Достапни линкови

Од депонијата на Југохром скопјани може да останат без вода за пиење


Езерца со црвена и жолта боја покрај реката Вардар создадени од токсичните води од депонијата на фабриката Југохром во Јегуновце.
Езерца со црвена и жолта боја покрај реката Вардар создадени од токсичните води од депонијата на фабриката Југохром во Јегуновце.

Изворот Рашче е под ризик од загадување со токсичен отпад, а владата не презема доволно и долгорочни мерки и покрај тоа што за проблемот знае со години. Во таква ситуација Скопје може да остане без питка вода, затоа што алтернативните извори немаат капацитет да ги задоволат потребите на скопјани за вода.

Над 90 проценти од водата во Скопје доаѓа од изворот Рашче за потребите на над 700 илјади жители. Но, во близина на изворот има околу два милиони тони индустриски отпад кој е во допир со подземните води во околината на изворот, со што постои ризик тој да биде загаден. Станува збор за отпадот кој содржи шествалентен хром од историската депонија на фабриката Југохром.

Докази за ваквата состојбата се наведени во бројни научни студии. Хидрометеролошкиот завод уште пред 30 години доаѓа до податоци дека хромот ги контаминира подземните води кои имаат конекција со Жеденскиот масив, кој пак го снабдува изворот Рашче. Во 2007 година со средства на ЕУ е изработена Физибилити студија која нуди планови за отстранување на ова индустриско жариште и за потребните финансиски средства. Слични студии се изработени со пари на УНДП, Град Скопје и други истражувања, а скоро сите се направени со помош на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Графичка илустрација на големината на депонијата од Југохром
Графичка илустрација на големината на депонијата од Југохром

Депонијата на Југохром е со големина од околу 7 хектари, што е колку 13 фудбалски игралишта. Нејзината просечната висина е 23 метри, што е еднакво на осумкатница. Така изгледа отстранетиот отпад со волумен од 882 илјади метри кубни.

Отпадот од Југохром влегува во подземните води во околината на планината Жеден, во чија близина се наоѓаат и изворите на Рашче. Некои од студиите покажуваат дека дополнителен ризик за изворот се и неколку фабрики во околината кои работат со хемикалии, како и недостигот на канализациски системи од околните села, употреба на вештачко ѓубриво и агрохемикалии за земјоделство и отстранет друг цврст отпад.

Златко Илијовски e геолошки инженер од Градежниот институт на Македонија кој објаснува дека скопскиот водоснабдителен систем се базира на изворот Рашче, а дека останатите проценти се задоволуваат со вода од бунарскиот систем Нерези-Лепенец.

„Индустриската депонија Југохром претставува сериозен фактор за загадување на изворот Рашче. Сите експерти кои работеле на предметната област се единствени и усогласени во ставот дека местото на таа депонија не ѝ е таму и дека кога и да е во иднина може да се случи изворот Рашче да биде загаден со шестовалентен хром. Стравот е поголем што ние немаме алтернатива. Ако дојде до состојба на загадување на изворот Рашче, нашата алтернатива е бунарскиот систем Нерези-Лепенец, меѓутоа тој со целиот капацитет може да задоволи не повеќе од 25 до 30 проценти од вкупните потреби на вода со градот“, вели Илијовски.

Површни мерки на државата

Министерството за животна средина и просторно планирање во одговор за Радио Слободна Европа вели дека презема низа мерки за чистењето на шествалентниот хром, но сепак, според одговорот, тие мерки се краткотрајни и не го решаваат проблемот целосно. Во одговорот се вели дека Министерството сѐ уште разгледува можности за санација на депонијата како „долотрајно решение.

Од институцијата велат дека отстранувањето на депонијата е „една од опциите“ и дека за тоа имало заинтересирани компании, но дека сѐ уште нема компанија со искуство која ќе ги опфати сите аспекти на управување со опасен отпад. За ремедијација на депонијата потребни се 20 милиони евра според студијата на ЕУ од 2007 година, а од МЖСПП наведуваат дека потребните финансиски средства се далеку поголеми, бидејќи таа студија е пред 15 година со тогашни цени на пазарот. Според Минситерството, друга активност е пристапувањето кон измени на Законот за животна средина кој требал да овозможи формална идентификација на контаминираните подрачја на територијата на Македонија.

