Достапни линкови

Кревкото мнозинство и натаму стабилно


Собраниска седница за избор на нова Влада на Република Северна Македонија. 30.08.2020.
Собраниска седница за избор на нова Влада на Република Северна Македонија. 30.08.2020.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека разговараат со пратениците од помалите коалициски партнери на СДСМ за ново владино мнозинство, а од СДСМ тврдат дека сегашното мнозинство е стабилно. Во меѓувреме, не се знае кои седум пратеници од мнозинството не гласаа против интерпелацијата за вицепремиерот Димитров.

Една недела главна тема за расправии меѓу мнозинството и опозицијата е бројот на пратеници кои се уште ја поддржуваат владата. Темата ја наметна ВМРО-ДПМНЕ откако седум пратеници од владејачкото мнозинство минатата недела не гласаа против интерпелацијата за вицепремиерот Никола Димитров која ја поднесе нивната пратеничка група.. Резултатот 55 „против“ интерпелацијата и 53 „за“ опозицијата го користи за да тврди дека владејачкото мнозинство е разнишано.

Кои се седумте пратеници кои не гласале официјално, пак, не се знае. На собраниската интернет страница го нема списокот на пратеници кои гласале, а кој вообичаено се објавува.

Од собраниските служби велат дека списокот го нема затоа што во салата во која се одржуваат седниците поради пандемијата со коронавирусот нема систем за електронско гласање каков што има во салата наменета за пленарни седници, па поради тоа немаат таква евиденција, туку само се бројат пратениците кои гласаат за, против и воздржано.

Кревкото владејачко мнозинство од 62 пратеника, само за еден повеќе од потребните 61, е тема за која зборуваат од ВМРО-ДПМНЕ уште од неговото формирање. Неколкупати, најчесто потпретседателот на опозициската партија Александар Николовски најавуваше ново мнозинство, кое би го формирале тие. По гласањето за интерпелацијата на Димитров, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека „она што се покажа на интерпелацијата е дека Заев ја нема довербата од 62 пратеника, прашувајќи дали тие шест или седум пратеника ќе гласаат друго парламентарно мнозинство или друга влада набргу.

Николовски сега, по гласањето за интерпелацијата не открива дали парламентарното мнозинство го бараат меѓу тие седум пратеници, но за РСЕ прецизира со кои структури разговараат.

„Интензивно разговараме со пратеници од владејачкото мнозинство кои не се од СДСМ туку се дел од владејачката коалиција и се незадоволни од економската ситуација во државата, состојбата со корупцијата и застојот во европските интеграции“, вели Николовски.

Од СДСМ ваквите тези ги отфрлаат и нагласуваат дека при гласањето за интерпелација, подносителот, во овој случај ВМРО-ДПМНЕ треба да обезбеди мнозинство од 61 за да им помине иницијативата, а не тие. Инаку од партијата тврдат дека парламентарното мнозинство е стабилно.

Партијата на Турците засега останува со владејачкото мнозинство

Гласините за проблеми во владејачката коалиција деновиве, пак, дополнително се разгореа и откако Партија за движење на Турците на локално ниво во градот Радовиш одлучи да го напушти владејачкото мнозинство со СДСМ.

Лидерот на партијата Енес Ибрахим, кој е и пратеник во парламентот од коалицијата со СДСМ вели дека одлуката била донесена поради недемократскиот однос на градоначалникот на Радовиш Герасим Конзулов, кој пак, е член на СДСМ. Ибрахим во изјава за Радио Слободна Европа го нарекува Конзулов локален шериф кој се обидувал да ја маргинализира турската заедница.

„Ова е сигнал и до сите градоначалници и функционери бидејќи ние веруваме во концептот едно општество, веруваме во еднакви можности и нема да дозволиме некој локален шериф да ја маргинализира турската заедница“, вели Ибрахим.

Ваквите тврдења ги негираше Конзулов и тврди дека сето ова е да се наруши неговиот углед како градоначалник и дека се правело обид да се создадат проблеми таму каде што реално ги немало.

Чести тврдења за окрупнувања

Ибрахими, пак, вели дека за проблемот со радовишкиот градоначалник разговарале и со коалициониот партнер СДСМ но дека со месеци не можело да се најде решение. Сепак, тој нагласува дека засега, како пратеник останува дел од владејачкото мнозинство, додавајќи дека оваа година партијата ќе има изборен конгрес, по кој не се знае каква ќе биде одлуката.

„Сите опции се отворени, конгресна година е“, вели Ибрахим.

Инаку, владејачкото мнозинство од 62 пратеника. Го сочинуваат коалицијата на СДСМ заедно со ДУИ и ДПА. Коалицијата на СДСМ е составена од повеќе партии, па ја сочинуваат 29 пратеници од СДСМ, четворица од Беса, по двајца од ДОМ, ЛДП и НСДП и по еден од Демократскиот сојуз, од ВМРО-НП, Партија на Движењето на Турците, Демократската партија на Турците, Партија на пензионерите, Српска странка во Македонија и еден независен. Оваа предизборна коалиција, која на јулските избори освои вкупно 46 пратеници по нив коалицираше со ДУИ кои имаат 15 пратеници и ДПА кои имаат еден со што се формираше мнозинството од 62 пратеника.

И премиерот Зоран Заев неколкупати тврдеше дека мнозинството ќе се окрупнува за сметка на 58-те пратеници кои сега се опозиција, наведувајќи дека е можно зголемување со од три до шест пратеници кои би ја поддржувале владата. Покрај коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ опозиција во парламентот се и Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG