги прифати и попишувањето нема да биде успешно. Лицето кое дава податоци за друг човек гарантира за кажаното со својот матичен број. За да може некој што е во странство да биде попишан во земјава доволно е да се знае единствениот матичен број, не треба да се приложуваат дополнителни документи. Информациите дека тие што немаат валиден пасош нема да може да се попишат не се точни. Ако некој се самопопишал преку апликацијата на интернет и има обид друго лице да даде податоци за него во земјата, тогаш ќе бидат земени предвид оние податоци од самопопишувањето, вели Симовски.
„Матичниот број е клуч за пописот. Секое двојно, тројно или повеќекратно попишување веднаш се регистрира и не е никаков проблем да се утврди, да се земат податоци од таму каде што се најточни“, вели тој и додава дека светските искуства говорат дека е доволно да се даде само датум на раѓање, но заради двојното и повеќекратно попишување во земјата е прифатено тоа да се прави со матичен број.
Пописот ќе се спроведува по комбиниран модел - теренски ќе се прибираат податоци со интервју „лице в лице“, а ќе се користат и бази на податоци од девет институции. Хартијата оди во историјата, па одговорите на прашањата наместо да се запишуваат на хартиени обрасци, се внесуваат во лап-топи. Со внесувањето на матичниот број на тој што се попишува во компјутерот се преземаат податоците од достапните бази и дел од прашањата за кои има одговори во тие бази, автоматски ќе се пополнат. Доколку податоците кои се даваат се неточни или непотполни апликацијата не може да се затвори, со што лицето не може да биде попишано. Давањето лажни податоци или одбивањето да се дадат информации се казнува. Казните изнесуваат од 200 до 300 евра.
Етничката и верската припадност попишувачот не смее да ги сугерира
Графите за етничка и за верска припадност изразуваат лично чувство и најдобро е да се дадат лично или тоа да го стори лице кое добро го познава тој за кого дава податоци. За овие категории попишувачот не треба да ги чита понудени одговори, не смее ништо да сугерира, туку само да го внесе одговорот, а доколку го нема како понудена опција, треба да го допише текстуално, а како одговор може да се впише и „не се изјаснил“.
Системот и апликацијата се безбедни од надворешни напади
Директорот на Државниот завод за статистика, вели дека максимално се внимавало на безбедноста на системот преку кој ќе се врши пописот во земјата за да не може никој од страна да влезе и да интервенира. А и базите на податоци се заштитени со сите можни мерки, вели Симовски.
„Тука сме во комуникација за постигнување на сите максимални стандарди со Дирекцијата за заштита на лични податоци и сè она што значи ИТ безбедност е земено предвид. Истото се однесува и за апликацијата за самопопишување, која има посебен начин на заштита и којшто е применет максимално“, вели директорот на Заводот за статистика.
Пописот е неопходен за да се знае колку луѓе ја напуштиле земјата
Не се знае колку луѓе точно ја напуштиле земјата во последните години, оти ретко кој пријавува дека е иселен. Симовски вели дека сепак Заводот не е полициски орган, но тоа што не се знае колку се иселени е реален проблем, па токму затоа овие луѓе се влезени во пописот, оти таква бројка е потребна, потребни се сите податоци за нив, нивната структура, каде и кога заминале, какви квалификации имаат, а пописот е единствената можност да се приберат сите тие податоци.
„Па на крајот некој друг, покомпетентен од нас, кога ќе ги прибира сите тие информации да види зошто тие луѓе отишле, па да се креираат политики барем да се стопира таа миграција и евентуално да се створат услови дел од тие луѓе да се вратат назад. Не знам зошто некои ова го поврзуваат со сосема други глупости, нашата намера е единствено оваа - да се приберат податоци. Нам ни требаат тие податоци како држава, како земја за да креираме квалитетни политики, па и за тие луѓе, тие се наши државјани“, вели Симовски.
Тоа апелира сите да се попишат, оти пописот е во интерес на сите, а доколку некој одбие да го стори тоа, тогаш, како што вели, тоа ќе биде зијан за сите.
Паралелно со подготовките за пописот течат и партиските препукувања. Премиерот Зоран Заев вели дека пописот треба да се заврши како што е планирано. ВМРО-ДПМНЕ, пак, бара пописот да се одложи до април следната година, доколку не може тоа, пописот да биде целосно електронски, а при пописот да се користи и земање на отпечатоци од прстите. Партијата најавува дека ќе собира потписи со кои ќе побараат да се укине Законот за попис.
Последниот попис во државата се спроведе во 2002, а обидот за попишување во 2011 пропадна поради политички несогласувања.