Фабриката Југохром во Јегуновце.
Фабриката Југохром во Јегуновце.

Инаку, од Минстерството велат дека од 2004 година ја одржуваат пречистителната станица за редукција на шествалентниот хром во која има осум вработени, а за која на годишно ниво се објавува тендер од 15 милиони денари за нејзината работа. Пречистителната станица некогаш работи со помал капацитет поради сложеноста на системот и застареноста на опремата, велат од МЖСПП.

„Работењето на пречистителната станица за намалување на загадувањето од шествалентниот хром е од исклучително значење за обезбедување на чиста, незагадена вода за пиење од изворот Рашче кој се наоѓа во близина на депонијата. Мониторинг на квалитетот на водата за пиење од изворот Рашче врши Град Скопје. Иако досега не е детектиран шествалентен хром во изворот Рашче, контаминацијата од загадување од околината на Јегуновце не треба да се искучи, затоа се преземаат низа активности од страна на МЖСПП“.

Отпадот се раствора од дождовна вода

Професор Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно математичкиот факултет во Скопје работи на бројни истражувња, со чија помош се дефинирани и 16-те еколошки жешки точки во Македонија. Меѓу нив е и депонијата на Југохром.

Еве како е настанат проблемот, објаснува Стафилов: Во 60-те години на минатиот век при топењето на рудата (хром) во топилницата на Југохром, металите во печката се издвојувани во течна фаза, а се друго што останува и не е метал се нарекува троска. Овој отпад потоа се отстранува во посебно одлагалиште за троската, какво што е тоа на Југохром.

Со тоа што Југохром тогаш имал сопствено производство на хром, фабриката произведувала и хромни соли (хемиски соединенија со хром) коишто и денеска се многу барани во кожарската и во други индустрии. Хромните соли се добиваат со растворање на хромот со различни видови киселини, со што се создаваат остатоци од муљ од хромни соединенија, објаснува Стафилов.

Целиот овој материјал се истурал како отпад во депонијата каде сега, според Стафилов, има од 200 до 300 илјади тони хромни соли, во вкупно два милиони тони отпад колку што е отстранет во целата депонија. Овој отпад се раствора од дождовната вода и на тој начин хормот навлегува во подземните води.

„Докажано е дека подземното езеро во Жеденскиот масив, којшто го снабдува Рашче со вода имаат конекција со овие подземни води и со реката Вардар. Тоа значи дека постои голем ризик, така загадени подземни води со шестваленен хром, да навлегуваат во подземјите води на Жеденскиот масив којшто го снабдува Рашче“, вели Стафилов.

Податоците се познати пред три децении

Оваа состојба била утврдена уште во деведесетите години во студија изработена од Хидрометеролошкиот завод, наведува Стафилов. Биле правени бушотини на 60 до 70 метри длабочина и било утврдено дека се присутни многу виски концентрации на шествалентен хром, кој растворен во вода е канцероген за луѓето поради неговата висока токсичност, обајснува професорот.

„Во оваа студија, една од наједноставните и најевтините опции беше отпадот да се покрие со водонепропустлива маса, па колку толку да престане растворањето на овие хромни соли и нивното понирање во подзмните води. Не се преземаа ниту такви мерки, а тоа е најевтината варијанта“, вели Стафилов.

Другата опција е многу скапа, вели професорот. Таа е да биде направена прописна депонија со бетонско дно и изолација од водонепропустливи материјали и потоа целиот отпад во неа да биде профрлен. Исто така, постои и опција отпадот да биде дислоциран, со негово носење на преработка во посебни фабрики.

Депонијата со хром во Јегуновце е дефинирана како еколошка „жешка точка“, која над половина век претставува ризик за животната средина и јавното здравје во Македонија, вклучително и за изворот Рашче кој се наоѓа во истоименото село оддалечено 10 километри од Скопје. Според студиите, изворот има капацитет од 2 до 5 метри кубни вода во секунда која до главниот град се доведува со помош на пумпи.

Министерството за животна средина во март редовно го одбележува Светскиот ден на водите, но прашањето е зошто за државата, за сите досегашни влади, не било и сѐ уште не е приоритет заштитата на овој толку вреден природен ресурс кој е основна човечка потреба и без него опстанокот е невозможен.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG