Достапни линкови

Ова не е иселување, туку евакуација


Илустрација
Илустрација

Во Штип и во Кочани се отпишале околу 1,5 отсто од учениците поради иселување само во текот на првото полугодие. Граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека ова повеќе личи на евакуација отколку на иселување. Бројот на ученици во Македонија во изминатите две децении е намален за 25 проценти.

Секое второ одделение останало со по едно дете помалку во второто полугодие во штипските училишта. Само во првото полугодие, од септември до декември, од средните и основните училишта во Штип се испишале 81 ученици. Од нив, 12 се средношколци, а дури 69 се ученици од основните училишта, изјави Снежана Санева, раководител на Секторот за образование во Општина Штип. Слична е ситуацијата и во Кочани, каде што само во првото полугодие се испишале 63 ученици од околу 2600 основци и околу 1200 средношколци. колку што има во општината.

Тоа значи дека од овие два града се иселиле околу 1,5 проценти од учениците само во едно полугодие. Во основните училишта во Штип има околу 4000 ученици, а во средните околу 2000. Пред две децении во основните училишта во Штип имало над 5200 ученици.

Санева изјави дека 20-30 отсто од учениците не се испишуваат трајно, туку повторно се враќаат на училиште, зашто родителите одат во странство на по еден месец па се враќаат.

Дел од граѓаните велат дека не мора да значи дека сите заминале во странство.

Трети, пак, велат дека печалбарството ниту сега почнало, ниту ќе заврши.

Но, печалбарството не е единствената причина за селење. Некои бегаат за почист воздух, за правна држава, подобри административни услуги, а некои и за лек за да си го спасат животот. На пример, Македонија не им дава лек на болните од цистична фиброза, па мора да бегаат за да преживеат.

Оваа година во Штип се запишаа околу 200 првачиња помалку од предвиденото. Тоа значи дека се иселиле од градот додека да стигнат до училишна возраст.

Во учебната 2020/21 година во Македонија се запишале 186.649 ученици во основните училишта, а на крај на годината имало 185.925 ученици, односно 700 помалку во само една година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

За две децении бројот на ученици во основните училишта се намалил за 25 проценти. Така, во 2000/2001 година имало скоро 250 илјади основци, додека во 2020/2021 имало над 187 илјади. Слична е состојбата и во средните училишта, каде што само во изминатата деценија бројот на ученици е намален за 20 отсто.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG